презвитер Горан Стојчевски


ХРИСТОС – КРИТЕРИУМ ЗА ПОСТОЈАНОСТ И НЕПРЕСТАЈНОСТ ВО ПОДВИГОТ

ХРИСТОС – КРИТЕРИУМ ЗА ПОСТОЈАНОСТ И НЕПРЕСТАЈНОСТ ВО ПОДВИГОТ


Нашиот копнеж за средба со Воскреснатиот Господ и учеството во следење на Неговaта победа започнува од првиот ден во седмицата – понеделникот. Како што поминуваат деновите од седмицата, ние живееме со сеќавањето на изминатиот неделен ден, на изминатата мала Пасха, и во исчекување на денот недела што следува, во кој повторно ќе го живееме надминувањето на сопствената смрт и прeображението на својот сопствен живот во просторот на Царството Божјо.
–    Aрхимандрит Георгиј Капсанис

Погорецитираниот текст го дава критериумот во Црквата, нашето учество во светотаинскиот живот на Црквата, нашиот подвиг за спасение, а тој е Христос Богочовекот, Кој ни се дава на секоја Света Литургија. Дали Го примаме или не – тоа кажува дали нашиот однос кон Него е жежок, студен или млак (види: Откр. 3, 16). Пристапувањето кон Светата Причест, т.е. соединувањето со Христа Воскреснатиот е мерата според која можеме да оцениме колку сме воцрковени, колку сме навистина православни. Друг критериум освен Христа нема, и според Овој критериум можеме да оцениме дали сме во криза, дали сме во униние и дали сме отстапиле од Преданието на практичното покајание и постојаната молитва. За Православната Црква важи светоотечкото сиже: законот на молитвата е закон на верата. А под законот на молитвата се подразбира богослужението, т.е. се подразбира и личниот и, пред сè, соборниот литургиски живот (подвиг) на Црквата, кои се неразделни во Богочовечкиот организам што го чиниме сите како живи и конкретни човечки личности, како народ Божји собрани околу епископот (во него се подразбира свештенството, ѓаконството и монаштвото), причестувајќи се со Телото и Крвта Христови – по ова се идентификуваме со верата и дали ја држиме како православна.

Во Литургијата сè е опфатено: и покајанието и пророштвото, проповедта и огласувањето, реализирањето на сè она што заради нас направи Христос – Крстот, гробот, тридневното Воскресение, секако, и очекувањето на Второто и славно Негово доаѓање, и точното исповедање во верата. Соединети во верата слободно Го повикуваме Бога како наш Отец, Кој, еве, од Своите чеда преку благодатта на Светиот Дух го прима нашето предложение: „Твои од Твоите“, како благодарење од сите и за сè; и ни Го дава Лебот наш насушен сега, како Тело и Крв Христови, во Кого примивме посиновение преку Крштението. Сега, во Него примаме прошка на гревовите и живот вечен, кој со Христа значи спасение, единство и обожение во Царството Божјо, кое е присутно сега и овде, во светот, преку Светата Литургија, а кое го очекуваме за вечни векови. Накратко, тоа е нешто што го примивме, конкретно на исповедта како кулминација на нашето покајание, во кое се измиривме со Црквата Божја во Христа Исуса. И продолжуваме со покајанието, но сега со благослов на духовниот отец од кого сме примиле не само насока да врвиме по Патот, Вистината и Животот, туку и слово за молитвено правило, пост, метании, читање на Светото Писмо. И секако, повторно кулминација на благословот за редовното причестување како сигурен критериум за нашето спасение.
Во разговор со мојот другар, отец Григориј, само ќе си спомнеме за таа прва благодат на измирувањето со Христа и веднаш ни се навраќа убавината на животот во кој само тоа ни е потребно – да се причестиме со Изворот на животот. Па и ритамот на седмицата се одвиваше во внимание над себе и над своите помисли преку редовното практикување на Исусовата молитва (онолку колку што ни беше благословено), за да се сретнеме со Христа и да Го примиме во своето срце, и реално преку Причеста. Затоа таа прва благодат ни се дава да ја живееме толку радосно; а кога веќе отпаѓаме од неа, да се потсетуваме дека само Он ни е навистина потребен.
И повторно мерката на паѓањето и отуѓувањето од Бога го мериме со Христа: се молиме ли редовно со Исусовата молитва, постиме ли како што треба според благословот на духовниот отец, правиме ли метании според силите и благословот, го читаме ли редовно Светото Писмо, размислуваме ли, богомислиме ли за тоа што ќе го прочитаме; и секако, на почетокот и на крајот, алфа и омега – Христос. Колку редовно Му пристапуваме за да се соединиме со Него, за да се запрашаме: дали јас сум православен како што сум крстен, како што се идентификувам макар и номинално, дали сум се заинтересирал за Христа на Кого Му припаѓам? Затоа, редовното пристапување кон Причеста е мерило за нашиот лично-соборен акетски подвиг во Црквата. (Она што деновиве излезе како официјален документ на Руската Православна Црква за учеството на верните во Евхаристијата, нам не ни беше предаден толку опширно, туку според покајанието и, пред сè, благословот на духовниот отец се причестуваш редовно или не. Нема потреба од схоластика.) А христијанскиот подвиг во светот е подвижништво, независно дали сме во монаштво или во брак, а тој аскетски подвиг е исихастички. Тоа е православното Предание, тоа ни го сведочат сите овие титани на православниот опит со кои се запознаваме преку последниве броеви на „Премин“, меѓу кои е и авторот на гореспоменатиот цитат, архимандрит Георгиј Капсанис.

Дури и сето ова погоре да е спакувано во теолошки рамки, овие свети подвижници ни покажуваат дека нема теологија без молитва. „Ако си богослов, тогаш ќе се молиш вистински, и ако вистински се молиш, значи си богослов“, вели ава Евагриј Понтиски. А веќе рековме дека сите достигнале обожение преку законот на молитвата, кој е закон на верата – а тоа е Христос, исполнувањето на Законот и пророците. И за да не се однесува ова само на свештенослужителите, не треба да заборавиме дека Бог го создаде човекот како свештенослужител, да се грижи за светот и за секое создание, и да Го созерцува Бога преку Благодарењето – од век коренот наш е евхаристиски за навек. А коренот треба да роди плод: некој ќе роди триесет, некои шеесет, а некои сто. Кој има уши да слуша, нека чуе (Мт. 13, 9).

P. S. Најголемата болка на човекот отсекогаш била и е гревот. Црквата сведочи дека лекот е во Телото и Крвта Христови со кои се причестуваме. Сè друго може да биде само теологија, философија, психологија или социологија, а природните науки одамна само ги истражуваат последиците од болката.

Извор. ПРЕМИН

бр.105/106