svharal2016 7


„Страдалнику Харалампие, ти се покажа како столб на Црквата, неизгаслив светилник на вселената и, откако болсна посветло од сонцето, ја прогонуваш идолската темнина; славен маченику, моли Го Христа Бога, да ни дарува милост голема“ (седален на Утрена на свети маченик Харалампиј).


svharal2016 8
 

На 23.02.2016 година, денот кога го прославуваме споменот на светиот маченик Харалампиј, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ - Каменско во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот Никола Христоски, свештениците Димче Азески, Горан Ставрески и Ѓорѓи Блжевски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата, според вековната традиција, беше осветен медот, а Митрополитот Тимотеј им подели нафора на верниците. Во продолжение ви ја пренесуваме беседата, со која Митрополитот Тимотеј се обрати кон верното стадо.

 svharal2016 6

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

 

Основна цел на нашето битисување е враќање во првобитната состојба во којашто се наоѓале нашите прародители. Односно, враќање во царството небесно. Милостивиот Бог, како грижлив Родител, се погрижил за нас и ја основал Црквата како Богочовечки организам. Тој Богочовечки организам нè води низ разбрануваното житејно море. Водејќи нè низ тоа море нè спасува од сите ветрови, бури и непогоди. Нè спасува од сите опасности коишто нè пресретнуваат и нè пратат во нашиот овоземен живот.


Затоа светите отци Црквата, често пати, ја претставуваат со еден огромен кораб, во којшто можат да влезат сите христијани. Влегуваат во него и пловат по разбрануваното море, упатувајќи се кон тивкото пристаниште каде ќе постигнеме вечен живот. Овој кораб го раководи Големиот Кормилар, нашиот Спасител Господ Исус Христос. Затоа црковниот кораб може да ги преброди сите непогоди што го пресретнуваат на огромната морска шир.


Ние, како христијани, кога ќе излеземе од тој кораб, со нас ќе понесеме сè она што сме го правеле во нашиот живот, и добро и лошо. Но, тогаш, не ќе имаме повеќе можност да се поправаме или, пак, да грешиме. Животот треба да го сфатиме како пловидба, а завршетокот како укотвување на тивкото и мирно пристаниште. Во вечноста со нас ќе понесеме или праведен живот исполнет со добродетели и покајание или, пак, живот исполнет со страсти и гревови, за кои ќе дадеме одговор пред Праведниот Судија за време на Неговото второ пришествие.


Животот треба да го споредиме со бистра, брза и чиста река, и истиот кон неа да го насочиме. Таа река, со својата бистрина и чистота, ги мие сите нечистотии во нашите срца и души. Ги мие како солза на покајание, којашто ја чисти душата и ја води кон својот Извор. Ако, пак, животот го споредиме со плитка и нечиста вода, тогаш таа вода, не само што нема сила да нè измие, туку, ќе нè доизвалка и ќе нè внесе во страсти, коишто ќе нè оддалечат од вистината, правдата и од посакуваната зададена цел.
Никој од нас, додека сме на земјата, не може да каже дека го исполнил својот долг во целост, исполнувајќи само некои барања од нашата вера и Црква. До последно наше издихание треба да се трудиме и усовршуваме, бидејќи нашиот Спасител ни вели: „Бидете совршени како што е совршен вашиот Отец небесен" (Мат. 5, 48). Преку овие зборови, нашиот Спасител ни го покажува патот по којшто треба да одиме. Должни сме преку сиот наш живот духовно да растеме и да се издигнуваме. Духовно да се обогатуваме и духовно да се украсуваме. Така, исполнети со овие добродетели, се доближуваме до тивкото пристаниште, и оправдано може да се надеваме на дел од царството небесно. И тогаш, ќе го оправдаме своето христијанско име и ќе се покажеме како вистински Христови следбеници.


За да го постигнеме сето ова, светата Црква ни изнесува примери на кои треба да се угледаме. Такви примери се Божјите угодници. Денеска прославуваме еден од безбројните Христови угодници, а тоа е светиот свештеномаченик Харалампиј. Како што знаеме од неговото житие, овој Божји слуга маченички го завршил својот живот. Волјата Божја била таква што св. Харалампиј доживеал длабока старост, односно 113 години. Но, сите овие години, овој блажен старец се украсувал со добродетели и со словење на словото Божјо, не плашејќи се од никакви гонители на Црквата Божја. Но, неговото трпение и неговата љубов изразена кон сите луѓе, ги надминува сите овоземни човечки расудувања. Па, затоа, тој и на неговите мачители ќе им се заблагодари што на живо го одрале, а преку тоа, побрзо го доближиле до посакуваниот венец кој ќе му биде даден од Господа Бога. Во последните зборови, изговорени пред скончание на својот живот, тој Го молел Бога за своите мачители. Го молел да не им го зема тоа за грев. Тоа можел да го направи само човек кој бил облагодатен од Духот Свет. Па и ние, да се угледаме на него, во граници на нашата можност. Да ја украсиме нашата вера со добри дела, а св. Харалампиј нека биде наш молитвеник за да ја оствариме зададената и посакувана цел. Амин!

 svharal2016

svharal2016 1

svharal2016 4

svharal2016 9

svharal2016 11

Св. свештеномаченик Харалампиј
23. 02. 2016 год.
Храм „Успение на Пресвета Богородица" – Каменско, Охрид

Извор: Дебарско- кичевска епархија