01.jpg

03.jpg

Промовиран зборникот „Бигорски Манастир – 20 години возобновено монаштво“
29 август/11 септември 2015 лето Господово
Усекновение на чесната глава на Св. Јован Претеча

Во рамките на вчерашното светло торжество по повод главната манастирска слава – Усекновение на чесната глава на Св. Јован Претеча и Крстител, и прославата на 20-годишниот јубилеј од обновата на општежителното монаштво, после празничната Вечерна богослужба, во манастирскиот двор се одржа свечена културно-уметничка програма во која беше промовиран јубилејниот зборник „Бигорски Манастир – 20 години возобновено монаштво“.

Пред неколку илјадното мноштво верни, среде кое беа присутни и Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски, г. г. Стефан, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Брегалнички г. Иларион, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, претставници од Владата на Р. Македонија, игумени на неколку манастири од нашата земја, игуменијата Таиса и нејзиното сестринство од Клисурскиот Манастир во Р. Бугарија, академици и претставници од научниот, културниот и политичкиот живот во Р. Македонија, свеченоста ја започна нашиот возљубен Старец и игумен, Архимандритот Партениј со своето смиреномудрено поздравно слово:
„Ваше Блаженство, Архиепископ Охридски и Македонски, г. г. Стефан,

Ваши Високопреосвештенства,

Достојнопочитувани службеници во Владата на Р. Македонија

Достојнопочитувани академици, професори, претставници од научната, културната, политичката и јавната сфера во Р. Македонија,

Ваши Екселенции,

Сечесни презвитери и ѓакони, отци игумени и мајки игумении, монаси и монахињи,

Возљубени браќа, сестри и чеда,

Гледајќи го со неизмерно ликување во душата овој торжествен собор, нема што би можел да кажам, освен смирено да ја изразам својата преголема благодарност кон Семилостивиот наш Спасител, Господ Исус Христос, зашто Он погледна на понизноста на слугите Свои и нè удостои нас, последните и најмалите, и по две изминати десетолетија, уште смерно да стоиме во подвигот овде, во ова преславно светилиште на најголемиот меѓу родените од жена (Мт. 11, 11), великиот и Свет Пророк, Претеча и Крстител Господов, Јован.

Кога праотецот на сите верни, старозаветниот Патријарх Авраам, кај Мамврискиот даб му се обратил на Бога со зборовите: Еве, се осмелив да Му проговорам на Господ, иако сум земја и пепел (1 Мојс. 18, 27); кога и големиот и врховен Апостол на народите, Божествениот Павле се нарекол себеси недоносче - недостоен да се нарече Апостол, тогаш што би можел да кажам јас, најнедостојниот, освен да упатам зборови на свештена благодарност кон Бога најзвољубениот? Му благодарам за призивот со кој нè повикал, за благодатта со која нè дарувал, за силите со кои нè укрепил, за искушенијата со кои нè испитал, за падовите со кои нè смирил, за љубовта со која нè милувал. Му благодарам за годините во Негова служба изминати, за делата преку Него и за Него направени... Му благодарам за нашиот многупочитуван Архијереј и духовен пастир на оваа богочувана Епархија, Митрополитот Тимотеј, за неговиот архиерејски благослов и молитви, како и за неговата постојана и несебична поддршка кон нашето монашко братство во изминативе 20 години. Му благодарам на Бога за сите оние што на каков било начин ни помогнале, нè утешиле, нè поддржале, но и за тие што нè повредиле и натажиле. Му благодарам и за сите вас во Христа возљубени, коишто дојдовте денес да ја споделите радоста на нашето монашко семејство.

Навистина се чувствувам себеси за крајно неподготвен и неподобен да зборувам за тоа што значи рамноангелниот монашки живот, па затоа со целото свое срце сакав таа возвишена и благородна, но во исто време и тешка задача, да му ја препуштам на најстариот монах во нашата земја, Неговото Високопреподобие, Архимандритот Нектариј, игуменот на Свештената Обител на Св. Наум Охридскиот Чудотворец. Верувам дека токму по молитвите на Светиот и Рамноапостолен отец наш Наум Охридски, родоначалникот и небесниот покровител на словенското општежително монаштво, нашиот отец Нектариј беше избран и повикан во монашкиот ред во време кога беше многу тешко да се биде дури и Христијанин, а камоли монах, и беше високо издигнат како обелиск и светилник, кој го осветли патот на едно цело поколение монаси и ја одгатна големата тајна на служењето и пожртвуваноста за доброто на својот народ, Црквата и Татковината. Никогаш нема да ги заборавам зборовите што ми кажа тој пред моето заминување на Света Гора, кога двоумејќи се дали да го направам тој чекор, го побарав неговото мислење. Тогаш отец Нектариј ми даде вистински татковски совет: ‘Оди, таму ќе научиш многу, па ќе можеш и други да научиш. Тоа е најдоброто што можеш да го направиш’.

А од вас, возљубени гости, би сакал само смирено да побарам да Го помолите милостивиот Господ да нè удостои до крај да го изодиме патот на добриот подвиг, борбата храбро да ја завршиме и верата да ја запазиме.

Ви благодарам на вниманието“.

04.jpg

Во продолжение следеше говорот на Неговото Високопреподобие, Архимандритот Нектариј, многуценетиот игумен на Манастирот „Свети Наум Охридски“ и драг пријател на нашата Обител, кој со особено монахољубие зборуваше за возвишеноста на монашкиот живот и неговото големо значење за општеството и Татковината.

07.jpg

Нашиот, пак, ценет професор од Православниот богословски факултет, протоѓаконот Ратомир Грозданоски, во својство на промотор, на еден студиозен и прекрасен начин, со длабоко вдахновено слово го промовираше јубилејниот зборник, предавајќи им на присутните низ своите поетски метафори еден навистина суштински предвкус на духовното богатство содржано во зборникот.

09.jpg

Вистинска драгоценост беше и словото на далеку познатиот македонски академик Цветан Грозданов, кој говореше за значењето на Бигорскиот Манастир низ вековите, и за личноста на првиот ктитор Јован Дебарски.

На крајот од оваа свечена промоција, нашиот многупочитуван надлежен архипастир, Митрополитот Тимотеј, од името на Бигорската Обител им го додели одликувањето „Претеча“ на: г-ѓа Валентина Божиновска, проф. д-р Сашо Цветковски, г-ѓа Милка Симоновска и компаниите „Електра комерц“, „Мобил-ел“ и „Техноклима“, како и благодарници на: г-дин Владимир Јовановски, и компаниите „Сашопласт“ и „Симона мебел“, поради нивната несебична помош кон Манастирот во изминативе години.

Свечената програма беше збогатена и со учеството на хорот на Бигорскиот Манастир, како и со настапот на гудачки квартет од Македонската филхармонија, кој во чест на воскреснатото општежително монаштво после безбожното комунистичко време, како и во чест на воскреснатото Бигорско Светилиште после пожарот од 2009 г., го отсвири победниот тропар на Воскресението Христово.

11.jpg

12.jpg

13.jpg

14.jpg

15.jpg

Извор: Бигорски манастир