Практична веронаука во Бигорски и Рајчица


6/19 јули 2014 лето Господово

Оставете ги децата да доаѓаат кај Мене и не бранете им, зашто на такви е Царството Божјо (Mт. 19, 14).

Ништо нема погладно и пожедно за живот, знаење, радост и љубов од чистите детски души. Тие се исполнети со незапирлив порив и ревност за Бога, од Кого ни доаѓа и животот, и знаењето, и радоста, и љубовта. Од сите луѓе кои во она време се удостоиле со свои очи да Го видат Спасителот на светот, Господ Исус Христос, и со свои уши да го слушнат Неговиот божествен глас, најнетрпеливо и најкопнежливо кон Него поитале токму децата. Дури и самите Апостоли за да Го заштитат својот Учител од народот, морале да ја спречуваат детската навала кон Него. „Но кога го виде тоа Исус, негодуваше и рече: ‘Оставете ги децата да доаѓаат кај Мене и не бранете им, зашто на такви е Царството Божјо. Вистина ви велам, кој не го прима Царството Божјо како дете, тој нема да влезе во него‘. И откако ги прегрна, ги положи рацете врз нив и ги благословуваше“ (Мк. 10, 13-16).

Ги благословуваше тогаш, но не помалку ги благословува и сега. Деновиве, нашите две свештени обители во Бигорски и Рајчица заприлегаа на две Христови прегратки, кои во себе примија четириесетина дечиња на веронаука. Имено, со благослов на Неговото Високопреосвештенство, митрополитот Преспанско-пелагониски, г. Петар, и на Неговото Високопреподобие, нашиот игумен, архимандрит Партениј, со поддршка на хуманитарната организација „Утешител“ од Битола, како и со помош од благочестивата и богољубива директорка на патничката агенција Транскоп, г-ѓа Елпида Димитровска - Крстевска, учениците од Центарот за православна христијанска веронаука „Св. Јован Богослов“ од Битола, предводени од нивните вероучители, ѓакон Драган Ѓорѓиевски и Драги Анастасовски, престојуваа во нашите манастири од 14 до 18 јули 2014 г. Оваа неколкудневна школа во Бигорски и Рајчица е една своевидна подготовка, дел од програмата на Бигорскиот скит „Свв. Кирил и Методиј“ во с. Битуше, каде е планирано да се одржуваат ваквите летни катихетски кампови.

01.jpgВо неколкуте изминати денови, исполнети со радост и веселие, децата имаа можност преку личен опит добро да се запознаат со животот во манастирот; ги посетуваа светите богослужби, земаа активно учество во нив, и заедничареа со Христа, причестувајќи се со Неговите Свети Тајни; работеа на разни послушанија заедно со монасите и монахињите, учеа византиско пеење, и секако, ги збогатуваа своите знаења за нашата православна вера на редовните часови по веронаука. Радоста која се отсликуваше на нивните лица, љубовта што ја ширеа насекаде беше најсилно сведоштво за нивното задоволство од срдечниот и гостопримлив престој во манастирот. А најважната лекција која ја слушнаа и видоа беше онаа за љубовта: eдинствениот јазик со кој можат да се разберат со сите луѓе и народи е токму јазикот на љубовта. Тоа најдобро им го посведочи нашиот Старец, кој на заедничкиот собир во Бигорски ги благослови овие млади богокопнежливи души и со татковска љубов ги поучи дека целта од часовите по веронаука е да Го сакаат предобриот Христос, со Кого можат да се сретнат и соединат во Црквата, на нејзините богослужби, особено на Божествената Литургија; да бидат ревносни апостоли, да придобиваат нови членови во Црквата и со љубов и добри дела да Го сведочат Христа насекаде. Старецот им се заблагодари и на нивните пожртвувани вероучители, охрабрувајќи ги и нив да продолжат усрдно да се трудат во ова толку важно за нашата света Црква дело. Од своја страна, пак, и тие не пропуштија да ја искажат нивната благодарност, велејќи:

„Еден мудрец рекол: ’Зрно добро искуство во детството, вреди многу повеќе отколку курс по морал во дваесеттите‘, и затоа веруваме дека овие кампови ни се насушно потребни.

Денес кога младите се соочуваат со најперфидни искушенија и онтолошки предизвици, Црквата која единствена го носи светотаинското откровение за спасението на душата, е најповикана да го рашири своето духовно лоно и во својата љубовна мајчинска прегратка да ги гушне сите нив, за тие да ја почувствуваат и доживеат љубовта, мирот и радоста во Светиот Дух.

Највозвишената духовна уметност - обликувањето на човечките души, по урнекот на првообразот Христос, е најважниот, најсветиот, но истовремено и најтешкиот духовен подвиг, а за Црквата тоа е првоначална и најсвета обврска.

Таа топла духовна прегратка, на наша голема радост ја доживеавме во овие два прекрасни манастири.

И покрај прекрасниот духовен раскош за очите во овие манастири, сепак, најважната духовна алка за богообразно воспитување на децата беше непосредната, жива, личносна и љубовна средба со жителите на ова парче небо, ангелоподобните монаси и монахињи.

Ако во Црквата се пее: Пак и пак на Господа да се помолиме.... еве ние пак и пак во овие манастири ја вкусивме радоста и благодатта Божја, која тука во континуитет се живее и веруваме дека штедриот и премилосрден Бог во Троица, уште повеќе ќе им го преумножи она најважното што штедро се даваше за сите нас.

Големиот современ светител Св. Силуан Атонски вели: ’Колку е поголема љубовта, толку се поголеми и страдањата‘, а тоа значи дека нема радост и успех без болка, како што нема живот без ’смрт‘. Нема поголема болка од таа, духовно да се роди една нова духовно преумена личност, но нема ни поголема радост од таа да се доживеат и вкусат плодовите од тие новородени во Духот Свет деца. Веруваме дека ниеден труд не е залуден и дека семето фрлено на нивата Господова, ако не сега, во свое време ќе даде многу плод за радост на децата, најблиските, државата, а пред сѐ на Црквата.

Голема благодарност од сите нас до возљубениот ни о. Партениј и сите отци, сестри од овие манастири, за нивната голема долготрпеливост, милост и љубов со која нѐ опсипуваа во сите денови од нашиот престој“.

Дел од впечатоците од учениците:


Марија Огненовска (11 г.)
Манастирот Рајчица е вистински рај, но на престојот му дојде крај.
Колку брзо минат дните.
Бог ги благослови душите наши и никој од ништо не се плаши.
Со радост се исполнивме цели, душите наши Го воспеваат Бога.
Овде научивме молитви да читаме, да се молиме на нашиот Бог.
Слава Ти Господи, слава Тебе.
Благодариме, оче Партениј, и на веселите и гостопримливи сестри.

Мартина Најдовска (12 г.)
... Колку прекрасни луѓе има овде, мојата душа се наполни со љубов, всушност мојата душа повеќе не сакаше да го напушти ова преубаво место... Научив многу работи, а некои од нив се: животот на некои светци, прекрасни црковни песни, но најважно од сѐ, научив да ја почитувам Црквата, да го љубам својот ближен и да се грижам за своите работи. Најголем впечаток ми оставија топлите насмевки и односот со монахињите.

Стефани Богдановска (17 г.)
Рајчица. Името само по себе кажува многу нешта. Нешта видени и врежани во нашите срца. Природните убавини, стравопочитта кон манастирот „Св. Георгиј Победоносец“, добрината и сестринската љубов на монахињите. Сето тоа ги исполни нашите срца со љубов и нѐ научи да ја споделуваме таа љубов со нашите блиски. Нѐ научи дека материјалното е само тоа и дека тоа и ќе остане. Нѐ научи дека за да се сакаме себе си, најпрвин треба да ги сакаме другите. Нѐ научи дека љубовта го победува злото и да се справуваме со секој предизвик, и од него да излеземе како победници.
Ви благодарам за вашата безусловна љубов, бесплатни совети кои вредат повеќе и од најскапиот психолог, за времето поминато со вас кое ќе биде запамтено за цела вечност.

Валдета Лумановска (12 г.)
Мили сестри и отец Партениј! Јас сум од друга религија, но многу ми се допадна пеењето на црковни песни и обредите во црквата. Од нив научив да ширам мир и љубов кон сите мои другарчиња, иако се од друга религија. Вие бевте добри кон нас. Ве сакам.

Злата (12 г.)
Кога одам во црквата и кога се поклонувам, се смирувам и заборавам на кавгите и викањата и сѐ на што можам да помислувам е Бог, на Кого Му се молам за здравје на ближните...

Наталија Мирчевска (12 г.)
Јас во овој манастир се чувствувам многу убаво, среќно, безгрижно. Научив правилно да се молам, купив и молитвеник кој ми зборува за вечната љубов кон Бога и ближниот и ме води кон Царството Небесно. Мојот впечаток е дека црквата ме смирува, монахињите се многу добри и наместо да ни бидат водичи, тие ни беа како втори мајки. Му благодариме на отец Партениј што нѐ прими во ова свето место, зашто сега душата ми е помирна и би сакала повторно да дојдам.

Елена Шулевска (13 г.)

... Манастирот постојано те привлекува и ти сакаш повторно да го посетиш. Сакам да Му се заблагодарам на отец Партениј за тоа што нѐ прими тука и за целата грижа што ја има за нас. Им благодарам и на нашите мили сестрички.

 02.jpg

 03.jpg

 04.jpg

 05.jpg

 06.jpg

 07.jpg

 08.jpg

 09.jpg

 10.jpg

 13.jpg

 15.jpg

 18.jpg

 20.jpg

  21.jpg

 http://bigorski.org.mk/UserFiles/Image/02014/nastani/veronauka/23.jpg

 

Извор Бигорски манастир