На 8-ми февруари  2015 година, во  Неделата на  блудниот син кога Македонската православна црква-Охридска архиепископија го прославува споменот на свети Давид, цар Грузиски ,  во храмотна св. Јован Крстител, воскопската  населба Аеродром,свештеник Ангел Сердарски во сослужение на ѓаконот Ванчо Умленски  отслужи Божествена Литургија. На Литургијата верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.  На крајот од Литургијата, отецот  произнесе беседа толкувајќи го Евангелието за блудниот син.

 

 свештеник Ангел Сердарски:

Недела на блудниот син

Во името на Отецот, Синот и Светиот Дух,
Во денешната втора подготвителна недела, пред почетокот на Велигденскиот пост, мајката Црква преку Спасителовата приказна за блудниот син се труди да ги разбуди сите свои чеда од гревовниот сон, па да не упати сите нас кои сме Христови следбеници кон совршенство и свет живот. Бескрајна е Божјата љубов кон луѓето и таа не знае за граница, туку секогаш се покажува преку Божјата долготрпеливост, опростување и преголема радост кога човекот се враќа при Бога. Таа радост за покајниците е како широко отворена врата, која ги прибира сите духовно препородени во Божјиот дом на љубовта и спасението.


Сите ние луѓето грешиме, било свесно или несвесно, волно или неволно, разумно или неразумно, па затоа заслужуваме да бидеме казнети и отфрлени од Бога. Но Бог, по Своето големо човекољубие и милостивост се грижи секој од нас да биде спасен, па затоа ни дарува покајание за простување на гревовите и за вечен живот. Спасителот, тоа мошне сликовито го благовести во денешната евангелска приказна, во која ни го прикажува живописот на блудниот син, со тоа претставувајќи ни го живописот на секој грешник.


Евангелистот Лука ни благовести: "Еден човек имаше два сина. Помладиот од нив му рече на татка си: ‘Татко дај ми го делот што ми припаѓа од имотот!' И татко им го раздели имотот" (Лука 15,11-12). Драматичен почеток на приказнава?! Под името "човек" се крие самиот Бог и тој човек имал два сина. Помладиот од нив бара делба на имотот, односно делба од својот татко и од својот брат. Двата сина од евангелската приказна ја претставуваат двојната природа на човекот, едната која жеднее за Бога и втората која тежнее кон гревот. Големо е влијанието на гревот кога тој ќе завладее со човекот. Тој - гревот ветува силни богатства, силни насладувања и радости, но во суштина секогаш не разделува, најпрво од Бога, а потоа и од најближните. Така постапува грешниот син, кој по нагонот на гревот и страстите му вели на својот татко да му го даде она што му припаѓа од имотот. Таткото татковски им го разделил имотот, исто како и Бог, Кој насила никого не задржува да остане при Него, бидејќи Он го создал човекот како слободно битие, па не сака да ја ограничува неговата слобода.


"По неколку дена, продолжува евангелистот Лука, помладиот син, кога собра сè, отиде во далечна земја и таму Го потроши својот дел, живеејќи блудно. И откако потроши сè, настана Голем Глад во таа земја и тој се најде во мака; па отиде при еден човек на таа земја и се погоди, и тој го прати во своето поле да пасе свињи" (Лука 15,13-15). Животот без Бога е духовна смрт за човекот. Кога Го немаме Бога во себе, ние го имаме гревот во себе кој не отфрла од вистината, па не носи во лага и блудно живеење. "Блудното живеење" на евангелскиот грешен син го означува неговото поминување на денот во секаков грев и беспатие, во пијанство, кавга, растурање, блудство, кои ја гаснеле во неговата душа и последната Божествена искра. Тој оставајќи го татковиот дом, т.е. Божјиот пат, се предал на гревот, па набргу го потрошил сето она што го добил од својот татко и се нашол во немилост и мака. Таков е ѓаволот, ни нуди и ни ветува многу, а откако ќе не излаже ни зема се. Наоѓајќи се во таква непријатна состојба, блудниот син постанува чувар на свињите.


"И страден беше да го наполни својот стомак со рокчиња, ни зборува светото Евангелие, што ги јадеа свињите, но никој не му ги даваше. А кога дојде на себеси, рече: Колку наемници при татка ми имаат леб во изобилие, а јас, пак, умирам од глад. Ќе станам и ќе отидам при татка си и ќе му речам: 'Татко згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син; но прими ме како еден од своите наемници'" (Лука 15,16-20). Голема била маката на блудниот син. Но сепак, иако тој бил спопаднат во краен очај и изгубен во прашумата на гревот, во неговата душа светнала една заборавена искра на совеста и разумот. Таа слаба искра светнала можеби во последниот момент од неговиот понор, но сепак допринела тој да се отрезни од гревот и да се поврати кон својот татко. Наеднаш тој направил споредба на својата состојба со животот во татковиот дом, па решил да се врати во него и да побара прошка.


"Па стана и отиде при татка си, ни вели светото Евангелие. И кога беше уште далеку, го виде таткото негов и се сожали на него, па потрча, го прегрна и го целива. И синот му рече: 'Татко згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син!' А таткото им рече на слугите свои: 'Изнесете најубава промена и облечете го, и дајте му прстен на раката негова и обувки на нозете; па дотерајте и заколете угоено теле; да јадеме и да се веселиме, оти овој мој син мртов беше и оживе, изгубен беше и се најде'. И почнаа да се веселат" (Лука 15,20-24). Голема е љубовта на таткото кон својот грешен син, но уште поголема е Божјата љубов кон нас грешниците. Колку што е големо Божјото трпение кон блудниот син, толку е голема и Неговата радост и простување. Блудниот син се покајал и признал дека згрешил пред Бога и пред својот татко, па се повратил на Божјиот пат, па затоа таткото, т.е. Бог му приоѓа во пресрет, го прифаќа, го прегрнува и го бакнува. Штом ќе зачне покајанието во нашето срце, севидливиот и човекољубив Бог ни доаѓа во пресрет и ни помага, зашто голема е Неговата радоста кога грешникот се кае (Лука 15,7). Блудниот син бил духовно мртов, но оживеал, изгубен бил во беспатието на гревот, но повторно се повратил на вистинскиот пат. Затоа татко му им рекол на слугите свои, да му облечат нова облека која го претставува богатството на духовните дарови по покајанието; да му стават прстен на раката, којшто е знак на венчавањето на душата со Христа и да заколат угоено теле, кое го подразбира самиот Господ Исус Христос, Кој се предаде да биде заклан за очистување на нашите гревови.


Убава и трогателна е оваа евангелска приказна која ни ја претставува татковата љубов од една страна и искреното покајание на блудниот син од друга страна. Наскоро наближува Велигденскиот пост, па токму затоа Црквата и ни ја дава приказната за блудниот син, за да се поучиме од неа. Да не дозволиме гревот да завладее во нас, па со тоа да се оддалечиме од нашиот Бог Отец и од нашата мајка Црква. Туку да ни подари Господ воздишки за своите гревови како на митникот, покајнички солзи како на царот Давид и препород во животот како на блудниот син. Воедно, да се помолиме на Господа да ги разбуди од гревовниот сон сите безбожници, сите неверници, па да ги опсипе со Својата богата милост, правда и вистина, сега, секогаш и во вечни векови, амин.

 

Преминпортал (к.т.)