03.jpg

Во чест на иконата „Достојно ест“
21.jpg

12/25 јуни 2013 л. Г.

 

http://bigorski.mk/UserFiles/Image/0_2013/bdenija/dostojno/04.jpg


01.jpg

Секој црковен празник, секој спомен на светиите, носи во себе свои посебни02.jpg радости за верните, своја посебна поетска убавина и духовна длабочина, свое посебно спасително значење. Но празнувањата на Небесната Царица навистина се издвојуваат од сите други торжества по своето царско величие и духовен раскош. И како може да биде поинаку, кога се слави Онаа, Која со Својата небесна убавина ги надминува сите земни и небесни созданија, Која со Својата чистота стои над херувимите и серафимите, Која со Своите молитви мајчински го закрилува целиот свет и подобно на Духот Божји, посредува за спасението на сите нас! А ете оваа година, Божјата семилостива промисла устроила споменот на Пречистата наша Владичица во чест на Нејзината чудотворна икона „Досројно ест“ да се совпадне со празнувањето на светата Педесетница, со слегувањето на Светиот Дух. Каква полнота од светлина и од радост, од духовни плодови и срдечни дарови ја исполни Бигорската обител оваа вечер на чудесно торжество! Храмот на Претечата, облечен во празнично руво, со цветни одежди, навистина заприлега на едно мало, но прекрасно парче земја, откинато од рајот и засадено среде Бистра! И радоста со која нашата небесна Мајка ги прегрнуваше нашите срца за сето време на умилното бдение, направи барем за миг да се почувствуваме како жители на рајот. Колку навистина е голема и преголема милоста на Пресвета Богородица! Не случајно нашиот возљубен и најмил старец, архимандритот Партениј, во своето синовско похвално слово кон Пречистата, посебно го истакна Нејзиното бесконечно милосрдие. Неговите зборови како утринска роса ја освежија жедната почва на нашите души:

„Толку многу сакам, возљубени мои, денес да споделам со вас нешто длабоко сокриено во моето срце, нешто неизмерно големо и силно, што сега извира од мене, и со трепет се осмелувам, зашто знам колку е смела мојата намера и добро знам дека оваа моја постапка ги надминува моите сили. Но сепак, ќе се обидам, заради вас и заради Онаа на Која Ѝ прилега секаква пофалба. Ќе се обидам некако со збор да се допрам до милоста на Пресвета Богородица, да ја воспеам бездната на Нејзиното неизмерно човекољубие. И кажете ми сега: зарем се можни такви недостижни мисли, има ли толку благоглаголиви слова што барем приближно ќе го доловат неискажливото милосрдие на Мајката Божја!? Навистина, нема така возвишен ум, ниту постојат доволно похвални слова за да ја изразат величенственоста и добрината на Онаа Која се родила во грешниот човечки род и постанала „почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите“. Сепак требаше ние луѓето да ја дознаеме од ангелите сета големина на Нејзината небесна слава, и од нив да научиме дека е достојно Неа така да Ја величаме и славиме и овде на земјата. Затоа и „архангелот Гавриил бил испратен при смирениот послушник на Гората Атонска“ да им потврди на земнородените дека Пречистата Дева со право е наречена „почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите. „Достојно е навистина, воскликнува архангелот, така да Те нарекуваме, и блажена да Те именуваме, Богородице, бидејќи Ти си Мајка на нашиот Бог!“ И така, гледате ли, најмили мои, дека ова прекрасно песнопение „Достојно ест“, изречено некогаш од великиот архангел, што денес нѐ собра заедно во овој молитвен хор, е навистина небоземно? Земните со својот богодаруван јазик чудесно Ја пофалиле небесната Царица, а небесните, пак, преку својот претстател потврдиле дека оваа похвала е навистина достојна.

02.jpg


Иконата поради која денес ние празнуваме, и сите ја познаваме како  „Достојно ест“, носи уште едно име и на црковно-словенски јазик се нарекува уште и „Милујуштаја“, што значи „Онаа Која милува, Милостива“. И со право. Кој друг епитет подобро би ја опишал природата на нашата Владичица!?

Замислете си некое дете, кое штотуку проодело; Каква радост во неговите очи! Со каква неразумна сласт тоа се затрчува, мислејќи дека веќе знае совршено да оди и дека целото пространство сега е негово! И наеднаш паѓа. Зарем неговата мајка нема тогаш грижливо да притрча, со љубов да го подигне, да го целива, да му каже утешителни зборови? Бездруго ќе го направи тоа со најголема мајчинска топлина од своето срце. А колку, само, неспоредливо поголема од оваа љубов, е љубовта на нашата небесна Мајка! Таа постојано бдее над нас, Нејзините палави деца, со најголема љубов тивко нѐ подига кога паѓаме во мрачното дно на нашите гревови, со Својот мајчински омофор ги покрива нашите слабости, со неизмерна радост се радува на нашите успеси во добродетелите, недремливо внимава на секој наш чекор и нѐ охрабрува во подвизите, со молитви пред Господа посредува за нас. Некој монах од Света Гора, кој имал помисли да го напушти манастирот каде што се подвизувал, имал небесно видение и видел како на Второто Христово пришествие, меѓу оние што биле од левата страна, т.е. осудените, имало дури и монаси. Нив монахот ги видел со темни лица. Тогаш тој слушнал како Богородица Му се обратила на Христа, велејќи: „И оние монаси што се од Твојата лева страна, нека дојдат на десната“. Он, пак, на тоа Ѝ одговорил: „Но тие, Мајко, не беа добри монаси, не ги исполнија заветите што ги имаа дадено, заслужуваат да бидат на левата страна“. Тогаш се видело преголемото и за нас, луѓето несфатливо милосрдие на Богомајката, Која рекла: „Да, но тие останаа до крај во монашкиот чин. Не го отфрлија расото и затоа нека дојдат на десната страна“. Христос Ја послушал Својата Мајка и сите монаси ги поставил од десната страна, кај спасените.

Ете само еден мал пример меѓу многуте други, за тоа колку е голема милоста на нашата премила Богородица. Не знае да казнува, а само да милува; никогаш не се гневи, и секогаш простува. Доволно е само до крај да останеме во најголемиот и највозвишен чин – христијанин, до крај да ја износиме ризата на надежта во Богомајката, расото на љубовта кон Родителката на самата Љубов – нашиот најмил Христос, и ќе се спасиме, ќе бидеме вброени меѓу оние од десната страна, заедно со праведниците. Никогаш да не очајуваме поради нашите гревови и слабости, поради нашите неуспеси и падови. Не треба да очајуваме, бидејќи тоа е толку неблагодарно. Наместо тоа, кога ни е тешко и страдаме, да помислиме само на највозљубената наша Пресвета Богороца, Мајката Божја, Која неискажливо нѐ сака. Да си спомнеме за Онаа Која за сите нас поднесла болка, Онаа Која сите ние Ја возљубивме и Која непрестајно брза од една до друга душа за да охрабри, утеши, помилува... Таа неуморно нѐ поттикнува да се молиме за себе и за своите ближни и на сите им дава дух, сила и надеж. Таа од нас, луѓето, и ангелите прави една заедница, еден собор, една Црква; преку Неа проклетството е уништено, рајот е отворен, Животот посочен, Царството ветено. Таа од грешни луѓе прави светли ангели, Таа научила големо множество мажи и жени да одат по спасителниот пат на Христовата љубов. Таа е непресушен извор за духовна наслада; Таа е Мајка на сите верни, утеха на страдалниците, радост на тажните, слава на луѓето, похвала на ангелите... Да продожиме ли уште, но каде би застанале во пофалбата кон Онаа, Која ни ангелите не се во состојба достојно да ја пофалат? „Каква достојна похвала да ти  принесам?“ – Ѝ пее Црквата наша на Богоблагодатната. Кој би можел да ја испита до крај длабочината на Нејзината милост?

Затоа, возљубени, со сето наше срце да се помолиме оваа вечер на нашата многумилостива Владичица Богородица, за Таа, како најдобра и најчедољубива Мајка, да нѐ води по тесниот пат на овој минлив живот и да ни помага секогаш да ја твориме волјата на Нејзиниот Син, нашиот Спасител, Господ Исус Христос. Амин!

Ви посакувам добро бдение на сите!“

  15.jpg14.jpg

 

 

Повеќе: Бигорски манастир