ПРОМОВИРАНА МОНОГРАФИЈАТА "СВЕТИ НАУМ ОХРИДСКИ" ОД АКАДЕМИК ГРОЗДАНОВ


На 26-ти ноември 2015 година, во салата во Соборниот храм "Св.Климент Охридски" беше свечено промовирано  вредно научно дело, монографијата на академик Цветан Грозданов "Свети Наум Охридски", која ја издадоа Македонската академија на науките и уметностите и "Матица македонска".

"Книгата е поделена во три дела: во првиот е претставен животописот на свети Наум, преку еден од најстарите извори кои постојат за него, вториот е поконкретен и ја опфаќа уметноста во манастирот 'Св.Наум Охридски'. Во третиот дел, пак, се говори опширно и за култот на свети Наум", рече архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.


За изданието говореа и министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска,  поглаварот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, г.г. Стефан и претседателот на МАНУ академик Владо Камбовски.

 

021_promocija_sv_Naum

 Монографијата е во издание на Македонската академија на науките и уметностите и книгоиздателството „Матица македонска“ од Скопје .


Поглаварот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, г.г. Стефан, во обраќањето рече дека е неоспорно оти најголемата величина и значење на свети Наум се состои токму во неговата духовност, во неговата целосна предаденост на бога и божјата волја. Книгава, која нему му е посветена, посочи г.г. Стефан, е поделена на три дела, а секој дел претставува своевидна целина.

06_promocija_sv_Naum

- Во првиот е претставен животописот на свети Наум преку еден од најстарите извори што постојат за него, но воедно се говори и за неимарската дарба на овој предан ученик и сотрудник на светите браќа Кирил и Методиј. Вториот е многу поконкретен и главно обединет околу една конкретна тема која ги опфаќа сите наслови - уметноста во манастирот „Св. Наум Охридски“ - рече г.г.Стефан.

Тој потенцираше дека во третиот дел, пак, се говори опширно и за култот на свети Наум, но не само во рамките на диецезата на Охридската архиепископија, туку и на други страни во опкружувањето, на Света Гора, до Виена и Мишколц. Потоа, нагласи поглаварот г.г. Стефан, се следи култот на свети Наум и во поновите историски раздобја, за време на просветителството во Македонија, но и во 19 и 20 век.

- Монографијата е збогатена со прекрасни фотографии кои на свој начин сведочат за моменталната состојба на многуте артефакти кои се претставени преку нив - истакна г.г. Стефан и додаде дека овој значаен труд се промовира како најава на годинашното чествување на празникот и во предвечерието на годината во која ќе одбележиме 1100 години од упокојувањето на Светинаумовиот сотрудник - свети Климент Охридски.

[youtube height="350" width="560" align="none"]https://www.youtube.com/watch?v=AzaYybgobMA[/youtube]



020a_promocija_sv_Naum

 Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска рече дека монографијата има исклучително значење бидејќи во неа академик Грозданов презентира научни опсервации и достигнувања кои ги надминуваат рамките на нашата национална историографија.

08_promocija_sv_Naum На 360-те богато илустрирани страници на изданието со аналитички пристап се опфатени повеќето просторни и тематски целини од архитектурата на главната манастирска црква посветена на свети Наум, исклучително вредниот фрескоживопис кој сведочи за суптилниот и префинет дух на мајсторот од Корча, Трпо Зограф, потоа бесценетата резба на иконостасот кој е своевидно ремек-дело, како и иконите од Константин јеромонах сликани во 1711 година кои се особено значајно културно наследство создадено во 18 век - истакна Канческа-Милевска.

Ова капитално дело, посочи министерката, е книжевна рефлексија и научен доказ за значењето на црковната, градителската и уметничката традиција на овие простори која имала комплексни влијанија на славјано-византиската духовност. Таа нагласи дека монографијата е непроценливо богатство за сите стручни лица кои во наредниот период ќе се занимаваат со проучување на различните уметнички и научни аспекти на вредностите на културното наследство на Република Македонија.

- Ова вредно дело содржи поглавја кои се фундаментални и тие ги поставуваат основните методолошки принципи на кои ќе се надоградуваат подоцнежните историско-уметнички истражувања на уметноста на 19 век и Преродбата - рече Канческа-Милевска.

Таа потенцираше дека во монографијата академик Грозданов посветува внимание и на поновата историја на манастирот која на пошироките кругови на читатели, но и на експертите, им е малку позната, особено настаните коишто се одвиваат околу манастирот по Првата светска војна.

Според Канческа-Милевска, оваа монографија остава силен впечаток дека авторот остварил големо дело кое се вбројува меѓу капиталните дела посветени на културата и уметноста на Македонија и на Македонската црква од 18 и 19 век.

- Уверена сум дека и ова издание за манастирот „Свети Наум“ за сите следни генерации, за македонската култура, за македонската држава ќе остане како трајно пишано сведоштво за богатото културно наследство што го поседуваме како земја, документ за нашето историско траење од кој младите генерации ќе црпат многубројни сознанија - додаде Канческа-Милевска.

 

Промотивна реч одржа претседателот на МАНУ, ​академик Владо Камбовски, кој рече дека со делото на академик Грозданов во нашата наука се овековечува Светинаумовиот манастир и култот на светијата, и кое, според него, станува вонвременско како и предметот на кој е посветено.

- Неговото дело мора да е едно од чудата на свети Наум. Толкав истражувачки напор, таква творечка имагинација и таква умна проникливост во неговото составување, бездруго морале да бидат вдахновени со некоја неразбирлива натчовечка сила, што блеснува мигновено и неповторливо и тешко може да се претвори во плански обновуван потфат. Такви книги се пишуваат само еднаш во творечкиот век на човекот - истакна Камбовски.

Тој посочи дека делото е доказ оти е жива вербата во нашите духовни стожери, дека е жив свети Наум.

- Им препорачувам да ја прочитаат сите што не можат да одат во манастирот Св. Наум и таму да побараат смирение за својот немир и утеха во надежта дека постои духовна сила што го држи запалено родното огнило, за да го пренесе на генерациите што доаѓаат по нас, подготвувајќи ги за соочување со еден нов и неизвесен свет - додаде Камбовски.

Грозданов рече дека во книгата ги регистрирал сите ликови кои се насликани во фреско-техника и иконопис во Свети Наум, во сите три фази од 16, 18 и преминот од 18 во 19 век.

 012_promocija_sv_Naum

 04_promocija_sv_Naum

02_promocija_sv_Naum

 Извор:

- Министрество за култура на РМ

- Преминпортал (к.т.)