Sterling Heights, USA - Денес, сабота - 20 јули 2013 година, кога МПЦ-ОА го празнува денот посветен на Света вмч-ца Недела и преподобен Тома Малеин се навршија точно 40 дена од блаженото упокојување на митрополитот Кирил. По тој повод, во Македонскиот православен катедрален храм „Раѓање на Пресвета Богородица“ во Детроит, Мичиген – САД, со почеток во 10,00 часот наутро, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски, Господин, Господин Стефан и надлежниот епархиски архиереј, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Американско-канадски Господин Методиј, а во сослужение на архиерејскиот намесник и старешина на храмот протоереј Синиша Ристовски, протоереј Васил Манасиев, презвитер Антоние Попоски и протоѓаконот Антонио Дујовски, отслужија Парастос - 40 дневен помен. На молитвата присуствуваа многумина познати и почитувачи на дедо Кирил кои дојдоа да се помолат за неговата душа. Откако заврши молитвата, беседа одржа Неговото Блаженство кој накратко кажа за животот и делата на блажено упокоениот митрополит Кирил и за тоа дека ќе остане запаметен по неговата благост и долготрпеливост како и за тоа дека целиот свој земски живот и го имаше подарено на Црквата Божја. Потоа, во негова чест, црковната управа имаше организирано ручек.
По молитвите на Блажениот Архиепископ Охридски и Македонски, Господин, Господин Стефан и по молитвите на Високопреосвештениот Митрополит Американско-канадски Господин Методиј, Господи Исусе Христе Боже наш упокој ја душата на блажено починатиот митрополит Кирил во место светло, место блажено, место мирно, таму каде што нема никаква болест, тага, ниту воздишка.
Бог да го прости и вечен да му биде споменот. АМИН.

 

 

 

Повеќе: АКМПЕ