Духовното богатство на Македонија достапно на првата Црковно - географска карта


Скопје, 10 јули (МИА) - Целокупното духовно богатство на Македонија од околу  300 лоцирани поважни свети градби и одбележани граници на епархиите во земјава достапно e на првата Црковно-географска карта, која Православниот Богословски факултет „Св. Климент Охридски“ ја објави во чест на 30-годишнината од своето возобновување и едукација на теолошки кадар.

Изданието ќе биде дистрибуирано низ книжарниците во земјава и со нејзината продажба се очекува да се зголеми интересот за посета на црквите и манастирите во Македонија.
- Прв пат МПЦ ја има својата црковно-географска-фактографска положба според епархиите во татковината и епархиите во дијаспората, потенцира денеска на промоцијата на изданието Ратомир Гроздавноски, декан на Православниот Богословски факултет.
Картата  е општо корисно дело со богат картографски и фактографски материјал што овозможува голем број информации за ризницата на манастири и цркви на територијата на Македонија, беше нагласено на денешната промоција.
- Информациите презентирани на оваа карта се надополнети и со систематски список на имиња на црквите и манастирите и нивната локација по населби, класифицирани според епархиите во кои припаѓаат. Имено, станува збор за околу 300 објекти коишто се издвоени како поважни, рече професорот Благоја Марковски. цр/јт/19:40