Sample Image

ГРАДИНАТА НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

СнимкаСнимка

„Света Гора е царство без круни, држава без војска, богатство“

„без пари, мудрост без школа, молитва без прекин“

Снимка

За секој православен христијанин е сон да ја посети оваа земја на Исусовата молитва и на светите старци. Па така, со благословот Божји и преку застапништвото на Мајката Божја, јас, отец Димче Ставревски, Дејан Рисафов и Георгиј Глигоров, во периодот од 18 до 20 септември го посетивме овој пресвет дом на црнорисците.

Пристигнавме во раните утрински часови во Уранополис, последното место кадешто може да се оди по копно. Откако ги земавме потребните документи, се упативме кон пристаништето со голема радост што поскоро да се качиме на бродот кој ќе се упати кон ова свето место. По последната проверка на сите документи конечно се качивме, не можејќи да си поверуваме самите на себе дали е тоа сон или вистински се случува. Тргнавме кон Монашката република и набрзо секој ја повикува Мајката Божја да го удостои да пристигне на саканото место. По 50 минути нетрпение, пристигнавме на првото пристаниште на манастирот Хиландар. По симнувањето бевме транспортирани со минибус до манастирот каде бевме пријатно пречекани и ни беше оддадена голема чест. Потоа бевме сместени во манастирските ќелии. Слободното време до почетокот на вечерната богослужба го искористивме за посета на зилотскиот манастир Есфигмен кој брои повеќе од 120 монаси. Манастирот Есфигмен е оддалечен од манастирот Хиландар 5 км. или 40 мин. одење пеш. По враќањето и присуството на вечерната богослужба се поклонивме на иконата на Пресвета Богородица Троеручица, на гробот на свети Симеон Мироточив, моштите на свети Пантелејмон, света Марина, Чесниот Крст, свети пр. Исаија и др.

Присуството на целовечерната богослужба со почеток во 02.30 мин. по полноќ ни ги преуми мислите и срцата.

Наредниот ден се упативме кон Манастирот Зограф кој е оддалечен 10 км. од Хиландар. Во манастирот се наоѓа чудотворната икона на свети Ѓорѓи Победоносец. Оваа икона е неракотворна, оттаму и името на манастирот - Зограф, и прво се наоѓала во манастир во Ерусалим, но откако се изградил манастирот на Атос, таа, заедно со братството на Ерусалимскиот манастир, била пренесна на Света Гора во манастирот Зограф кој според сведоштвата бил изграден во X век од тројцата браќа на царот Самуил. Некој воденски владика не верувал во неракотворноста на иконата на свети Ѓорѓи и почнал да го допира ликот на светителот по што прстот му се залепил кај носот. Владиката се покајал, но светителот му објавил дека поради неверието ќе остане парче од прстот, кое е таму и денеска. Се поклонивме на манастирските светињи, моштите на свети Атанасиј Велики, свети Јоаким и Ана, свети Јован Златоуст, свети Јован Кукузел, преподобна Матрона, свети Јован Крстител, свети Кирик, свети свештеномаченик Харалампиј и др. Во олтарот на манастирот се наоѓа и чудотворна икона на Пресвета Богородица - Акатисна.

Во манастирот пријатно бевме изненадени кога ни беше понудено да се сослужува на целоноќната богослужба со браќата од манастирот.

Наредниот ден се упативме кон пристаништето на манастирот Зограф и се упативме со бродот кон рускиот манастир свети Пантелејмон, кој го одзема здивот со својата убавина, а попатно од палубата на бродот накратко ги погледнавме и манастирите Дохијар и Ксенофон.

На слегувањето во манастирот свети Пантелејмон бевме воодушевени од убавината, велелепноста и распространетоста на овој манастир. Во него, веднаш се упативме кон параклисот во кој се сместени моштите на повеќе светители и тоа: свети Пантелејмон, свети Јован Руски, свети сергеј Радонешки, свети Три Светители, свети Серафим Саровски, Јован Претеча, апостол Петар, Андреј, Лука, Филип, Тома, Вартоломеј и Варнава, првомаченик Стефан, Исакиј Далматински, Дионисиј Ареопагит, Козма и Дамјан, Кирил, Трифун и многу други. По кратката посета, оддалеку во морската широчина го здогледавме бродот, кој како со тешкотија да доаѓаше од пристаништето Дафне, поради тоа што повторно се враќаше во светот и се оддалечуваше од благодатната убавина.


СнимкаСнимка

 СнимкаСнимка

 СнимкаСнимка

 СнимкаСнимка

 СнимкаСнимка

 СнимкаСнимка

 СнимкаСнимка

 СнимкаСнимка

  
Известува: Отец Димче Ставревски

Повардарска епархија