2воскр2016 1

2воскр2016 2

„Пред Тебе, Господи, вратите на смртта од страв се отворија, а вратарите на адот, кога Те видоа, се исплашија, бидејќи си ја скршил бакарната врата и си ги разбил железните резиња, и си нè извел од мракот и од смртната сенка, и си ги раскинал нашите окови“ (стихира на Господи повикав... на Вечерна во светата и Велика Недела на Пасха).

 2воскр2016 3

Според одамна востановената традиција во Охрид, на 01.05.2016 година, во вечерните часови на светата и Велика Недела на Пасха, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, беше отслужена свечена Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофор Сашо Богданоски, протоереите Никола Христоски и Игор Никовски, свештениците Димче Азески, Горан Ставрески, Ѓорѓи Блажевски, Владо Недески, Љупчо Бакрачески и Роберт Илијевски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. На Вечерната богослужба беше прочитано и дел од Евангелието според Јован на повеќе јазици (црковнословенски, грчки, латински, француски, англиски, италијански, руски и македонски јазик). По завршувањето на Вечерната богослужба, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која подолу интегрално ви ја пренесуваме. Митрополитот Тимотеј им подели и на сите верни по едно велигденско црвено јајце и им го честита најголемиот празник, со најторжествениот поздрав: Христос воскресе!

 2воскр2016 4

Митрополит Тимотеј

Христос воскресе!

„Се зарадуваа учениците, штом Го видоа Господа" (Јн. 20, 20)

Последните настани од животот на Господа Христа, длабоко ги потресле апостолите и сите останати Неговите следбеници. Особено, кога го гледале Неговото страдање, распнување и погребение. Ги опфатил голем страв. Кога Го виделе врзан во Гетсиманската градина и воден од страна на војниците во Ерусалим за да Го судат, Го оставиле и се разбегале. Преплашени, пак, гледајќи Го распнат на крстот, тие паднале со духот и се посомневале во Неговото месијанство. А кога, пак, Го виделе како лежи во гробот, тие помислиле дека дошол крајот на сè, за коешто тие се подготвувале цели три години. Ги погребале сите нивни мечтаења и идеали. Натажени и облеани со солзи, очаени и ослабени од растргнувањата, паднале со духот. Па, затоа, не смееле да се појават по ерусалимските улици, туку, како преплашени се криеле во една одаја, зад заклучена врата, поради страв од Јудеите.


Во еден таков тажен и трогателен момент, ниту на крај памет не им доаѓало дека, нивниот сакан Учител, ќе може да воскресне од мртвите. Ете зошто, кога жените мироносици им соопштуваат дека Христос воскреснал, нивните зборови им изгледале како празни и неверојатни, па затоа, не им поверувале (Лк. 24, 11). Оваа радосна вест, донесена од мироносиците, не ги израдувала ожалостените души на апостолите. Не ги затоплила нивните оладени срца. Ниту, пак, веста можела да ги избави од очајанието. Нивниот страв и сомнеж бил толку силен, што никој друг не бил во состојба да ги увери дека Христос воскреснал, освен Самиот Он. Тие барале докази, и тоа, не од други луѓе, туку од Самиот Него. Еден од начините бил Он да се јави во човечки вид. Така и станало. Колку трогателно е опишано ова прво јавување на Христа на Неговите ученици по Неговото воскресение. „Истиот ден вечерта, во првиот ден од седмицата, кога вратата, каде што беа собрани учениците Негови, беше затворена, поради страв од Јудејците, дојде Исус, застана на среде и им рече: - Мир вам!" (Јн. 20, 19). Какво необјасниво и неочекувано изненадување за нив. Да Го видат да стои помеѓу нив Оној, Кого тие Го виделе распнат на крстот, со ребро прободено од коешто истекло крв и вода. Оној, чие Тело мртво во гробот Го положиле и со тежок камен Го покриле. Со печат Го запечатиле, со стража Го чувале. За апостолите тоа биле необјасниво изненадување. Затоа, како што пишува св. ап. Лука: „А тие се збунија и така преплашени помислија дека гледаат дух" (Лк. 24, 37).


Така збунети и преплашени од ова гледање на воскреснатиот Христос, Кој стои помеѓу нив, апостолите со запрепастеност ги слушаат и првите зборови од Христа – Мир вам! Он им вели: Мир вам кои сте натажени и ожалостени. Мир вам кои сте гонети заради Мене. Мирот нека зацари во вашите срца и души. Немој да се плашите бидејќи Ме видовте врзан и со трнов венец на глава, со багреница облечен, распнат на крст и во гроб положен. На Голгота видовте дека сите сили на адот се здружија против Мене. Поткуп и предавство, лажно сведоштво и насилство, но, ништо не помогна. Стражарите бегаат. Каменот е оттурнат. Јас воскреснав, успокојте се! Мир имајте. Мир носете им на оние кои ве гонат и ве мразат.


И покрај сите овие утешни зборови, апостолите не даваат одговор. Запрепастеноста и збунетоста била толку голема што ја надминувала нивната радост. Па, затоа, Господ Исус Христос, гледајќи ги збунети им вели: „Што се плашите и зошто такви мисли влегуваат во срцата ваши?" (Лк. 24, 38).


Воскреснатиот Христос денес, и нас, нè уверува во Неговото Воскресение. Апостолите поверувале откако сè провериле и утврдиле дека Он е нивниот сакан Учител. Па така, од преплашени и збунети апостоли, постануваат храбри и непоколебливи проповедници на Господа Христа, на Неговото свето Евангелие, а како центар на верата е славното и победоносно Негово Воскресение.


И ние денеска, кои сме собрани во овој прекрасен храм Божји, посветен на Премудроста Божја – Воскреснатото Слово, да ги отвориме нашите срца и души. Да отфрлиме од нас секаква лоша мисла, престап и грев. Па, Христос Воскреснат да се всели во нашите срца и души. Та и ние да можеме да ја почувствуваме апостолската радост при нивната средба со Воскреснатиот Учител.


Ве поздравувам сите со најторжествениот и најрадосниот христијански поздрав,

Христос воскресе!

2воскр2016 5

2воскр2016 6

2воскр2016 7


Вечерна на Велигден – второ Воскресение

01. 05. 2016 година
Храм „Св. Софија" - Охрид