Во втората недела од Великиот пост посветена на свети Григориј Палама, во метохот на Бигорскиот манастир – манастирот на свети великомаченик Георгиј Победоносец во Рајчица, се богослужеше сеноќно бдение во параклисот посветен на свети Григориј Палама, свети Нектариј Битолски и свети Јован Кукузел. Ова е традиционално бдение во овој параклис. Вообичаено се служи бдение и во деновите кога се празнуваат другите светители на коишто е посветен параклисот, вклучувајќи го и денот кога се слави свети Григориј Палама во ноември. Но, ова бдение секогаш е поторжествено, бидејќи самото осветување на целосно фрескописаниот параклис беше извршено во 2005 година токму во оваа недела од Великиот пост, а на Божествената Василиева Литургија редовно богослужи надлежниот архиереј г. Тимотеј.

 

Оваа година во текот на сеноќното бдение, кое започна со мало повечерие и Акатист кон иконата на Мајката Божја Државнаја, преку која се молиме за државата и благоверната и христолубива власт и Влада, а продолжи со свечена Вечерна, на која се благослови Петолебие, и потоа Утрена. На бдението се придружи и Митрополитот Европски г. Пимен. Утрината, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј во сослужение со Митрополитот Европски г. Пимен, Архимандритот Партениј, свештенослужителите од Бигорската обител, секретарот на епархихјата о. Игор Никовски и ѓаконот о. Димче Азевски отслужи Архиерејска Василиева Литургија. После благословувањето на празничното коливо со ликот на свети Григориј Палама, се постави скромна трпеза на љубовта на која беа телесно поткрепени мноштвото верни кои притекнаа на бдението од цела Република Македонија.

 

 

Браќа, со посредство на дела да ги допреме прекрасните дарови на постот и воздржанието; со добри дела да ја потврдиме нашата добра волја за нив (постот и воздржанието). На дело да покажеме какви плодови тие носат, оти по плодот се познава дрвото. Меѓутоа, земјоделецот прв треба да вкуси од плодот. Разбери што зборувам (2 Тим. 2, 6), вели Апостолот. Така, секоја од добродетелите ги очистува и украсува или душата, или телото, поточно кажано – само некој дел од душата или од телото. Да речеме, молитвата и знаењето го украсуваат и очистуваат умот, кротоста го смирува гневот, целомудреноста ја гаси похотта. Постот и воздржанието ги смируваат телесната борба и разбеснетоста на гневот; ја гасат похотта, создавајќи во умот чисто и ведро небо без ниеден облак и ја очистуваат душата од испарувања настанати заради прејадување и од помрачението кое настанува како последица на тоа. Благодарение на постот и воздржанието, надворешниот човек тлее, а сразмерно на тоа колку тој тлее, толку внатрешниот се обновува, како што вели Апостолот. Некој рече дека преполнетиот стомак не раѓа истенчен ум; според тоа, колку што човекот станува поистенчен заради постот и воздржанието, толку поистенчен станува и неговиот ум.“ (свети Григориј Палама)

Известува: Бигорски манастир
 

Посети:{moshits}