На 28-ми и 29-ти април годинава во Националниот центар за образование „Димитру Станилое“ во Букурешт се одржа Национален симпозиум од областа на христијанската педагогија на тема „Белези на христијанското образование во богословието на св. Јован Златоуст, прилагодени на современиот контекст на односот Црква – Семејство – Училиште“. На отворањето на оваа свечена манифестација, пред присутните се обрати Неговата Светост, Романскиот Патријарх г.г. Даниил, кој меѓу другото рече:

- Вредноста на образованието, како во семејството и Црквата, така и во училиштата, е значајна за историјата, но дури и за вечноста, до онаа мера до која тоа образование се одликува со отвореност кон здобивање на вечен живот и радост во вечната љубов Божја. Во денешниот контекст на прекумерно информациско и технолошко општество, постои ризик за сведување на образованието на процес со кој би се стекнувале единствено применливи информации, за на тој начин обезличените млади луѓе да бидат способни да се интегрираат во еден систем на непосредна практична ефикасност. Токму во оваа ситуација, вредноста на верското образование е голема, и се потврдува фактот дека христијанското образование не може да биде структурирано според некој ограничен и временски квант на знаење, туку во светлоста на вечната Христова љубов.

Симпозиумот го модерираше викарниот епископ г. Варлаам, а на него учество зедоа бројни културно-образовни дејци, но и личности од политичкиот живот во Романија. Излагањата беа поделени во три категории: 1) образовната улога на семејството во современото општество; 2) важноста на верското образование во јавните училишта и 3) Образованието во животот и мисијата на Црквата.

Извор: Информативна служба на Романската Патријаршија

Преземено од: Кумановско- осоговска епархија