02.jpg

1/14 август 2016 лето Господово

Благословот на Пречистата Мајка Божја од Нејзиното сечесно Успение веќе започна да ги распростира своите благодатни зраци. Денес Царицата Небесна го благослови почетокот на светиот пост, востановен во чест на Нејзиното преселување во бесмртното Царство Христово. И неслучајно овој чесен пост започнува со осветување на медот, за да би узнале дека постот е сладост духовна, што ни доаѓа од тајната на Крстот Христов, тајна што ќе го следи двoнеделниот посен подвиг. Затоа денес се изнесува и Чесно Дрво на кое Господ доброволно ги рашири Своите раце, во татковска прегратка за целото човештво.

Љубовта и силата од таа Божествена прегратка навистина силно се почувствуваа, кога на крајот од вчерашното бдение, од олтарот беше изнесен за поклонение бигорскиот крст, во кој се наоѓа делче од светиот Крст Христов. Светата Литургија, пак, утрово, која ја водеше нашиот крстољубив Старец, Архимандрит Партениј, ја надополни благодатта на денешниот почеток на Успенскиот пост. А Божјата промисла одредила оваа година тој почеток да се совпадне со осмата недела по Педесетница, кога се чита Евангелието за тоа како Спасителот Христос на чудесен начин ги умножил петте леба и двете риби и нахранил повеќе од пет илјади души. Толкувањето, пак, од нашиот Старец на ова Христово чудо, ни дојде како храна уште послатка од медот што нè укрепи за посните денови пред нас:

06.jpg

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, за осмата недела по Педесетница, изговорено во манастирската трпезарија (1/14 август 2016 лето Господово)

Простете ми, мили мои, но би сакал накратко да ги споделам со вас моите размисли за денешното Евангелие, односно за тоа како Господ со пет леба и две риби нахранил повеќе од пет илјади луѓе (Матеј 14,14--22). Чудесно! Размислувајќи за овој необичен настан, си спомнав и за моите почетоци во овој манастир, па си реков себеси: „Нели и ти некогаш требаше да донесеш одлука да заминеш од овој свет, да оставиш сè и да појдеш во манастир, кој повеќе од шеесет години беше напуштен, мртов, без литургиски живот, манастир што повеќе наликуваше на пустина, отколку на монашко живеалиште?“ Дури и мојот татко ми го велеше тоа: „Каде одиш? Во планина? Зарем за тоа учеше школо за свештеник? Не е ли подобро, а и пологично, да бидеш тука со луѓето и да им проповедаш за Бога? Зошто одиш таму, во некаква си пустелија?“

Меѓутоа, денешниот евангелски расказ многу јасно нè поучува дека најнапред треба да Го бараме Господа, а сè друго што ни е неопходно, ќе ни се придаде. Да ги разгледаме сега малку околностите во кои се случило ова големо Христово чудо. После убиството на Св. Јован Крстител од страна на цар Ирод, Спасителот, Господ Исус Христос, се оддалечи, замина оттаму на кораб, во пусто место, Сам (Матеј 14,13). Отишол да се осами за да може поусрдно да се помоли. Не оти се уплашил поради убиството на Јована Крстител – Господ не се плашел од никаква власт во овој свет, зашто Негово е и Царството, и силата, и славата, и власта, и моќта, и овде и во вечноста – но, се осамил Господ за да им покаже на сите дека на измореното човештво повеќе од било што друго во овој свет му е потребен мирот. Мир од власта на гревот и смртта, мир од тиранијата на злобата демонска. Замислете си само во каков суров свет дошол тогаш Спасителот да го помири целото човештво со Бога! Од една страна, навидум силната, но внатрешно гнилата Римска држава, со нејзиниот духовно мртов паганизам, а од друга страна, јудејското општество, поробено не само од Римјаните, ами и уште полошо – духовно завземено од буквалистичкиот, речиси идолопоклонички однос кон Стариот Завет. Очајниот обичен народ, кој сепак негувал љубов кон Бога, ја имаше изгубено својата надеж, и во народните старешини, и во книжниците, и во фарисеите. Тие всушност имале потреба од Водач, исполнет со „дух и вистина“, што ќе може вистински да ги поврзе со Бога, да ги воскресне нивните свенати души и да го оживее нивниот личносен однос со живиот Бог.

05.jpg

Затоа и не чуди тоа што по Христа тргнало мноштво народ, иако Он заминал Сам на пусто место. А народот, штом узна за тоа, тргна по Него пеш од градовите (Матеј 14,13). Евангелистот ни сведочи дека околу Христа се собрале пет илјади мажи, а имало, исто така и жени и деца. Замислете колкава бројка луѓе! И токму во ова лежи главната порака од денешното Евангелие: дека најважно е да Го бараме, пред сè, Бога. Таа огромна толпа народ со незаситна жед за Бога, тргнала да Го бара Господа скриен во пустината. И таму, во пустината, тие несомнено го нашле најсуштествениот одговор. Луѓето, кои во духовна смисла навистина биле распрскани како овци без пастир, најпосле Го нашле Добриот Пастир. Колку трогнува тука грижата на Христа за луѓето! И кога излезе Исус, виде многу свет; и се смили над нив и ги излекува нивните болни (Матеј 14,14). А, потоа Он ја отворил Својата Божествена уста и почна да ги поучува многу (Марко 6,34), да ги учи на Неговата спасителна наука. Народот ги слушал Неговите прекрасни беседи во текот на целиот ден, сè до вечерта! Ништо друго не им било важно. Заборавиле за миг и на своите домови, и на секојдневните проблеми, и на своите работни обврски. Заборавиле дури и дека треба да јадат, зашто се насладувале со храната што излегувала од устата Господова. На крајот од денот Апостолите решиле дури и лично да се вмешаат: А на стемнување се приближија до Него учениците Негови и рекоа: „Овде е местово пусто, а и доцна е веќе; пушти го народот да отиде по селата и да си купи храна” (Матеј 14,15). Во близина немало ни села, ни продавници, ниту храна. Спасителот во Својата премудрост намерно допуштил да дојде до тоа, прегладнетиот народ да нема од каде да се нахрани. А го направил тоа главно од две причини: прво, за да нè поучи дека духовната храна е неспоредливо поважна од телесната, и второ, за да ни покаже дека Он непрестајно се грижи и не пропушта да ни ја даде и телесната храна. Во продолжение Господ им рекол на Своите ученици: Нема потреба да одат; дајте им вие да јадат! (Матеј 14,16) Со ова Христос ги приведува Апостолите кон смирение, укажувајќи им дека без Него не можат да направат ништо. Не можеле тие во оние мигови да му дадат леб на народот. Не можеме ни ние да направиме нешто сами од себе. Можеме да ја посееме нивата, ете земјоделците ќе ги засадат нашите полиња со жито, но доколку Господ не испрати благопријатно време, тоа жито нема да никне и да созрее. Затоа во Црквата секогаш се молиме Господ да испрати благопријатно време, па да може житото да успее и до нашите трпези да стигне лебот. Но, за Господа сè е можно. Он од ништо го создал овој прекрасен свет. Он прави, како што се вели во 103 псалм, да расте трева за добитокот и растение за потреба на луѓето, за да произведат леб од земјата; ја отвора Својата рака и сите созданија, вклучително и човекот  се наситуваат со блага. Затоа, за човекот најважно е да Го бара Бога, а сè друго што му е потребно, Он бездруго ќе му даде. Ете, токму тоа Евангелието денес добро ни го покажува. Луѓето оставиле сè и тргнале во пустината, не мислејќи ни што ќе прават, ниту што ќе јадат. И Господ ја наградил нивната ревност за словото Божјо; ги зел петте јачменови лебови и двете риби што се нашле кај некое момче, и ги умножил, така што целиот народ се наситил, оставајќи дури дванаесет кошеви со останати парчиња.

08.jpg

Ќе се навратам повторно на моите почетоци во Бигорски. Во ревноста што тогаш Бог ми ја даде, си реков: „Ќе оставам сè и ќе тргнам по Господа“. И милоста Божја никогаш не ме напушти. Не дека е тоа поради мојата праведност – напротив, многу се моите гревови и тие се секогаш пред Господа – но, едноставно, Бог не ги остава тие што се надеваат и што Му се предаваат Нему. Ете, со отец Доситеј, нашиот манастирски економ, уште од почетокот многупати сме ја имале недоумицата на Апостолите: „Што ќе правиме? Како ќе ги примаме гостите? Што ќе им дадеме да јадат сега? Многу се. Манастирот нема пари. Како ќе градиме понатаму? Како ќе живееме?“ Заправо, и до ден денес тие прашања многупати си ги разменуваме. Меѓутоа, Господ се грижи за манастирот. Никогаш не нè оставил без храна и леб. И ќе повторам, не оти сме ние праведни, туку дека во нашата грешност и недостојност знаеме дека, пред сè треба да Го бараме Него. И се трудиме постојано нашите животи во целост Нему да Му ги предадеме. Тоа себепредавање на Бога, се разбира, не важи само за монасите. Зарем Христијаните во првите три века не оставале безусловно сè заради Христа? За Него тие биле дури и мачени и убивани. Знаеме што сè не претрпувале тие за Христа цели триста години, сè до светиот цар Константин Велики. Потоа Господ им дал сила и власт уште овде во овој свет, им дал една огромна и силна империја, што траела најдолго во историјата, цели единаесет века. Бидејќи го барале најнапред Царството Небесно, Господ ги благословил. А кога престанале да Го бараат Него со таква посветеност, тоа царство се разрушило. Без Бога сè пропаѓа. Он е нашата најголема потреба, нашиот неопходен леб. Затоа во молитвата „Отче наш“ се молиме: „лебот наш насушен дај ни го денес“. Тоа се однесува, пред сè, на Лебот небесен, на Телото Христово, на Светата Причест, преку која Го наоѓаме и се соединуваме со Бога. Е, тогаш Он ќе се погрижи за нас и нема да нè остави.

09.jpg

Така, мили мои, да Му го предадеме целосно своето срце Нему и секогаш ќе имаме сè што ни е потребно. А, имајќи, ќе можеме да им даваме и на другите околу нас, и со тоа да ја умножуваме нашата општа радост. Егоистот, пак, не може да биде среќен човек. И оној што има многу богатство на земјата, а не го споделува со тие што имаат потреба, не е среќен. Среќен е оној што постојано Го бара Бога и на благодатен начин се сретнува со Него. И, да знаете, таквиот човек никогаш нема да остане гладен, бидејќи со Бога и пустината станува рај. Еве пак ќе ги земеме за пример манастирите. Првите монаси, основателите на манастирите, барајќи Го само Бога, секогаш се осамувале во пустина. Но, подоцна, откако ќе се соединеле со Бога и ќе се обожеле, светот ги пронаоѓал и доаѓал кај нив. Така, ревносните монаси, барајќи го Бога, оставале сè и неосетно ги претворале пустините во рај. Како што вели и Пророкот Давид: Се појавуваат пасишта по пустињите и ритчињата се исполнуваат со радост (Пс. 64,12). Погледнете ја само местоположбата на која е изграден нашиот манастир. Колку ли само непристапно место било пред да се изгради! Страшна пустина! Некогаш и се чудам како го изградиле. Очигледно и тоа е чудо Божјо. И затоа народот доаѓал во манастирите, доаѓал кај оние што се обожиле во Христа!

Но, не треба само монасите да се стремат кон тоа совршенство. Напротив, секој Христијанин е повикан безусловно да Го следи Христа. Во Евангелието се вели дека мнозина оставиле сè и отишле во пустината да Го слушаат. Отишле, зашто Он е надежта на светот; Он е единственото решение за големите проблеми во светот. Никој и ништо друго. Затоа да Го бараме најнапред ние, секој поединечно, а после ќе можеме и другите да ги храниме со љубовта со која Бог ќе не храни и со благодатта што Он ќе ни ја испраќа поради нашата богопредаденост. И така сè повеќе луѓе ќе бидат среќни и нахранети со љубовта Божја.

Нека ни биде благословен и душеспасителен претстојниот Богородичен пост!

Амин!

10.jpg

 12.jpg

 13.jpg

 14.jpg

 18.jpg

 19.jpg

 21.jpg

 22.jpg

 24.jpg

 25.jpg

 31.jpg

 32.jpg

 33.jpg

 38.jpg

39.jpg

Извор: Бигорски манастир