crkva.zime2.jpg

 Што ќе Ти принесам, Христе? Ти си ни дарувал да се поклониме на Твојот Чесен Крст, на кој е пролеана Твојата пресвета Крв, на кој Твоето Тело со клинци беше приковано. Со љубов го целиваме и Ти благодариме.
Утрена, Крстопоклнона Недела

 

sv.jovan.zlatoust.jpg 

Поуки на светите отци: Да не чекаме до утре, зашто не знаеме што ни носи утрешниот ден, ниту да велиме дека ќе ја победиме гревовната навика постепено, зашто тоа „постепено“ никогаш нема да се соврши...
 Свети Јован Златоуст

 Молитва:
 Господи Исусе, ветивме дека ќе Ти служиме до крајот. Помогни ни, Господи, да го разбереме вистинското значење и духот на пожртвуваноста, зашто го предаваме своето тело, ум и срце, Тебе да Ти служат. Твојот Чесен крст секогаш нека ни биде укрепување и вдахновување наше. Амин.

 Читање од Светото Писмо:
 Исаија 11, 10-16; 12, 1-12
 Битие 7, 11-24; 8, 1-3
 Соломонови Изреки 10, 1-22

 Послание до Римјаните 8, 28-29
 Свето Евангелие по Лука 4, 16-22

 Созерцание: А знаеме дека на оние кои Го љубат Бога, Он на сите им помага на добро.
Послание до Римјаните 8, 28

Подготви:А.Л.


 Од Православен календар на МПЦ    

 Светите Четириесет и двајца маченици од Амореја     19/03/2009

Сите беа војводи на византискиот цар Теофил. Кога царот Теофил ја изгуби битката со Сарацените околу градот Амореја, Сарацените го зазедоа градот, заробија многумина христијани, меѓу кои и овие војводи. Останатите христијани или ги убија или ги продадоа во ропство, а војводите ги фрлија во затвор, каде прележаа седум години. Повеќепати доаѓаа муслиманските првенци и ги советуваа да ја примат мухамеданската вера, но војводите не сакаа ни да чујат. Кога Сарацените им велеа дека Мухамед е вистински пророк а не Христос, војводите ги запрашаа: „Ако двајца се препираат за една нива, па едниот рече моја е, а другиот не, туку моја е, а притоа едниот од нив има многубројни сведоци, другиот пак нема ниту еден освен себеси, што би рекле вие, чија е онаа нива?“ Сарацените одговорија: „Навистина, на оној којшто има многубројни сведоци“. „Право пресудивте“, им одговорија војводите. „Така е и со Христос и Мухамед. Христос има многубројни сведоци - старите Пророци, коишто и вие ги признавате, а тие сите од Мојсеј до Јован Предвесник сведочат за Него, а Мухамед самиот за себе сведочи дека е пророк и нема ниту еден сведок“. Сарацените се засрамија, но повторно се обидоа да ја бранат својата вера на овој начин: „Дека нашата вера е подобра од христијанската се гледа по тоа што Бог нам ни даде победа над вас и ни ги даде најдобрите земји во светот и царство многу поголемо до христијанското“. На тоа војводите одговорија: „Кога би било така тогаш и египетското и вавилонското и елинското и римското идолопоклонство би биле вистинити вери, зашто во различни времиња секој од овие народи ги победуваше останатите и владееше над нив. Очигледно е дека вашата победа и силата и богатството не ја докажуваат вистинитоста на вашата вера. А ние знаеме дека Бог некогаш им дава победа на христијаните, а некогаш допушта над нив маки и страдања за да ги исправи и приведе кон покајание и очистување од гревовите“. После седум години, во 845 година, војводите завршија со смрт под меч. Нивните тела ги фрлија во реката Еуфрат, но испливаа на другиот брег, каде што христијаните ги зедоа и чесно ги погребаа.

Блажениот Јов     19/03/2009

Роден е во Москва во 1635 година. Кон Црквата го привлекоа црковното пеење и богослужбите. Му стана духовник на царот Петар Велики, но заради некоја клевета се оддалечи во Соловецкиот манастир, каде што тврдо се подвизуваше. Се упокои во Господ во 1720 година во својата осумдесет и петта година. Пред смртта возвикна: „Благословен е Бог на нашите Отци! А кога е така не се плашам и со радост заминувам од овој свет.“

 

Посети:{moshits}