Патиштата што водат кон Бога и нашиот Спасител, во својата основа се прости и едноставни. Нив ги компликува, отежнува или оневозможува нашето сладострастие и неумерените животни желби, кои невнимателно и потсвесно стапуваат во контакт со непријателот на нашето спасение.

Па поради тоа, молитвата кон Бога претставува не само леб на душата, туку нешто повеќе од тоа – нејзин живот. А Бог, Кој ги знае и гледа нашите потреби и желби, ќе направи она што секој татко би го направил за своето добро и послушно дете, зашто Бог е Татко на татковците. Татко на сите.“

– Преподобен Гаврил Велички

 

 

„Бог не сака со нас да постапува како со наемници, туку како со Свој најмил пород на срцето. Кога ни дава некој дар, сака тоа да биде наше барање, наша желба и наша вистинска потреба, па кога ни ја исполнува желбата по долго или кусо време, кога тоа нам најмногу ни одговара, сака и Он да учествува во нашата радост, исто онака како таткото што се радува заедно со своите деца, кога ќе им донесе подарок што тие одамна од срце го сакале.’

Нашето барање преку усрдност и молитва, преку ревносно служење на Бога и престојување во Него, претставува само обично тропање пред вратата на Бога. Неговите патишта се мошне разновидни и несознајни. Човекот е должен да тропа со труд, вера, пост и молитва. Само да тропа обично и просто, еднаш, двапати или повеќепати, па да застане и да чека. Вратата на Бога можеби нема веднаш да се отвори по чудо, но подоцна, во свое време, секако ќе се отвори. Колку повеќе чекаме, толку повеќе расте веројатноста дека Бог ќе ни ја отвори вратата на Својата милост, ќе ги рашири рацете и со Својата татковска љубов ќе го прими синот, жеден за татковска љубов, ќе го привлече и прегрне.

Колку и да Му се молиме на Бога, зарем ќе биде повеќе отколку што вложуваме труд во обичните физички работи? Ако повеќепати во денот ги подигнеме рацете кон Бога, ќе биде ли повеќе отколку градинарот, кој од темни зори до вечер ги подигнува рацете кон дрвото за да ги собере плодовите што му ја носат неговата корка леб; или повеќе отколку рударот во темната јама? Колку и да се наведнуваме правејќи метании, можат ли тие да бидат повеќе отколку жетварот кој се наведнува под жешкото сонце, по цел Божји ден, а понекогаш и ноќе? Ако ние толку многу труд вложуваме заради физичкиот леб, не е ли, исто така, неопходно да се трудиме и за лебот на нашиот дух? Молитвата претставува леб за душата и никогаш не би требало да ни здодее да Му се молиме на Бога. Во мислите непрестајно треба да бидеме во врска со Него. Духовната глад секогаш ни е потешка од физичката. Поради тоа, потребно е непрестајно да одржуваме врска со Него. Без таа Негова врска, ние би престанале да постоиме.

Времето потрошено за Бога, грешиме ако го сметаме за изгубено, или, пак, недоволно искористено, како што честопати си мислиме. Некојпат можеби ќе се најде некој безверник да нѐ укори, префрлувајќи ни каква полза имаме од секојдневното повторување на речиси исти молитви, кои одамна сме ги научиле напамет. Такво нешто, било да чуеме отстрана, било да се зачне во нашиот ум, доаѓа од лукавиот, кому му пречи нашиот успех, зашто добро знае дека тоа е света работа и претставува чисто богатство кое се чува на небото. А сатаната оттаму не може да го грабне.

Извор: Премин бр.111/112

 

Друго:

ПРАВИЛА И ОДРЕДБИ НА ПРАВОСЛАВНАТА ЦРКВА ЗА ПОСТОТ (3 дел)

Житие на светиот Епископ Велички Гаврил Светогорец

Друго: