Bo Peкторатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во Скопје, на 21 октомври 2016 година,  се одржа свечениот прв час од бесплатните курсеви по руски јазик во организација на Рускиот центар при УКИМ, за кои на отворениот повик се пријавиле речиси илјада кандидати. Поради големиот интерес и за да им се овозможи на сите кандидати кои сакаат да го изучуваат рускиот јазик, бесплатните курсеви ќе се одржат во три турнуси до крајот на академската 2016/2017 година.

Ректорот на УКИМ проф. д-р Никола Јанкуловски на почетокот на првиот час истакна дека радува фактот што подолгогодишна стагнација, заинтересираноста за учење на рускиот јазик во Македонија повторно се зголемува.
— Овој јазик на кој зборувале и твореле голем број писатели, научници, мислители, кој претставува ризница на светската култура, јазик со кој комуницира голем број од светот и навистина заслужува олкав голем број курсисти. На конкурсот се пријавија безмалку илјада лица, што за нас е вистинско изненадување, рече Јанкуловски.
Додаде дека Рускиот центар при Скопскиот универзитет отворен во јануари годинава, многу бргу прераснал во сериозен центар преку големиот број организирани настани со кои, како што рече, ја поттикнал заинтересираноста на македонските граѓани за рускиот јазики култура.

 

Амбасадорот на Руската Федерација во Македонија, Н.Е. Олег Николаевич Шчербак посакувајќи им успех на курсистите истакна дека токму изучувањето на рускуиот јазик е една од најважните насоки на дејноста на Рускиот центар.
- Убеден сум дека курсевите по руски јазик ќе имаат многу добра иднина и перспектива. Рускиоте јазикот на Достоевски, на Толстој, но освен тоа, тој е јазик и на голема наука и на голем бизнис. На руски јазик зборуваат повеќе од 300 милиони луѓе и знаењето на рускиот јазик во современиот глобален свет ја зголемува конкурентноста на оној што го познава, рече Шчербак.
Нагласи и дека рускиоти македонскиот јазик се блиски поради заедничките корении дека курсевите се отвораат во годината кога се одбележуваат 1100 години од упокојувањето на Св. Климент Охридски.


Професори на курсистите ќе им бидат поранешни студентина УКИМ, кои дипломирале на групата Руски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет Блаже Конески",а редовните  термини за часовите  ќе се одржуваат во Рускиот центар при УКИМ.

 

Cкопје, 21 oктомври 2016 ( според MИA)

 

 

 

 Обраќање на

Ректорот на УКИМ проф. д-р Никола Јанкуловски

 

Ваша екселенцијо, амбасадор на Руската Федерација во Република Македонија,
господин Олег Николаевич Шчербак,
Почитувани наставници,
Почитувани курсисти,
Почитувани присутни, Ми претставува особена чест и задоволство да ве поздравам на првиот час од курсевите по руски јазик организирани од страна на Рускиот центар при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Многу ми е драго што повикот за изучување на овој јазик, кој воедно е и единствен словенски кој е еден од шесте светски јазици, предизвика голем интерес кај граѓаните на Република Македонија. Особено е интересно и навистина радува што по долгогодишна стагнација заинтересираноста за изучување на рускиот јазик повторно се зголемува во нашата земја. Овој јазик на кој зборувале и твореле голем број писатели, научници, мислители, кој претставува ризница на светската култура, јазик со кој комуницира голем дел од светот и навистина заслужува олку голем број курсисти. На конкурсот се пријавија без малку илјада лица, што за нас беше вистинско изненадување. Со цел да им излеземе пресрет на сите заинтересирани, решивме овој бесплатен курс по руски јазик да го спроведеме во три турнуси. Сите тука присутни се дел од првиот турнус за оваа академска година, а наша чест и задоволство, благодарение на нашите наставници, ќе биде да ви ги пренесеме знаењата и да ве воведеме во тајните на овој навистина богат јазик. Вашите наставници се наши поранешни студенти, кои дипломирале на групата по руски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, професионалци кои долги години се занимаваат со русистиката и кои со своето знаење и умешност ќе се потрудат максимално да одговорат на својата задача.

 

Како што ви е познато Рускиот центар при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје беше отворен кон почетокот на годинава и за многу кусо време прерасна во сериозен центар кој организираше голем број настани, предавања, перформанси, за што сведочи големата заинтересираност кај граѓаните на Македонија. Како дел од задачите што беа поставени пред Центарот беше и организирањето на бесплатни курсеви по руски јазик за сите заинтересирани. Оваа задача, која за многумина изгледа лесна и едноставна, изискува голема стручност и организациски способности, но сите ние заедно успеавме да ја исполниме, а доказ за тоа е денешниот настан. Во оваа пригода би сакал да се заблагодарам на доскорешниот ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ професорот Велимир Стојковски, почесен конзул на Руската Федерација во Република Македонија, за својата заложба и за големата помош што ја даде во организацијата на овие курсеви, а исто така и на Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија, како и на нашите наставници кои ќе го понесат сиот товар кон остварувањето на нашата задача.

Се надевам дека во позитивна атмосфера и со елан ќе започне изучувањето на рускиот јазик и дека овие курсеви кај вас ќе предизвикаат заинтересираност за продлабочување на знаењата и за понатамошно усовршување. Од свое лично име ви посакувам успешна и плодна работа.

 

ПП.