Божествена Литургија во Водоча (28.08.2023 13:29)
Денес, на празникот на Успение на Пресвета Богородица, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во манастирот „Покров на Пресвета Богородица и свети Леонтиј“, во Водоча. Верниот народ на Литургијата се причести со Светите Христови Тајни.
Во беседата на Литургијата Владиката рече:
„И кога го зборуваше тоа, една жена извика од народот и Му рече: ’Блажена е утробата, што Те носела и градите, од кои си се хранел!‘ А Он рече: ’Да, но блажени се и оние што го слушаат словото Божјо, и го чуваат‘ (Лука 11, 27–28). Богочовекот Христос го потврдува кажаното на жената за Својата и наша Пресвета Мајка, но го потврдува речиси истото блаженство – на новите личносни односи, и за сите оние кои ќе го посакаат тоа. Сите оние кои со вера го примаат словото Божјо, се оние што го слушаат; и до тука изгледа лесно. Но, како се чува? Словото Божјо го чува секој што својот живот го восогласува со истото. Постојат општо и посебно восогласување. Општо восогласување е кога од противприроден начин на живот (невроза, растројство на личноста и демоноопседнатост) преминуваме на првиот степен од природниот начин на живот – очистување на срцето од страстите; тоа значи да учествуваме во Светотаинскиот живот на Црквата (пред сѐ, да сме крстени, исповедани и причестени), да се молиме за сите луѓе – затоа што Христос дојде да ги спаси сите, и да им помагаме на оние страдалници кои Бог ги внесува во нашиот живот. Посебно, пак, восогласување е кога начинот на нашиот живот и подвиг го восогласуваме со степенот на духовниот развој на кој се наоѓаме, како и со местото и улогата што ги имаме во Црквата и општеството – а тоа, пред сѐ, значи да го ставиме нашиот ум во процес на исцеление преку послушание кон духовниот отец; да бидеме ученици, а не „учители“ и „спасители“ на сите. Второво восогласување е процес во којшто повеќето, водени од својата суета, не успеваат“.
http://www.mpc.org.mk/MPC/SE/vest.asp?id=7857