markov.prezde11.jpg 

Во ова време на воздржание, Христе, Си засветлил со светлост на воздржание над оние кои во грев одат. Доведи нè до светиот ден на Твоето страдање, за да Ти пееме: Стани, Боже, и помилуј нè.
Утрена, втора недела од Постот

Поуки од светите отци: ...И ќе размислите за секоја заповед и повелба Господова. Ќе се преиспитате еда ли сте прекршиле нешто или превиделе, та да се исправувате во сè.
Свети Григориј Палама

Молитва:
Боже, помогни ни да имаме Христолик дух и здив на љубов, ширум да се отворат дверите на Твојата Црква. Помогни ни со другите да дејствуваме во Твојата љубов, како едно семејство, едно тело, за како чеда Твои, да растеме во Духот на соборноста. Амин.

Читање од Светото Писмо:
Послание Евреите 3, 12-16
Свето Евангелие по Марко 1, 34-44

  Созерцание: Браќа, гледајте, да не би во некого од вас, да има лошо срце за верата, та да отстапи од живиот Бог.
Послание до Евреите 3, 12

 Подготви: А.Л.


 Од Православен календар на МПЦ  

Преподобната маченичка Евдокија

Живееше во феникискиот град Илиопол во времето на царот Трајан. Беше прво голема развратница, а потоа покајничка, испосничка и најпосле маченичка. Од развратниот живот имаше собрано големо богатство. По Божја Промисла пресврт во нејзиниот живот беше направил некој стар монах Герман, и тоа не сакајќи. Дојден по работа во градот, отседна кај еден христијанин чија куќа граничеше со куќата на Евдокија. Кога ноќе тој според својот обичај почна да чита од Псалтирот и од една книга за Страшниот Суд, Евдокија го слушна и ја обзеде таков ужас што остана будна до изутрина. А штом се зазори испрати слуги да го измолат тој монах да дојде кај неа. Герман појде и меѓу нив започна долг разговор за она што старецот го читаше минатата ноќ и воопшто за верата и спасението. Како плод на тие разговори Евдокија го замоли месниот епископ да ја крсти. По Крштението сиот свој имот ѝ го предаде на Црквата за да им се раздаде на сиромасите, ги отпушти своите слуги и робови, а самата се повлече во еден женски манастир. И толку одлучно се посвети на монашкиот живот во послушание, трпеливост, бдеење, молитва и пост, што после тринаесет месеци ја избраа за игуманија. Во манастирот проживеа педесет и шест години и се удостои пред Бога да ѝ даде толкава благодат што и мртви воскреснуваше. Кога извесен кнез Викентиј покрена гонење на христијаните, ја убија и Света Евдокија со меч. Таа е прекрасен пример како еден сад на нечистотијата може да се очисти и да се освети, да се исполни со скапоцен небесен мирис, што е благодатта на Светиот Дух.

Преподобен Агапиј

Беше ученик кај еден духовник во манастирот Ватопед. Го фатија морски разбојници и го продадоа како роб во Магнезија. После дванаесет години доживеа чудесно ослободување со помош на Пресвета Богородица. Своите поранешни господари ги крсти и им стана духовник. Остатокот од животот го мина во подвиг во Ватопед и мирно се упокои во Господ.

Светата маченичка Антонина

Родена во Никеја. Апсена и свирепо мачена за верата Христова. Бог ѝ ја спаси душата и ја прослави занавек меѓу небесните ангели и верниците на земјата.