„На 19.4.2022 година, во присуство и со благослов на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“, беше отслужена Литургија на Претходноосветените Дарови, со која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Повардарски г. Агатангел.
По завршетокот на Литургија, Архиепископот г.г. Стефан, Митрополитот г. Агатангел и поранешниот Митрополит Кумановско-осоговски г. Јосиф, се упатија во параклисот при Соборниот храм, кадешто се извршува варењето на Светото миро. Таму, архијереите, прочитаа зачала од Евангелието, по што во котелот во којшто се извршува Мироварението беа додадени маслата со темјанот, смирната и мастикосот. Потем, чредните јереји продолжија со читањето на Евангелието и Мироварението коешто денес ќе заврши пред почетокот на Повечерието.“