eordija2020 2

eordija2020 4

Објавено: 08 Мај 2020

„Ете, пролетта на благодатта болсна, Христовото восресение им засветли на сите, а со него свети и сепразичниот и светлоносен ден на маченикот Георгија. Дојдете сите, носејќи свеќи, божествено и светло да празнуваме“ (седален на Утрена на св. вмч. Георгиј Победоносец).

 eordija2020 5

eordija2020 6

eordija2020 8

На 07.05.2020 година, ден по прославата на споменот на св. вмч. Георгиј Победоносец, и оваа година беше прородлжена долговековната традиција во Струга, каде што во спомен на овој свидетел со маченички венец со векови ја потврдува силата на христијанството, дадена во Црквата во која престојува Утешителот - Светиот Дух. Во слава и чест на великиот маченик Георгиј, овој ден торжествено започна со света архиерејска Литургија во храмот „Св. вмч. Георгиј“ во Струга, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Васко Голабоски, свештениците Александар Димоски и Христијан Костоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Празничните торжества продолжија во поладневите часови со свечена Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандритите Нектариј и Партениј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Христијан Костоски и пртоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Вечерната богослужба, беше отслужен Парастос за сите порано упокоени ктитори, свештеници, монаси, пејачи, епитропи и сите кои помагале во овој наш свет храм. Потоа верниот народ, предводен од свештенството и монаштвото, на чело со нашиот Митрополит Тимотеј, се упати на патот на свечената литија (еордија), пеејќи воскресенски радосни песни, тропарот на св. вмч. Георгиј и поздравувајќи се еден со друг со најторжествениот поздрав: Христос воскресе! Пред започнувањето на Литијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.
eordija2020 10

 eordija2020 11

 eordija2020 14

eordija2020 15

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Христос воскресе!
Драги браќа и сестри,


eordija2020 16

Нашиот Спасител Господ Исус Христос, зборувајќи за законите и прописите на нашата вера вели дека темел на сѐ е љубовта кон Бога и кон луѓето. На нив „се крепи целиот Закон и Пророците" (Мт. 22, 40). Во Стариот завет, Мојсеј му го донесол на израилскиот народ Божјиот закон, запишан на две таблици и го прочитал пред народот. Овие таблици ги содржеле познатите десет Божји заповеди. Кога, пак, повторно отишол на гората и кога повторно се вратил кај народот, видел како Израилот си направил златно теле и се веселел околу него, прославувајќи го како свое божество. Се поставува прашањето: како било можно да се случи такво нешто? Одговорот гласи: тоа се случило затоа што заповедите биле запишани само на камените плочи, но не и во срцата на избраниот народ. Така се случувало низ вековите, а така се случува и денес. Додека човек не ги запише заповедите во своето срце, нема да се однесува според нив. Секогаш ќе прави божества од сребро и злато, од својата кариера, властољубие и слично, и секогаш ќе игра и ќе се весели околу тие лажни богови.


Во нашево современие, луѓето потпаѓаат под влијание на разни лажни богови. Во еден странски илустриран весник, пред извесно време беше претставен човечки лик составен од повеќе слики од повеќе личности, кои луѓето денеска најмногу ги обожуваат: државник, политичар, глумец, фудбалер, боксер, пејач и тн. Под фотографијата стоеше натписот: погледнете, кој сум јас? Така, човекот во ова модерно време, многу често комбинира повеќе свои божества. Заради тоа, луѓето се толку поделени, разбиени, недефинирани, изгубени, дволични и личат на древното римско божество со многу ликови. Во нивните умови и срца не се запишани законите Божји, туку ликовите и примерите на нивните смртни богови.


Спасителот вели: „ако Ме љубите, држете ги Моите заповеди" (Јн. 14, 15). Со други зборови, ако само формално ги признавате и исповедате Мојата личност, моето Евангелие и Мојот пример, пишувајќи ги Моите начела само на камени плочи или на хартија, тогаш нема да успеете да направите ништо. Потребно е најпрво да ја доживеете правдата и вистинската љубов кон Бога и кон луѓето. Дури потоа во вашиот ум и срце ќе бидат запишани евангелските начела. Тоа не се случува наеднаш, туку постепено. Се негува и учи во училиштето на животот, сѐ до последниот миг од животот. Како што целиот свој живот, човекот пие вода која истекува од изворот, исто така е потребно целиот свој живот тој да го напојува својот ум и срце од изворот на божествената мудрост и законитостите на својот небесен Законодавец. Исто така, неопходно е секој час да се потхранува душата со духовна храна од Светиот Дух. Секојдневно, секој човек зема храна, бидејќи поинаку не би можел да живее. Исто така, тој не може да живее духовно, доколку секојдневно не се храни со Лебот Кој дојде од небото, Кој е нашиот Господ Исус Христос (Јн. 6, 41 и 51).

Господи и Оче наш небесен, Законодавче на секој живот, помогни ни, по молитвите на св. вмч. Георгиј, чиј спомен денес празнуваме, да се напоиме со законите на Твојата совршена мудрост, да се нахраниме со духот на Твојата вечна вистина, да се нахраниме со лебот на Твојата неограничена љубов и правда. Запиши ги Твоите небесни закони во нашата свест, запиши ги во нашите срца и умножи ги во нашите души. Амин.

 eordija2020 17

 eordija2020 18

 eordija2020 19  

eordija2020 20

 eordija2020 26

eordija2020 27

Литија во чест на свети Георгиј Победоносец
Храм „Свети Георгиј Победоносец", Струга
07.05.2020 год.

eordija2020 28

Повеќе:

 http://www.dke.org.mk/index.php/3272-2020-05-08-07-21-18

 7ми мај 2020 лето Господово