svetiilija

 

 † СТЕФАН
ПО МИЛОСТА БОЖЈА,
АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ,
ЗАЕДНО СО СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД,
ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ, МОНАШТВОТО
И ДО СИТЕ ЧЕДА НА
МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА,
А ПО ПОВОД ИЛИНДЕНСКИТЕ ПРАЗНУВАЊА,
ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА

Господ е Духот;
каде што е Духот Господов,
таму има слобода
(2. Кор. 3, 17).

Возљубени празникољупци,

Слободата е светост за секој поединец, за секое општество, за секој народ. Слобода постои таму каде што нема заробеност, каде што нема робување, каде што нема угнетување. Слободата е таму каде што се населил спокојот, каде што владее мирот, каде што царуваат слогата и хармонијата. Слободата е идеалот што треба да биде посакуван од секого од нас поединечно, но и од сите нас заедно.

Бог го создал човекот да биде слободен. – И виде Бог дека е многу добро сè она што го беше создал (1. Мој. 1, 31). Ова потврдува дека таму каде што е присутно доброто, присутна е и слободата, зашто каде што има зло, не може да има слобода. Човекот е создаден со слободна волја, за да може самиот да избира меѓу доброто и злото, да Го прифати или отфрли Бога. Но овој избор самиот по себе не го прави човекот слободен, туку тоа за што тој ќе се определи. Ако се одлучи за доброто, за изворот на доброто, а тоа е Бог, тогаш ќе биде слободен и ослободен: Никој не може да им слугува на двајца господари… Не можете да им служите на Бога и на Мамона, порачува Господ Исус Христос (Мат. 6, 24). Секоја човечка постапка се определува според мерата на тоа колку е човекот и слободен и ослободен од гревот. Ако е роб на гревот (сп. Јован 8, 34), на живеењето според своите страсти и желби, тогаш тој ги твори делата на злото, постапува без љубов, себељубиво и користољубиво. Слободата е присутна таму каде што постои љубов, каде што има љубов и кон Бога и кон луѓето. И не само кон Бога или не само кон луѓето, зашто едната со другата љубов никогаш не се исклучува, туку се надополнува: Ако некој рече: Го сакам Бога, а го мрази својот брат, лажливец е. Зашто оној кој не го сака својот брат, кого го видел, како може да Го сака Бога, Кого не Го видел (1. Јован 4, 22). Затоа, треба да се сакаме еден со друг, оти љубовта е од Бога, и секој, кој сака, е роден од Бога и Го познава Бога… Ако се сакаме еден со друг, Бог пребива во нас и љубовта Негова е совршена во нас (1. Јован 4, 7 и 12).

Возљубени чеда во Господа,

Живееме во време на силно задушување на човековата слобода. Од разни страни на светот слушаме за војни, прогони, угнетувања и убиства, за разурнувања на домови на илјадници недолжни луѓе, за уништување на стари култури и цивилизации, за обиди да се избрише и сето христијанско наследство на некои простори. Меѓународните фактори и институции го премолчуваат и не реагираат на егзодусот, но и на геноцидот што се случува врз христијанските заедници по земјите како Ирак, Сирија, Либија, и во другите земји на Блискиот Исток, како и на Африканскиот континент. Недостасува потребна реакција за заштита на недолжното население. Таквиот однос е показател дека и во ова време на напредна цивилизација и технологија, соочени сме со голема отуѓеност на луѓето меѓу себе и од Бога. А тоа се должи на фактот што современиот човек, преку своите искривени верувања и убедувања, преку својата свртеност кон себе, со уривањето на природните закони, всушност, се заробил и станал затвореник на самиот себеси и на своите страсти. Па затоа денес сме соочени со прифаќање на наметнатите неприродни вредности како цивилизациски придобивки на современиот човек.

Појави со закана кон слободата, за жал, има и во нашиов простор. Ете и неодамна, со настаните во Куманово, нашата слобода беше ставена на голем испит. Но благодарение на храброста на нашите бранители, чие дело на љубов кон ближниот и одбрана на слободата вечно ќе остане врежано во меморијата на овој народ, го надминавме тоа искушение. Делото на илинденците сведочи дека секогаш одлучно треба да се спротивставуваме на желбата на оној кој сака да нѐ покори, да ни ја одземе слободата. Но како и честопати порано, така и денес, ние се соочуваме со нашите најголеми непријатели – нашето неединство и меѓусебната борба. Најтешкото е тоа што самите помагаме да ни се одземе слободата. Затоа мораме да смогнеме сили и да се надминеме себеси за да придонесеме кон заедничкото добро, за својот и опстојот на идните генерации. Зашто, како што ние го величаме делото на илинденците, нивната бескомпромисност во борбата против злото и угнетувачот, кои и денес тропаат на портите на нашата слобода и на нашата државност, така и нашите потомци можат да ја осудуваат нашата нерешителност, како и тоа што ризикуваме многу од заедничкото заради лични интереси. Мирот, напредокот, слободата, добробитот на народот, секогаш треба и мора да бидат единствена цел. А тоа не може да го направиме ако сме заборавиле на Бога, ако сме заборавиле на верата и на живеењето со верата, ако сме се отуѓиле од Евангелието и од Црквата. Не треба да го заборавиме вечно важечкиот евангелски принцип, кој нашиот Спасител, Господ Исус Христос, го поставил како животен двигател за сите генерации: Ако вие останете во Моето слово, навистина ќе бидете Мои ученици; и ќе ја запознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи (Јован 8, 31 – 32).

Возљубени чеда на славните илинденци,

Ние не можеме и не смееме да го заборавиме делото на нашите илинденски јунаци, изградено врз љубовта кон Татковината и кон својот род, кон својата вера и Црква. Тие ни оставија вечен аманет, кој нашиот народ не смее да го заборава, а тоа е будното чување на слободата. Тоа ќе се постигне единствено преку негувањето на братољубива сплотеност, во постојан подвиг за надминување на меѓусебните несогласувања и недоверби. Доколку, пак, надвладее омразата, таа ќе го трасира патот кон сопственото уништување, кон историскиот заборав. Па секоја цивилизација пропаѓала не толку поради надворешниот непријател, колку поради сопствената небудност. Затоа, да не дозволиме омразата да ни стане одлика како народ, туку напротив – да работиме на тоа љубовта да надвладее меѓу нас!

Господ да го благослови делото на нашите славни јунаци, и во првиот и во вториот Илинден, делото на сите жртви во одбрана на духовната и народната слобода на Македонија! Нивната љубов кон верата и Татковината и нивната подготвеност да се жртвуваат за слободата, нека биде пример за сега и засекогаш.

Нека им е вечен споменот на сите паднати за слобода на Македонија! – Амин!

АРХИЕПИСКОП
ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
†СТЕФАН

Заедно со членовите на
Светиот архиерејски синод на
Македонската православна црква

† ПЕТАР, Митрополит Преспанско – пелагониски и администратор Австралиско – новозеландски
† ТИМОТЕЈ, Митрополит Дебарско – кичевски
† НАУМ, Митрополит Струмички
† АГАТАНГЕЛ, Митрополит Повардарски
† МЕТОДИЈ, Митрополит Американско – канадски
† ПИМЕН, Митрополит Европски
† ИЛАРИОН, Митрополит Брегалнички
† ЈОСИФ, Митрополит Тетовско – гостиварски
† ЈОСИФ, Митрополит Кумановско – осоговски
† ГОРАЗД, поранешен Митрополит Европски
† КЛИМЕНТ, Епископ Хераклејски
Илинден, 2015 г