3.angeli.so.truba

23/11/2020
 

Сестро

на монахиња Атанасија

 

Ден кој не ти краси облека
само наметка на себе опаша,
сестро - служба доаѓа.

Поминаа снегови
во зима вијулици,
лето, од сонце жеги,
сестро – служба заврши.

Налани во опинци претвори
боси нозе со волнени чорапи
сестро – ветришта имаа свои патеки.

Завивање волчјо од далечина,
звуци кои немаат непријателства
сестро – таму ти се одметна.

Напушти натокменост гратска
остави згриженост општежителна
сестро – во пустина се одметна.

Учтивост се изгуби во правила
но во срце љубов остана,
мисла неподелена
за секого место да има,
сестро – надмина многумина.

Врагот те сретна крај бунар вода
мисли во кофи испушти,
пеперутка златокрила прозбори
сестро – од стадо не се двои.

Сега,
изгрејсонце залез свој здогледа
но смелост твоја страв покажува,
кој коски мои допира
сестро - не се плаши од сенката.

Привиј се за посестрима
тоа е – секоја наша молитва,
жртва на Бога угодна
за тебе плетиме крила.

Жарје над глава нека останат
ако литургии престанат,
љубов тебе те обвиткува
сестро – ликот твој во нас не замира.

Ќе тече рекава
во круг ќе те обвиткува,
не те пушта тајфава –
сестри твои довека,
сестро – ти си дел од душава.

Расни сега да пораснеш
во стадото на вечноста
и за нас збор да не прозбориш
бидејќи не те симнавме од устава
сестро – ќе останеш мила довека.

Не чекај, не исчекувај,
време нема ни сила ни должина
она што е големина
сестро – тоа е љубовта за тебе,
која не поминува.

 

На ден 23.11 2020 година се упокои во Господа монахиња Атанасија, настојателка на манастирот Свети Атанасиј Велики - Журче

Господи подај ѝ Царство Небесно.


Извор: https://www.manastirslepche.mk/novost/so-svetiite-upokoj-ja-hriste-dushata-na-monahinja-atanasija/