Конзервација и ревитализација на културно-туристичкиот комплекс „Свети Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане
Четврток, 14 Ноември 2013 13:21


Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, шефот на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, амбасадорот Аиво Орав, и директорот на Националниот конзерваторски центар, Мемет Селмани, денеска ја посетија црквата „Свети Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане, Кумановско, каде што го претставија проектот за конзервација и ревитализација на овој значаен културно-туристички комплекс, кој е финансиран преку ИПА-фондовите на Европската Унија.
nagoricane_650_1

За реализацијата на проектот се веќе обезбедени вкупно 1.422.000 евра, од кои ИПА-средствата изнесуваат 1.166.000 евра, а националното кофинансирање е 256.000 евра. Во изминатиот период беше комплетирана обемната тендерска документација која се однесува на изработката на архитектонските планови и геодетските и геолошките истражувања. Веќе е потпишан и директниот грант со кој ќе се финансираат сите конзерваторски работи на црквата и на камбанаријата. Завршена е и тендерската постапка за избор на фирма што ќе ги врши градежните работи на плоштадот во селото, на старата училишна зграда која ќе се адаптира во етнолошки музеј и на партнерното уредување. Целосниот проект, во согласност со предвидената динамика, треба да биде завршен во втората половина на 2015 година.

nagoricane_650_2

- Успешната имплементација на овој наш заеднички, европски проект е новина во заштитата на културното наследство во земјата. Во овој контекст, сакам да изразам уверување дека ваквиот интегриран пристап кон заштитата на културното наследство ќе биде успешен модел на добра практика која ќе може да ја примениме и во реализацијата на други слични проекти бидејќи културното наследство е наша идентификација и сигурен влог за нашата европска иднина - рече министерката за култура. Канческа-Милевска додаде дека овој проект е од исклучително значање за општината Старо Нагоричане бидејќи со реставрираниот и адаптиран црковен комплекс, ќе се даде силен импулс во развојот на туризмот и општината ќе може да креира сопствени стратегиски планови и активности за локален економски развој.

nagoricane_650_3

Црквата „Св. Ѓорѓи“, како архитектонско и фрескоживописно остварување од 14 век, е сведоштво за уметничките дострели на нашите простори. Во нејзината внатрешност зографите Михаил и Евтихиј создале бесценет живопис, кој е културна вредност што ја промовира нашата земја и во светски рамки.

 

Извор: Министрество за култура