cetvrtiakat2022 8Ki

„О севосепеана Мајко, која Го роди Словото посвето од сите светии, откако ќе го примиш овој наш сегашен принос, избави ги од сите напасти и ослободи ги од идните маки, оние кои ти пеат: Алилуја!“ (кондак 13 од Акатистот на Пресвета Богородица).


cetvrtiakat2022 1
 cetvrtiakat2022 2

На 01.04.2022 година, во петокот од Четвртата седмица на Великиот пост, во вечерните часови, во параклисот на светите Пречистански маченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј, во ман. „Пресвета Богородица - Пречиста“ во Кичево, беше отслужено Мало повечерие со Актист на Пресвета Богородица, на кое чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Доситеј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Александар Матески и Александар Крстаноски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Акатистот, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто во целост ви ја пренесуваме.


cetvrtiakat2022 3

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!


Денеска ја отслуживме четвртата статија од Акатистот на Мајката Божја. Природно се поставува прашањето каква поука и надградување треба да извлечеме од оваа служба. Како прво, ние сме должни да ја почитуваме, величаме и усрдно да ѝ благодариме на Пресвета Богородица за нејзините големи добрини. Вистина е дека таа нема потреба од нашите пофалби, бидејќи неа ја фалат ангелите и ја славословат сите небесни сили. Таа нема потреба од нашите благодарења, зашто таа помага заради љубовта и милосрдието кон родот човечки. Но, тоа не нѐ ослободува од секоја наша обврска да ја величаме и да ѝ благодариме за нејзиното големо застапништво за нас. Нашето неблагодарење кон Бога и Неговата мајка е голем грев. Ние знаеме од Евангелието дека кога Господ исцелил десет прокажени само еден дошол да Му се заблагодари на Господа. Тогаш Господ со жалење рекол: „Нели излекував десетмина? Каде се другите деветмина? Зошто тие не се вратија да оддадат слава на Бога, туку само овој туѓинец?" (Лк. 17, 17-18). Таков прекор ќе добиеме и ние ако не искажеме благодарност за големите добродетели што ни ги прави и преку Својата мајка. Ако не благодариме, ќе бидеме лишени од добрините како бесчувствителни луѓе кои не се достојни за помошта од Бога и застапништвото од Богородица.


cetvrtiakat2022 4

Како второ, ние сме должни да прибегнуваме под покровот на Богородица во сите наши тешкотии и да имаме цврста надеж во нејзината помош. Таа како Мајка Божја со голема храброст сака да се застапи „слободно да пристапиме кон престолот на благодатта за да примиме милост и да најдеме благодат за благовремена помош" (Евр. 4, 16). Дали таа нема да ни испрати благодатна помош кога ние ја молиме? Може ли Синот Божји да не ја послуша Својата сакана мајка кога таа ќе се застапува пред Него за нас во слава на Неговото име? Наоѓајќи се уште во тело, чудодејствувал и благотворел на луѓето уште додека живеел овде на земјата, по застапништвото на Неговата мајка. Така сторил и на свадбата во Кана Галилејска кога претворил вода во вино (Јн. 2, 1-10). Дали Тој нема да направи сѐ што ѝ е угодно неа, а за добро на верниците што се надеваат на Него? Тоа го прави особено сега кога Му е дадена власт и на небото и на земјата (Мт. 28, 18). Почесната од херувимите и неспоредливо пославната од серафимите, без никакво сомневање е прва примателка и дарителка на Божјата благодат. Таа повеќе од сите светии прави чудесни добрини на луѓето, за што ја прославуваат по целата вселена.


Како трето, имајќи толку голема застапничка и покровителка како што е Мајката Божја ние треба да ѝ бидеме благодарни за сите прилики во нашиот живот и никогаш не треба да се предаваме на униние или очајание ако нѐ снајдат некакви непријатности. Безбројни примери ни сведочат дека Мајката Божја ги избавувала христијаните од различни беди и често пати се јавувала на помош кога никој не очекувал. Но, навистина, може да се случи таа да не се јави за да помогне веднаш. Понекогаш ни се допуштат долготрпение на непријатностите кои ги допушта Господ. Но, во такви моменти не треба да се огорчуваме и да мислиме дека Мајката Божја не заборавила или дека не нѐ сака. Напротив! Од тоа треба да извлечеме заклучок дека Божјиот план е поинаков и настапил период во кој треба да нѐ избави од беда и дека сето тоа ни е дадено заради повисока цел. Дадено ни е за укрепнување во христијанското трпение, за добивање на вистинско покајание за нашите престапи и гревови. Сето тоа има за цел да нѐ избави од гневот Божји или да ги обрати нашите срца кон нашиот Бог, Кого ние често пати знаеме да Го заборавиме.


cetvrtiakat2022 9

Но, за да може Мајката Божја да се застапува пред Бога и да дејствува пред Него, ние сме должни да станеме достојни за нејзиното застапништво и за милоста Божја. Во спротивност, таа не може да ни даде благодатна помош, не затоа што не сака, туку затоа што ние со нашите гревови не сме способни да го принесеме нашето покајание и од неа да добиеме полза. Во Светото Писмо се вели: „Какво заедништво постои помеѓу правдата и беззаконието? Што заедничко има меѓу светлината и темнината?" (2 Кор. 6, 14). И ние кои се наоѓаме на молитва во овој свет манастир, да постапуваме така и да ги согледаме нашите гревови и слабости. Да ја повикаме помошта Божја и со покајание, вера и смирение да поитаме кон Царицата небесна велејќи ѝ: Пресвета Богородица помогни ни! Амин!

cetvrtiakat2022 5

cetvrtiakat2022 6

cetvrtiakat2022 7

cetvrtiakat2022 9

 cetvrtiakat2022 10

 cetvrtiakat2022 11


Четврт Акатист на Богородица
Манастир „Пресвета Богородица Пречиста", Кичево
01.04.2022 г.

 

 http://www.dke.org.mk/index.php/3447-2022-04-02-07-37-38