Скопје, 4-ти март 2016 год.-Соопштение 

Скопската православна епархија при Македонската православна црква, најостро го осудува вандалскиот чин на осквернување на осветените и благословени темели за изградба на Крст во населбата „Бутел“ во Скопје.

Со тоа (не)дело, кое по ништо не се разликува од актуелните дејства на разните радикализми на Блискиот Исток и на Африканскиот континент, во односот кон христијаните и нивните светилишта, денес во Р. Македонија се суспендирани Уставот, законите и одредбите, и тоа од оние што се дел од извршната власт, а кои треба да ги почитуваат, промовираат и заштитуваат законите и правата на граѓаните, без разлика на нивната национална и верска припадност.

Ваквиот божем партиски напад, врз верска основа а очигледно за политички цели, прави граѓаните на Република Македонија, особено христијаните, да се чувствуваат згрозени и загрозени од недемократското насилничко однесување и непочитувањето на основните верски права од страна на оние што себеси се нарекуваат демократи.

Ги повикуваме соодветните државни институции да го вратат владеењето на правото и поредокот и да го заштитат местото каде се поставени и благословени темелите за изградба на Крстот.

Ги повикуваме, исто така, и претставниците на меѓународни демократски институции, кои обично секогаш се залагаат за заштита на човековите права и слободи, да го осудат овој грозоморен чин и да им укажат на извршителите, дека тоа не се вредности ниту на една демократија. Исто така, ги повикуваме и охрабруваме поборниците за слобода и демократија во нашата држава, да го кренат својот глас и преку демократски средства да повикаат на заштита на загарантираните права на христијаните во сопствената земја.

Ги повикуваме граѓаните, без разлика на национална и верска припадност, да останат смирени на оваа и можните слични вакви провокации и да остават институциите на системот да го вратат владеењето на демократијата и правниот поредок во земјата.


Од Канцеларијата на Скопската православна епархија

 

Друго:


Божиновска: Да го сочуваме верскиот соживот што го градеа нашите прадедовци

04 март 2016 лето Господово

Директорката на Комисијата за односи со верските заедници, Валентина Божиновска повикува на зачувување на меѓуверскиот соживот во Македонија, по вчерашниот немил иницидент кога беа потрупани темелите на крстот во општина Бутел, по протестот на ДУИ.

Божиновска со соопштение апелира верниците и муслимани и христијани да ги следат примерите на меѓусебна почит што со децении ги граделе во Македонија нивните прадеодовци.

„Ги повикувам верниците од муслиманска и христијанска вероисповед да ги почитуваат начелата на верата.

Тие добро знаат дека ниту орелот, ниту крстот можат да ги направат победници или поразени. Тие историски живееле во верска толеранција и соживот и самите меѓу-себно знаеле да споделат заеднички моменти во добро и во зло.

Ниту некогаш христијаните се собирале да протестираат против изградба на џамија, ниту пак, им пречела молитвата на имамот.

Тие што вчера ги газеа осветените темели за крстот победници ли беа?

Време е кога и муслиманите и христијаните треба да се вратат на корените на своите прадедовци, зашто токму тие беа урнек како се живееше во Република Македонија.

Време е пред сѐ за човечко обединување. Онака како што можеме самите одвнатре да си помогнеме, тоа никој однадвор нема да го направи за нас.

Ве повикувам да го следиме примерот на поранешниот муфтија и сегашниот градоначалник Ружди Љата и игуменот Партениј, обата го чуваат верскиот соживот во дебарско-реканскиот крај, на Македонците, на Албанците и на Македонците со исламска вероисповед.

Само на тој начин ќе го кренеме заедничкиот бајрак на победа на верската толеранција и соживот во Република Македонија.

Апелирам во овие мигови проблемот да се разреши и институционално.“, стои во соопштението на комисијата за односи со верските заедници, потпишано од Директорката Валентина Божиновска.