16.jpg

Благодарствено писание од верниците во Скопје

10.jpg

7/20 февруари 2016 лето Господово,
спомен на Св. Партениј Лампсакиски

Возљубен отче наш Партение,

Со преклонети колена стоиме пред Вашиот пастирски жезол, кој Ви е даден да го пастирствувате довереното Ви стадо Христово, што со години го водите низ тесниот и трнлив пат, несебично и бескрајно пожртвувано принесувајќи се себеси Вашите духовни чеда. Со смирение, трпение и љубов Вие надминувате секаква препрека, примајќи ги на себе сите удари и болки, предано отстранувајќи ги бодликавите огради за да можеме ние, Вашите духовни чеда, полесно да го врвиме патот кој води кон спасение, до Христовата светлина и топлина.

17.jpg

Во денот кога го славиме Св. Партениј Лампсакиски, ние, Вашите духовни чеда, со длабока метанија пред Вашиот пастирски жезол велиме едно големо:

БЛАГОДАРИМЕ!

Бидејќи Ви со години неуморно се трудите, заедно со братство и сестринството, да создавате царство небесно на земјата, прво тука во светиот манастир на Св. Јован Претеча и Крстител, а потоа и во нашите животи, во нашите домови. Од нас направивте радосни луѓе, кои во себе ја воспримија безмерната Ваша љубов, онаа несебична, пожртвувана љубов која само дава и не бара ништо за возврат. Со својата љубов во нашето срце го родивте копнежот кон таа безмерна љубов, а таму каде што е нашиот копнеж, таму е и нашето срце, таму е и нашето сокровиште. Тоа стана причина поради која живееме, барајќи ја вистината во ова сокровиште, бидејќи бунилото на животот, стресот на секојдневието, би биле погубни за нашите души  да не сте Вие со нас. Вие, со силата на Вашиот пастирски жезол создадовте штит кој секогаш ќе биде чувар на нашата вера, надеж и љубов.

Ние денес сме радосни луѓе, а радосниот човек е вистински Божји човек, и тој може да напредува во животот, да простува, да прима и да разбира, да не повредува, да не се впушта во обвинувања, да не озборува и не осудува. Со Ваша помош, возљубен наш учителу, научивме што е Божја љубов и станавме слободни и среќни луѓе, станавме богати луѓе, нашиот духовен сад се исполни со Божјата љубов.

Возљубен наш родителу во Христа, има ли подобар родител од оној кој целиот зрачи со безмерна радост и љубов? Затоа ние, Вашите чеда, растеме со благодетта на Вашата родителска љубов, во вистинска врска со Бога преку скрушението и смирението. Ви ветуваме дека и на дело ќе се трудиме да бидеме достојни за Вашиот труд.

Зарем би можело да има поубава и подобра од Бога подарена можност од овој светол и преблагодатен ден, за децата да ја положат пред својот духовен татко онаа трошка благодарност, и сета своја, макар и најмала љубов, и така барем малку да возвратат за онаа преизобилна грижа и љубов со која ги облева пожртвуваното татковско срце!

33.jpg

На многаја лета, возљубен наш Старецу!

Извор: Бигорски манстир