УТРЕНА
Канон, глас 2.
Песна 2
Ирмос: Погледнете и видете дека Јас сум Оној што во морето спасува, и во пустината израилскиот народ го наситува, и вода од каменот на луѓето им пушта, за да го понесам оној што некогаш во кал падна, и кон Мене да го привлечам, поради милоста (Моја) неискажлива.


Отрезни се, бдеј, воздивни, просолзи, со пост сето гревовно бреме, душо отфрли го, со искрено покајание огнот избегни го, и со плач твојата тажна облека на страстите раскини ја, и облеката божествена прими ја.
Кон гората на добри дела со пост сите да пристапиме, ревносните напади на страстите оставајќи ги долу; и кога ќе влеземе во самракот на чесните виденија, да ја созерцаваме единствената Христова сакана добрина, со божествени искачувања тајно обожувани.
Тешко мене! Кој ќе бидам? Што ќе правам? Јас несовесниот кој грев правам и од Господа не се плашам: поради тоа, и пред судот сум осуден. Но, праведен и добар Судијо, обрати ме и спаси ме, мене кој Те рзгневив повеќе од сите луѓе.


Богородичен: Земјо неорана, која Го израсна Хранителот на сите, Кој раката ја отвора и со добра волја храни сè живо со крепост божествена; утврди ги со Лебот на животот ослабените срца, наситени од лутите наши прегрешенија.
Друг. Глас 5.

Ирмос: Погледнете и видете дека Јас сум Бог, Кој доброволно се облеков во тело за да го спасам Адама, кој со измамата на змијата падна во бездната гревовна.
Дојдете да слеземе во душевната ќелија, молитви на Господа принесувајќи Му и викајќи: Оче наш, Кој си на небесата, долговите наши олесни ги и прости ни ги, како единствен Милосрден.
Нашата радост во постот да ја покажеме и да не жалиме за нашите стари денови, бидејќи нивната замена со благочестие ни носи светлина.
Слава: троичен: Беспочетна, несоздадена, триипостасна Единице, Господство и вечно Царство: Тебе – Отецот и Синот и Светиот Дух, Те слави мноштвото ангели и сета човечка природа.


Богородичен: Тебе – најдобродетелната слава на родот наш – те славиме, зашто со тебе се обоживме, Дево, бидејќи си ни Го родила Спасителот и Бог Христос, Кој од клетвата нè ослободи.
Слава Ти, Боже наш, слава Ти.
Кој огнот ќе го изгаси? Кој муцките на ѕверовите ќе ги затне? – Постот, кој момчињата од печката ги избави, и пророкот Даниил од лавовите. Него и ние, браќа, да го прегрнеме.


Ирмос: Погледнете и видете дека Јас сум Оној што во морето спасува, и во пустината израилскиот народ го наситува, и вода од каменот на луѓето им пушта, за да го понесам оној што некогаш во кал падна, и кон Мене да го привлечам, поради милоста (Моја) неискажлива.

 

Извор: ПОСЕН ТРИОД

Подготви: Т.С.