„Христе Боже наш, Кој прими доброволно распнување заради општо воскресение на човечкиот род, си ја примил на крстот, со багреницата на Твојата крв, повелбата царска за наше ослободување човекољубиво си ја потпишал. Не презирај нè во опасноста во која што се наоѓаме, поради тоа што повторно сме одвоени од Тебе; на Твојот народ во неволја смилувај се; стани и победи ги нашите непријатели, како сесилен“ (Стихира на Слава... на Господи повикав... на Голема вечерна од Трета недела од Великиот пост).  

Како што дрвото на животот беше засадено среде Рајот, така и светите отци го засадиле Крстното дрво насреде светата Четириесетница, зашто вкусувајќи од него, односно носејќи го Крстот, ние вистински живееме за вечен живот. Истовремено, тие нè потсетуваат и на Адамовиот грев и на неговото невоздржание. Светиот Крст нè поткрепува во нашите посни подвизи и ни помага во нашето воздржание, за достојно да го дочекаме и Христовото Воскресение. Во оваа Трета Недела, на 23.03.2014 година, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, беше отслужена света архиерејска Василиева Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, протоереј-ставрофор Илија Танаскоски, протоереј Темелко Донески, свештениците Никола Христоски и Васко Голабоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски.

Пред почетокот на светата Литургија, беше изнесен светиот Крст од олтарот насреде храмот, а Митрополитот Тимотеј им подели гранчиња босилек на верниците. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј им се обрати на верните со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.



Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!

Оваа недела светата Црква ја нарекува Крстопоклона недела. Денешниот ден го означува половината изминат период од Великиот пост. Исто така, на денешниот празник, за време на завршувањето на Славославието, се изнесува светиот Крст од олтарот и се поставува насреде храмот. Сето тоа ни напомнува за спасителните Христови страдања, кои ни даваат сила и храброст да го поминеме и достојно да го изодиме Велигденскиот пост.

Нема човек кој во својот живот не се сретнува со искушенија, со неправди или, пак, страдања. Секој човек ги доживува овие нешта, едни повеќе, други помалку. Се случува многумина за време на овие искушенија и страдања да роптаат против Бога. Некои хулат, некои псујат и уште повеќе си го загорчуваат својот живот, со тоа што ја ставаат својата душа во уште поголеми гревови. Најчесто си го поставуваат прашањето: зошто мене Господ ми испраќа таква тешка болка или страдање? Изнесувањето на крстот и поклонувањето пред него ќе ни помогне да разбереме зошто Самиот Господ претрпел такви човечки неправди, завист, клевета, шлаканици, измачувања, распнувања и смрт, притоа имајќи предвид дека бил апсолутно невин и безгрешен. Тој ја испил најгорчливата чаша што може да се испие на оваа земја. Тоа, пак, ни кажува дека во страдањето постои и една поголема смисла. Смислата на страдањето на Господа Исуса Христа се состои во тоа што преку нив бил искупен човековиот род од гревот. Со Неговите крстни страдања, нам луѓето на земјата ни се отворени дверите на вечноста.

Токму затоа не ни прилега да роптаме против Бога, кога ќе нè снајдат некои маки и страдања. Не е чесно да хулиме на Оној, Кој ја испи најгорчливата чаша и претрпе најтешки страдања. Честопати во овој живот сретнуваме луѓе, кои роптаат против Бога, но кои во ништо не страдаат повеќе од нас, туку си замислуваат дека се големи страдалници. Дотолку повеќе, што не треба нашата мисла да ја насочуваме против Бога, ниту, пак, со нашето роптање да Го ожалостуваме Бога. Напротив, треба искушенијата, маките, па и евентуалните страдања, да ги примаме смирено и како Божја волја, односно како нешто што е за наше добро и кое треба да ни послужи за нашето спасение. Св. ап. Павле вели: „Зашто Господ го казнува оној кого што го сака“ (Евр. 12,7). Поради тоа, да не се противиме и да не хулиме на Бога, туку да Му бидеме благодарни за таквото допуштање.
           
Страдањето Христово, односно Крстот Господов, нè учи на смирено поднесување на искушенијата. Но, ние сите знаеме дека страдањата и болките не можат да се поднесат без да ги искажеме, како ништо да не се случило. Но, тоа не треба да ја скрши нашата волја и да ја разрушува личноста и нашиот живот. Ние сме должни сите искушенија и страдања кои Бог ни ги допушта да ги свртуваме за наше добро, притоа памтејќи дека ако Господ доброволно пострада заради нас и заради нашето спасение, тогаш и нашите страдања и болки, што не снаоѓаат во животот, имаат спасително значење за нас. Силата на христијаните се состои во тоа, што сета наша надеж треба да ја довериме и да ја полагаме на Бога. Тогаш ќе бидеме способни стоечки, цврсто и непоколебливо да ги поднесеме сите страдања, а тоа значи да бидеме внатрешно силни, непоколебливи и непобедливи. Се разбира, секогаш со силата Божја.

Крстот Христов ни напомнува дека секој човек го има својот крст за носење. Потсетувањето на крстните страдања ни помага на сите да го носиме сопствениот крст. Со молитвите, пак, пред Христовиот Крст, ние се молиме Господ да ни даде сили, трпение и храброст, силна и непоколеблива волја и цврста вера, па нашето носење на крстот да биде за наше спасение, како што бил и спасителниот Крст Господов на Голгота.
           
Во денешниот воскресен ден, ние не слушнавме ништо во Евангелието за крстот и страдањето. туку само за воскресението на нашиот Спасител, Господ Исус Христос. Тоа не е случајно. Преку взаемното и заедничкото прославување на воскреснатиот Спасител и распнатиот Господ, ние само уште еднаш сведочиме пред себе и на себе дека по крстот доаѓа воскресението. Бидејќи Христос бил послушен на Својот Отец до самата смрт, и тоа крстна смрт, Он воскресна во третиот ден. Со тоа го победил секое зло, секаква неправда и секаков грев. Така и ние, ако со трпение го носиме нашиот крст, без да ја напуштаме нашата вера, туку  ја зацврстуваме преку носењето на крстот, тогаш и нас ќе ни биде дарувано воскресение, како победа на страдањето. Тогаш низ сите искушенија и маки, кои ќе ги поднесеме во животот, Господ ќе нè води во овој живот, а со единствена цел, да го спечалиме вечниот живот. На крстот Твој се поклонуваме Христе, и Твоето свето воскресение го славиме. Амин!



 
Крстопоклона недела
23.03.2014 година
храм „Св. Ѓорѓи“ Струга

Извор: Дебарско- кичевска епархија