„Михаиле и Гаврииле, кои се покажувате застапници за сите, посетете ги оние што од љубов го почитуваат вашиот сепразничен спомен, и кои верно пеат: Спасувајте нè од секакви опасности“ (песна од Канонот на Собор на светиот Архистратиг Михаил и на другите бесплотни сили).

На  21.11.2014 година, денот кога го прославуваме празникот Собор на светиот Архистратиг Михаил и на другите бесплотни сили, во манастирот „Св. Наум Охридски“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, протоерејот Димче Ѓорѓиески, свештениците Никола Христоски, Горан Ставрески и Владо Недески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

 



Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот, Синот и Св. Дух. Амин!
Драги браќа и сестри!
           
Ангелите се создадени од Бога пред создавањето на видливиот свет. Тие постојано стојат пред Бога и треперат пред Неговата слава. Истите Му служат на Бога со посебни служби, или задачи, кои ги добиваат од Создателот. Видливиот свет, чудно, но, по Божји благослов, создаден е за да му служи на човечкиот род. Но, уште почудно и повосхитувачки е што невидливите, бестелесните ангели им служат на луѓето за нивното спасение. Уште во Стариот Завет псалмопечајот рекол: „Ангел Господов застанува околу оние, кои се бојат од Него, и ги спасува“ (Пс. 33, 7). Апостолот Павле, пак, во посланието до Евреите за ангелите вели: „Нели се тие сите службени духови, определени да им служат на оние, што ќе го наследат спасението?“ (Евр. 1, 14).

Ние, од Библијата, имаме безброј примери од Стариот Завет, како ангелите Божји, по Божја заповед, ја извршуваат својата задача. Но, исто така, и Новиот Завет е полн со примери каде ангелите Божји ја извршуваат истата улога, како благовесници, или како јавувачи на волјата Божја. Како пример ќе наведеме неколку. Архангел Гаврил и се јавува на св. Дева Марија и и кажува дека ќе зачне и ќе Го роди Синот Божји, Вооплотениот Бог, и дека зачнувањето ќе биде од Светиот Дух (Лука 2, 26 – 38). Исто така, ангел му се јавува на Јосиф Обручник и му вели: „Стани, земи Го Младенецот и мајка Му, па бегај во Египет и остани таму дури не ти кажам, бидејќи Ирод ќе Го бара Младенецот за да Го погуби“ (Мат. 2, 13). Ангел Господов му се јавува и на Захариј, таткото на Претечата, и му вели: „Не бој се Захарија, зашто се услиша твојата молба и жена ти Елисавета ќе роди син и ќе му ставиш име Јован“ (Лука 1, 13). Ангелот, исто така, им се јавува на пастирите објавувајќи им го раѓањето на Спасителот (Лука 2, 9-13). Им се јавува и на жените мироносици, и им го објавува Христовото воскресение (Лука 24).

Ангелите им служат на верниците и им помагаат во надминување на сите искушенија и маки коишто ги снаоѓаат. Ние знаеме дека и Господ Исус Христос кога бил искушуван од ѓаволот и откако го победил, ангелите дошле и Му служеле. Исто така, ангелите се радуваат и на секоја човечка победа, извојувана во борба со нечестивите сили, притекнувајќи им во помош за да им помогнат, но, секогаш почитувајќи ја слободната волја на секој човек.

Секој човек има свој ангел пазител, кој го придружува од неговото крштевање, па преку целокупниот негов овоземен живот. Во тој временски период, кога човек ја исполнува волјата Божја, кога живее според принципите и нормите на светата Црква, но, не само формално, туку и суштински, вистински, ангелот пазител му помага, го крепи, му шепнува, го упатува и го поткрепува во одот кон спасението. И кога еден вистински христијанин ќе го заврши овоземниот пат, ангелите ја земаат неговата душа носејќи ја во патот небесен, поминувајќи ги сите митарства, лесно и без болка. За тоа имаме пример со сиромавиот Лазар кој кога умрел, иако бил презрен и целиот лежел во рани и кучињата го лижеле, кога се упокоил, ангелите го однеле во прегратките на Авраама. Додека, пак, богатиот, кој поминувал покрај него со презир, се нашол од другата страна на сиромавиот Лазар, и го молел да му ги ублажи болките и страдањата во вечниот оган.

Кога еден домаќин ќе има еден пријатен гостин, тој, покрај тоа што ќе го нагости, ќе го прими во својот дом, во топло и пријатно, и на крај ќе го испрати со свои луѓе до одредена дестинација, каде што ќе се чувствува сигурно и пријатно. Ако ние луѓето знаеме така да постапуваме, и така да се однесуваме кон нашите сакани и почитувани, тогаш колку повеќе нашиот Семилостив Небесен Отец се грижи за нас. Постојано ни испраќа ангел хранител да нè пази, да нè штити и да ни помага во одот кон нашето спасение.

Треба да кажеме дека, како што има земна црковна ерархија, така има и невидлива духовна ерархија. Нејзин предводник е архангелот Михаил, како најистакнат борбен ангел, којшто се борел со отпаднатиот ангел, кого го победил и го фрлил во вечните маки, односно во адот. Светата Црква учи дека има девет ангелски чинови, но, најпознати меѓу нив се архангелите Гаврил и Михаил. И овој свет манастир е посветен на светиот архангел Михаил и на останатите небесни сили, манастир којшто го подигнал преподобниот Наум Охридскиот Чудотворец.

Да се обратиме со искрена молитва кон преподобниот Наум Охридски, тој да биде наш молитвеник, поткрепувач и чувар, заедно со нашиот ангел хранител, да можеме одредениот период, достоинствено да го изодиме, па да спечалиме вечен живот, сега и во сета вечност. Амин.



 


Собор на св. арх. Михаил
21. 11. 2014
манастир „Св. Наум Охридски“