11065933_1562166470722063_519635326196585373_n

 

 23/03/2015   Беседи и проповеди, Богослужби

На 22.03.2015 година, во Четвртата недела од Великиот Пост посветена на св. Јован Лествичник, кога го празнуваме и споменот на светите Четириесет Севастиски маченици (Младенци), и светите Четириесет Битолски преподобно-маченици, Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар отслужи Божествена Литургија во храмот посветен на „Светите Четириесет Севастиски Маченици“ на Кркардаш.

На Литургијата, покрај многубројниот верен народ, гостуваше и црковниот хор од Ресен, „Св. Ахил Преспански“.

Владиката посебно им го честита на верниците празникот на светите Четириесет Битолски преподобно-маченици, чиј спомен со генерации се пренесува во народот, и е празник, кој традиционално го сплотува и соединува сиот народ, на поклонение на местото каде пострадале, и каде е подигнат храмот – на Кркардаш.

P1140928

 Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Овој род зол и прељубодеен само со пост и молитва се изгонува. (Мк. 19, 14 – 29).
Браќа и сестри, го слушнавме денешното свето Евангелие, во кое се говори како учениците Христови, Апостолите, не можеле да излекуваат едно момче кое било опседнато од нечист дух. Настанала расправија меѓу луѓето, и кога Господ Исус Христос се спуштил од гората Тавор, со Неговите ученици Јаков и Јован, само таткото на момчето Му рекол: „Го донесов мојот син, да го излекуваат твоите ученици, но тие не можеа. Ако можеш Ти, излекувај го!“ Господ му рекол на овој човек: „Веруваш ли дека можам да го излекувам?“ А човекот одговорил: „Да, Господи, верувам! Помогни му на моето неверување!“
Тогаш Господ веднаш ја утврдил причината за болеста на детето – а тоа било неверувањето на неговиот татко. Кога тој посакал да поверува, и покрај тоа што немал сила да поверува, побарал од Господ Исус Христос сила, благодат да поверува дека Он може да му помогне, и Господ го излекувал тоа момче. Така, излекувајќи го најпрвин таткото од неговото неверување, а потоа и момчето, веќе опседнато од демонот, Господ Исус Христос ги отпуштил во мир.
Но, зошто и како, ова момче не можеле да го излекуваат учениците Христови? Пред се, затоа што сеуште немале примено сила одозгора, не биле исполнети со Светиот Дух. А тоа се случило на Духовден, кога Духот, во вид на огнени јазици слегол врз апостолите, кои претходно биле слаби, па дури и го оставиле Господ под Крстот, како што и самиот претскажал – ќе го поразам Пастирот, и овците ќе се разбегаат. Истите тие апостоли, кои претходно биле слаби и плашливи, откако го примиле Светиот Дух, станале спремни и животот да го дадат за Христос, што подоцна и се случило.
Овој род зол и прељубодеен, не се истерува со ништо друго, освен со пост и молитва.
Ние се наоѓаме во Четвртата недела од Великиот Пост. Знаеме дека телесниот пост се состои од воздржување од мрсна храна и жестоки пијалоци. Но, уште поважен е духовниот пост, браќа и сестри. Телесниот пост е неопходен, и има за цел да не поттикне во духовниот пост. А тој се состои од тоа, да се воздржуваме од грешни помисли, желби и дела. Да не правиме зло на ближните, да не завидуваме, да не осудуваме, да не ги повредуваме нашите ближни, да не ги одминуваме оние што страдаат. Но, уште нешто, без кое постот нема да ја исполни својата цел, е молитвата.
Молитвата, е разговор со Бога. Прочистување на нашите духовни очи и срца, да ја видат волјата Божја, да го согледаат своето недостоинство, и да научат вистински да сакаат. Само молитвата која го опфаќа сето создание, сиот човечки род, е способна да исцелува. Такви молитвеници за сиот свет биле, и светите Четириесет Севастиски маченици, и светите Четириесет Битолски преподобно-маченици. Едните, војници во Римската империја, во 320 година, другите воини Христови, во 1385 година, ги положиле своите животи за својата вера.
Кога настанало гонење во времето на Ликиниј, војниците биле изведени пред на, а тој им се заканил дека ќе им ја одземе војничката чест. На та еден од нив, Свети Кандид, одговорил: „Не само војничката чест туку и телата земи ни ги; нам не ни е ништо помило и почесно од нашиот Бог Христос“. Тогаш, царот наредил на слугите да ги каменуваат овие светители. Но се случило чудо, и камењата сами почнале да се враќаат и да паѓаат врз тие што ги фрлале. Тогаш, мачителите ги фрлиле војниците во леденото езеро, а до езерото поставиле топла бања, за соблазнувајќи се, мачениците да се одречат од Христос и да им се поклонат на идолите. И навистина, еден од војниците се соблазнал. Но, ноќта паднала необична светлина над војниците, и еден од војниците видел како триесет и девет венци се спуштаат над нивните глави. Истиот тој, веднаш самиот влегол во леденото езеро, и го примил четириесеттиот венец на предавникот.
Десет века подоцна, вторите Христови воини, го повториле примерот на храбрите војници, и уште повеќе ја утврдиле верата на христијаните. Свети 40 Битолски Преподобномаченици најревносните, проповедници и чувари на верата, претежно млади продуховени и просветлени монаси, со неколкуте искусни обожени страци, сите заедно триесет и девет на број, од повеќе битолски манастири и скитови, кои, по Божја промисла, ги преживеале страшните настани, се повлекле во манастирот „Св. Георгиј Победоносец“. Оттаму, тие преку молитви, утехи и беседи ги храбреле битолчани да не го жалат, па ако треба и да го дадат својот привремен живот само да не се откажат од својата прататковска вера во Христа, знаејќи дека така ќе придобијат бесмртен живот во слава и чест. Монасите ги покрепувале луѓето да ја изградат нивната и вера врз единствениот краеуголен камен, кој е Господ наш Исус Христос, од кого ни височината, ни длабочината, ни животот, ни смртта (Рим. 8, 35), нема да може да не одделат.
Тоа секако многу ги разбеснувало османлиите, и тие решиле да ги замолчат монасите. Сакале да ги убијат, но бидејќи знаеле дека би придобиле многу повеќе луѓе, ако монасите ги преобратат во Исламот, решиле најпрвин да ги убедуваат. Така, Османлиите си зеле преведувач, кој ги преведувал нивните разговори, и почнале да разговараат за главните учења на исламот и христијанството. Кога го чул сето тоа, преведувачот не можел, а да не поверува во зборовите на оние кои знаеле дека ќе го изгубат животот, и тогаш исповедал дека и тој сака да биде христијанин. Тој веднаш бил избиен и фрлен заедно со другите монаси во темница. Преку ноќта, светите отци со голема љубов се погрижиле за него и подробно му го објасниле Евангелското учење. Целата таа ноќ тие ја поминале во непрестајни благодарења на Бога, славословија и усрдни молитви. Утредента, кога посрамените Агарјани увиделе дека монасите се непопустливи и бидејќи исполнети со безмерен гнев, ги осудиле на смрт сите четириесетмина и ги повеле кон височинката на Баирскиот рид, кај еден голем камен, што сè уште постои, за таму да им ги отсечат главите.
И како што вели нивното житие: пред да бидат посечени, тие Му се помолиле на Бога: да ги заштити децата и луѓето кои умираат за Него, да ги вразуми заблудените, да се смилува над градот и повторно да го подигне од урнатините, да им го врати скиптарот на христијанските цареви… А разбеснетите мачители, ги расфрлале нивните мошти низ ридот, за да не остане ни трага од нив, и христијаните да не можат да го почитуваат нивниот спомен.
Ваквите примери, драги браќа и сестри, не се некое измислено предание, зашто истото се случува и денеска. Многу луѓе ги полагаат своите животи за верата во Христос и за ближните свои, убивани од луѓе кои мислат дека на Бога Му принесуваат служба (Јн. 16, 2). А овие свети маченици, ги подготвиле нивните души и тела, и се удостоиле за маченичкиот венец.
Да се молиме и ние, браќа и сестри, да се молиме постојано, како што вели светиот апостол Павле, зашто само така ќе научиме вистински да го сакаме Бога и ближните. Да се учиме од сè она што Господ ни го предал преку светите маченици во Неговата Црква, да го примиме и ние нивниот благослов, кој ќе ги освети и нашите семејства, и нас ќе нè направи учесници во несоздадената благодат на Царството Небесно.
По молитвите на светите Четириесет Севастиски маченици и светите Четириесет Битолски преподобно-маченици, Господ да нè подготви и ни го подари Царството Небесно. Бог да ве благослови!

(според записот од беседата на владиката)

 P1140831P1140834P1140837

P1140854P1140857P1140867

P1140901P1140911P1140913

Извор: Преспанско- пелагониска епархија