Мартинки



Секој што на својата рака ќе стави или на својата облека ќе закачи таканаречена мартинка (нешто како нараквица направена од црвен и бел конец) со некаква вера дека тоа ќе му донесе здравје и среќа, да знае дека од тој момент (свесно или несвесно) се откажал од Бог, односно од Православната Вера и Црква, и не може да учествува во нејзините Свети Тајни. Не може истовремено да веруваме и во Бог и во мартинка. Верата и суеверието немаат ништо заедничко, исто како што и Бог нема ништо заедничко со ѓаволот. А на двајца господари не можеме да им служиме: или ќе Му служиме на Бог или на ѓаволот – па секој слободно нека избере кому ќе му служи. И секое друго суеверие, спротивно на православната вера, не е од Бог, колку и да е тоа народен обичај.

Носењето мартинка е суеверен и магиски, а со тоа и демонски обичај, затоа што луѓето што ги носат веруваат дека мартинките, откако ќе ги стават на себе на први март, не смеат да ги извадат сѐ до доаѓањето на пролетта и ластовичките (или штрковите) и сѐ додека не расцути првото дрво. Потоа, според истото погрешно верување, мора да ги закачат на некое дрво и да си пожелаат добро здравје и среќа, со некаква вера дека желбите ќе им се исполнат. Вадењето на мартинката пред време се смета за несреќа, и затоа луѓето ја чуваат со страв. Таквото верување и ритуал нема никаква врска со православната вера, туку е обично суеверие. Ние христијаните си носиме на рака или во рака бројаничка, украсена со крстче, која ни служи за молитва.

Христијанската среќа и здравје не доаѓаат на некој автоматски, безличен и лесен магиски начин, со некакво просто чинење или нечинење на нешто – без личен подвиг и саможртва (како што ѓаволот ги подучил Ева и Адам во рајот: само ако вкусите од плодот на познанието на доброто и злото ќе бидете како богови – види: 1. Мој. 3, 4–5), туку единствено со слободен подвиг во градење на личен однос со Бог, преку очистување на срцето од страстите, преку љубовно исполнување на Божјите заповеди и преку смирено учество во Светите Тајни на Црквата – подвиг на кој Бог лично, слободно и љубовно одговара во одредено спасително време за секој од нас.

Христијанската среќа и здравје извираат од личната заедница со Бог, а не од безлично, фобично и душегубно суеверие.
Мартинка може и да се носи неколку дена или една недела, но без суеверие дека носи некаква среќа и без целиот ритуален дел, само во случај ако е тоа во чест на нашите предци и ако е вистина дека тие ја носеле. Ама, подобро – не!


    (став на МПЦ-ОА за мартинките)

 

 

Друго:

 

Аргирета Атева:

Просто не ми се верува дека сеуште е актуелната темата за мартинките. Од толку интелектуален и просветлен народ, каков што тврдиме дека сме, на крај да покажеме крајна примитивност и слепо верување во среќа и бериќет ако се носат сплетени црвено-бели конци на рака?!

Туку, не само тоа, овде мене ми се врти и друго прашање: Дали и бројаниците не се еден вид суеверие, доколку се носат од празно верување дека носат среќа, од мода или просто поради изразување на националната припадност?

За жал, и повеќето од нас, верниците, заборават дека бројаницата се носи за да се кажува: Господи Исусе Христе, помилуј ме, мене, грешниот / грешната.

Став на МПЦ за мартинките.
http://preminportal.com.mk/266-vesti/17362-k

 
-Суеверието е всушност показател на човековата неподготвеност и неодговорност да се соочи со реалноста дека за да се постигне нешто, потребно е труд и време. Тоа би можело да се нарече и духовна недозреаност, духовен пубертет.