TVITer27

Учениците од Македонската двојазична програма при училиштето имаа можност да се запознаат со значењето на светите браќа Методиј и Кирил за македонската писменост и култура, преку предавањето што, на покана на училиштето, го одржа отец Гаврил (Галев), игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“ во Кинг Лејк.

Во рамките на средбата, учениците се запознаа со животот и делото на сесловенските просветители, со создавањето на глаголицата и со значењето на словенската писменост, јазик и духовна култура. Отец Гаврил говореше за мисијата на светите браќа Методиј и Кирил, нивниот придонес во ширењето на христијанството, како и за важноста од зачувувањето на македонскиот јазик, вера и традиција меѓу младите генерации во дијаспората.

Инаку, од Македонската православна заедница во Австралија и Нов Зеланд појаснуваат дека Lalor North Primary School претставува еден од најзначајните примери за зачувување на македонскиот јазик и културен идентитет надвор од Македонија. Македонската двојазична програма во училиштето започнала уште во 1984 година и претставува симбол на мултикултурна Австралија, која овозможува негување и зачувување на културните особености на различните заедници.

Повеќејазичното училиште се наоѓа во северните предградија на Мелбурн, каде што живеат голем број Македонци, а во него се реализира двојазична настава на англиски и македонски јазик. Околу 150 ученици се вклучени во програмата од прво до шесто одделение, а покрај македонската, во училиштето се изучуваат и грчкиот и италијанскиот јазик. Преку наставна програма која е блиска до образовниот систем во Македонија, учениците поминуваат од 7,5 до 12 часа неделно изучувајќи македонски јазик паралелно со наставата на англиски јазик.

 

Извор: https://www.facebook.com/share/p/1DsifANu3d/