Скопје, 21-ви септември 2015 год.-храм  Рождество на Пресвета Богородица

 
На 21.09.2015 година, кога Светата  Црквата молитвено го прославува Раѓањето на Пресвета Богородица,деканот на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје, протопрезвитер, проф. д-р Ацо Гиревски во сослужение на свештеникот Игор Димитриевски и ѓаконот Методиј Митановски, отслужи Божествена Литургија  во во Нејзиниот храм во Скопје.

 
Протопрезвитер д-р Ацо Гиревски
РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Пресвета Дева Марија се родила од своите престарени родители Јоаким и Ана. По татко произлегува од царски род, а по мајка – од правосвештенички.
Денот на нејзиното раѓање е празник, кој е почеток на сите Новозаветни празници. На земјата се родила онаа од која се родил Спасителот Господ Исус Христос.
Ние луѓето го празнуваме роденденот на нашите роднини и блиски, како и роденденот на големите личности. А кој од родените на земјата е поголем и позначаен од Мајката на нашиот Спасител Господ Исус Христос? Кои од нашите роднини и блиски кои се денес живи, а утре ги нема, можат да ни бидат поблиски и подраги од Света Дева Марија, Мајката Божја, молитвената закрилица на христијаните?
Ние денес не го празнуваме роденденот на Пречистата само како на блиска и драга и не само на голема и позната личност; го празнуваме овој нејзин ден како на онаа, која е најчиста, најкротка, најмилостива и преисполнета со љубов. Чествувањата по повод празникот ги започнавме со вечерна богослужба и литија низ градот, враќајќи ѝ го по половина век достоинството на заштитничка на градот Скопје. Подржете ја литијата и во иднина!
Каков подарок можеме да и дадеме денес на Пречистата? Свеќа, молитва, особена искрена и топла молитва. А најважно од се е: да си спомнуваме за неа и да се угледаме на нејзиниот живот: да се угледаме на нејзината чистота, на нејзината љубов и на нејзиното трпение.
Денес сакам да ви говорам за молитвата.
Молитвата - тоа е нашиот разговор со Бога. Во молитвата ние Го прославуваме Бога, Му благодариме и бараме од него се што ни е потребно. Молитвата е вистинска голема сила, со која се прават чуда. Треба да се молиме секој ден. Понекогаш ни е тешко да се молиме, немаме молитвена расположба, но во таков случај потребно е да се принудуваме на молитва. Зошто ако не се молиме тогаш кога немаме молитвена расположба, можеме постепено да заборавиме воопшто на молитвата и да одвикнеме да разговараме со Господа и така можеме духовно да паднеме. И тогаш кога немаш расположба за молитва, и тогаш стани и моли се; токму за време на молитвата доаѓа и вистинската расположба, кога ја завршиш ваквата студена молитва речи: „Прости ми Господи, што не можев да се помолам како што треба“.
Треба да се молиме со доверба во Господ. Секогаш треба да си спомнуваме за зборовите на Господовата молитва: „Да биде волјата Твоја“. Кога се молите не треба да му поставувате услови и рокови на Господа. Господ рекол: „Барајте и ке ви се даде“, но не рекол кога; тоа зависи само од Бога.
Родителите на Пресвета Дева Марија, Јоаким и Ана биле добри и побожни луѓе. Тие биле многу жалосни што немале деца. Му се молеле на Бога да им даде чедо; минувале години, остареле и уште немале чедо. Но тие не престанале да се молат. И најпосле Бог ја услишил нивната молитва и им дал чедо: им се родила Пречиста Дева Марија.
Така и ние не треба да очајуваме кога Бог веднаш не ни ги услиши нашите молитви. Треба да се молиме топло, искрено, непрестано и со силна доверба во Бога. Таквата молитва Господ ја слуша и ја исполнува тогаш кога Он ќе најде дека она што го бараме навистина ни е потребно.

Пресвета Богородице, спаси нè нас! Амин.

 

 

Преминпортал (к.т.)