01.jpg

Еордијата во чест на св. Георгиј уште еднаш ја украси Струга


02.jpg

02.jpg

24 април/7 мај 2014 лето Господово

Ние те знаеме тебе како ѕвезда многусветла, како сонце што на небескиот свод сјае, како бисер скапоцен, како камен што болска, како син на денот, како доблесен маченик, како поборник за верните, славејќи го твојот спомен, те славиме во неволите, Победоносецу Георгие (Стихира од вечерната богослужба на св. Георгиј)
Нè пречекува одново убавата Струга со раце широко отворени, искапена од сонцето, облечена во празнична облека, украсена со безброј насмевки, со сјајот на Воскресението што блеска во очите на нашите весели домаќини. Полека пристапуваме кон храмот на св. Георгиј, будно следени од огромно мнозинство верници, поздравени со дождови од цвеќе. Преполнетиот храм за нашите очи е прекрасна глетка. Започнува ктиторската вечерна, чиноначалствувана од нашиот митрополит, Неговото Високопреосвештенство, г. Тимотеј и митрополитот Повардарски, г. Агатангел, а пред раскошно украсен цветен балдахин, реки од народ во молитвен спокој чекаат да се поклонат на светите мошти на великиот Победоносец Георгиј. Толку свечено звучат во овој миг прекрасните стихири, кои го воспеваат неговиот славен подвиг. Никогаш храмот не изгледал поубаво. Одеднаш празничен ѕвон на камбани, силен изблик на воскресна радост и веќе свечената поворка победоносно тргнува низ струшките улици, следена од достоинствените духовни химни, исполнети од Градскиот оркестар на Скопје, чиишто богати звуци високо се издигнуваат во воздухот и насекаде го шират тој празничен амбиент. Од двете страни на улицата, наредени дечиња со весели восклици и развеани знаменца ја пречекуваат поворката, покривајќи ја со вистински облак од цвеќе. Во нивните детски насмевки ја гледаме благодатната посета на св. Георгиј, неговата радост што вака торжествено се прославува неговиот спомен. Благословот негов се излева незапирливо, ја осенува преголемата толпа, се спушта како нежна прегратка и врз оние кои годинава ја добија честа да го носат балдахинот со неговите мошти – г. Јован Билјан, г. Слободан Попоски, г. Николче Плаќаноски и г. Горан Хиохи. Чудесно благоухаат светите мошти, нивниот прекрасен мирис ги полни душите со необичен радосен спокој. И повторно сме пред храмот, побогати со едно чувство на силна духовна наслада, исполнети со благодарност кон премилостивиот наш Спасител Господ Исус Христос и Неговиот славен воин Георгиј, кој одново нè облеа со благодат и ни вдахна во срцето нови сили.

Преславен великомачениче Георгие, ти кој се овенча со победа над непријателите Христови, дај ни сега сили непријателите на верата да ги победиме, нашата татковина верно да ја чуваме, споменот твој секогаш со радост да го празнуваме, со љубов и ревност во верата да напредуваме, и како што сега со веселие нè нахрани, така и во Царството небесно, во вечноста да се насладуваме, гледајќи ја неискажливата убавина и славата незалезна на преслаткиот наш Господ, преку Кого и ти се прослави. Амин!

 05.jpg

 07.jpg 08.jpg

  09.jpg

 10.jpg

 11.jpg

 13.jpg

 17.jpg

 19.jpg

 20.jpg

  22.jpg

 26.jpg

 27.jpg

 28.jpg

 Повеќе:

 http://bigorski.mk/index.php?content_type=sluzhbi_bdenija&action=details&record_id=1234