промпер2016 1

промпер2016 2

 промпер2016 3

На 26.10.2016 година, беше претставен конзервираниот фрескоживопис во храмот „Пресвета Богородица - Перивлепта“ во Охрид. Возобновувањето на фрескоживописот, ревитализацијата на камбанаријата, како и на манастирскиот конак, се одвиваше во повеќе фази, започнувајќи од 2009 година па сè до денес. Голем придонес за остварувањето на оваа мисија има Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Р. Македонија, која издвои значително големи средства за овој огромен проект, а истиот се одвиваше под раководство на Министрството за култура на РМ и НУ Завод за заштита на културните споменици и музеј Охрид. Свои обраќања имаа: Министерката за култура на РМ, г-ѓа Елизабета Канческа Милевска, амбасадорот на САД во РМ, г-дин Џес Бејли, како и Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, чие поздравно слово ви го пренесуваме во целост. 

промпер2016 4

Мирополит Тимотеј 

Поздравен говор по повод конзервација на фрескоживопис во црквата „Св. Богородица Перивлепта" - Охрид 

Ваша Екселенцијо, Амбасадор на Соединетите Американски Држави во Р. Македонија г–дин Џес Бејли, г–ѓа Елизабета Канческа – Милевска, Министер за култура во Владата на Р. Македонија, г-дин д-р Никола Бакрачески, Градоначалник на Општина Охрид, г-ѓа Тања Бунташеска Паскали, Директор на Завод и Музеј – Охрид, почитувани дами и господа, браќа и сестри,


Ми причинува особена чест, како архиереј на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, што можам, во овој значаен ден, сите вас да ве поздравам во древниот и славен Словенски Ерусалим – Охрид. Во XIX век, нашиот преродбеник Константин Миладинов, кога виорот на времето го однел да живее во далечна Русија, почувствувал носталгија за убавините на Охрид и Струга. Како ретко кој, ги опишал Господовите дарби на ова поднебје. Па затоа, тој пее:

Орелски крилја как да си метнех,
И внаши ст'рни да си прелетнех!
...
На наши места ја да си идам,
да видам Охрид, Струга да видам.
...
Поле погледнеш или планина,
сегде Божева је хубавина. 

промпер2016 5

 

Не е спорно дека Охрид изобилува со голема природна убавина. Уште повеќе, градот сочувал многу култури коишто сведочат за неговото постоење, почнувајќи од антиката, ранохристијанскиот период, изразен преку базиликите, средновековните цркви, преродбенската култура и современиот живот. Охрид е познат по многу свои специфики и карактеристики. Затоа, удостоен е да биде град на УНЕСКО. Но, верувам дека и вие, овде присутните, го делите моето мислење дека Охрид, без сакралните споменици, поточно, црквите и манастирите, немаше да биде така богат, вреднуван и препознатлив. Меѓу позначајните цркви на Охрид, покрај катедралниот храм на Охридската архиепископија, „Св. Софија", од уметнички, историски и културолошки аспект, несомнено припаѓа и црквата „Св. Богородица Перивлепта".
Таа е изградена крајот на XIII век, а е фрескоживописана во 1295 година. Значењето не е само во годината, туку, уште повеќе, во еден нов стил на фрескоживописување од двајцата великани на боите, Михаил и Ефтихиј. Но, како секој стар човек што има потреба од поголема нега и медикаменти, така, и старите објекти, црквите и манастирите, имаат потреба за нивно поткрепување, заштитување и лекување. Пред 65 години, за првпат беа откриени фреските на овој свет храм, а потоа, под забот на времето, а можеби и од недоволната грижа на одговорните институции, одделни делови на фрескоживописот беа на работ на уништување. Со грижа на Министерството за култура, а со сериозна финансиска поддршка од Амбасадата на САД, со донација од 650.000 амерички долари, сите тие потребни лекарства беа применети од стручни домашни и странски професионалци, и денеска, имаме можност, Перивлепта да ја видиме во својот прекрасен, величествен и уметнички сјај. Со овие средства беа изведени целосни археолошки, архитектонски и конзерваторски зафати на црквата, и делумно, изградба на помошниот објект кој е во непосредна близина на Перивлепта.

Од името на верниците, на свештенството и од мое лично име, ви искажуваме искрена и топла благодарност за оваа сериозна донација и за зачувувањето на овој сакрален објект. Со овој потфат, го оставаме храмот на идните наши поколенија и потврдуваме дека сме народ кој знае да цени, вреднува и заштитува секакво општо културно благо коешто припаѓа на Македонскиот народ, но и на севкупната светска културна јавност. 26.10.2016 год.

 

 промпер2016 6

 промпер2016 7

 промпер2016 8

 Храм „Св. Богородица Перивлепта" – Охрид

Извор: Дебарско- кичевска епрхија