По повод претстојниот голем јубилеј на нашиот почитуван архипастир, Неговото Високопреосвештенство г. Тимотеј – 40 години од хиротонијата во архијерејска служба, денес нашиот старец и игумен, Епископот г. Партениј, во придружба со Архимандритот г. Доситеј и сестри монахињи од сестринствата на Рајчица и на Пречиста, го посетија Владиката во митрополитското седиште на богочуваната Дебарско-кичевска епархија во Охрид.

На срдечната средба Епископот Партениј му го честита јубилејот на г. Тимотеј и по тој повод, од името на нешто братство и сестринствата, му подари архијерејски жезол и истообразна копија на Крнинската икона на нашиот Господ Исус Христос од Манастирот Пречиста – претстава што му е особено драга на нашиот Митрополит. Иако нашето братство и сестринствата ќе бидат дел од главната прослава на јубилејот на 3 октомври годинава, заедно со свештенството од епархијата, нашиот Старецот му ги подари жезолот и иконата на дедо Тимотеј во знак на благодарност за неговата грижа за монаштвото, за манастирите, за развојот на црковниот живот воопшто. Владиката Тимотеј ја изрази својата голема благодарност за посетата и вниманието и го испрати својот архипастирски благослов на нашите монашки заедници.
Нека Ви е честит 40-годишниот јубилеј, Владико свети, и годините Ваши да се многубројни и здрави!

 

https://bigorski.org.mk/vesti/nastani/%d0%bc%d0%be%d0%bd%d0%b0%d1%88%d0%ba%d0%b0-%d0%bf%d0%be%d1%81%d0%b5%d1%82%d0%b0-%d0%bf%d1%80%d0%b8-%d0%bc%d0%b8%d1%82%d1%80%d0%be%d0%bf%d0%be%d0%bb%d0%b8%d1%82%d0%be%d1%82-%d1%82%d0%b8%d0%bc%d0%be/