Свечена прослава по повод матурирањето на 45 генерација завршени богослови. По тој повод Поглаварот на Македонската Православна Црква, заедно со дел од членовите на САС на МПЦ им го честитаа успешно положениот матурски испит и им посакаа плодна работа на нивата Господова, за која се подготвуваа во текот на изминатите 5 години. Со пригодно слово им се обрати и пратеникот на САС на МПЦ епископот Велички г. Јосиф, како и професорот при Богословијата, м-р Дарко Милев.


 

  Josif.portret.jpgВАШЕ БЛАЖЕНСТВО,

ВАШИ ВИСОКОПРЕОСВЕШТЕНСТВА,

ВАШЕ ВИСОКОПРЕОСВЕШТЕНСТВО - ПОЧИТУВАН РЕКТОРЕ НА БОГОСЛОВИЈАТА,

ВАШЕ ПРЕОСВЕШТЕНСТВО,

ПОЧИТУВАН ПОТПРЕТСЕДАТЕЛ НА АРХИЕПИСКОПСКИОТ ЦРКОВНО-НАРОДЕН СОБОР,

ПОЧИТУВАН ДЕКАНЕ НА ПРАВОСЛАВНИОТ БОГОСЛОВСКИ ФУАКУЛТЕТ,

ДРАГИ ГОСТИ, МНОГУ ПОЧИТУВАНИ ПРОФЕСОРИ И УЧЕНИЦИ

 

Ја имам честа како пратеник на Светиот архиерејски синод на МПЦ за матурскиот испит на 45-та генерација завршени  млади богослови, во ова лето Господово, кога славиме 1700 години од донесувањето на Миланскиор едикт и 1150 години од моравската мисија на нашите небесни покровители, светите Кирил и Методиј, богодахновените дарители на нашата писменост, култура, јазик и образование, да го отворам ова важно чествување. Нашата Македонската православна црква е единствен и неоспорен возобновувач на духовниот и световниот живот на нашиот македонски народ. Нашата, пак, света Богословија е искрен и ревносен континуитет на првиот словенски Светилиментов универзитет и како најплодородна нива, во своето неколку децениско постоење, раѓа неуморни сејачи на евангелската радост на нивата Господова. Раководени од неуморната пастирка палка на Ректорот, Неговото високопреосвештенство, митрополитот Повардарски г. Агатангел, од сестраниот педагошки, но пред сè христијански и братски ангажман на почитуваните професори и воспитувачи и под будното молитвено око на нашиот свет Архиепископ и членовите на Светиот архиерејски синод на МПЦ, овие ученици, верувам, прераснаа во силни личности, доволно мудри во својот натамошен духовно-образовен развој да се соочат со предизвиците што ги наметнува новото време, а исто така и доволно зрели да одговорат и на духовните потреби на возобновената древна и славна Охридска архиепископија во лицето на Македонската православна црква.

Секогаш велиме дека може да дадеме повеќе од себе. Но сега сме среќни и радосни поради постигнатиот успех на оваа генерација во нивното петгодишно богословско образование.

Зрелосниот испит што се одржа изминатите период во оваа духовна установа и кој заврши со општ успех 3,67, или многу добар, е само потврда на реченото. Од вкупно 13 ученици што полагаа матура, 12 редовни и 1 вонреден, 5 завршија одлични, 3 многу добри и 5 ученици се здобија со титулата завршен богослов со постигнат добар успех. Сметам дека покажаното говори и за нивната силна посветеност, но и за посветеноста на нивните учители. Затоа, драги ученици, помнете ги и постојано спомнувајте си за зборовите на св. ап. Павле: Помнете ги и вашите наставници, што ви го проповедаа Словото Божјо, и имајќи го пред очи крајот на нивниот живот, подражавајте ја верата нивна (Евр. 13, 7). Можеби ќе станеме пообразовани и ќе бидеме на повисока положба од нашите професори, но не смееме да зборавиме кој прв нè воведе во науката на Православната црква, кој ни ги отвори хоризонтите – без почетокот, и сегашноста и иднината би ни биле поинакви.   

На крајот честитајќи им го завршувањето на средното образование, изразуваме надеж дека нема да застанат тука, но дека ќе го продолжат своето образование и по молитвите на нашата света Црква ќе го завршат успешно и тој пат. Исто така им порачуваме, иразувајќи верба, дека нема да заборават кои се и што се, но дека поткрепувани од застапништото на Пресвета Богородица, светиот Климент Охридски и сите светии ќе се покажат како достојни синови на светата Македонска црква и доследни продолжувачи на Светиклиментвото дело, а сè во слава на Троединиот Бог.

 

Ви благодарам за вниманието!

Извор: Повардарска епархија

 mr.Darko.Milev.jpg

 Говор по повод матурата на 45-та генерација богослови  
17.06.2013.  
Ваше Блаженство, Ваши Високопреосвештенства, Ваше Преосвештенство и почитуван пратенику на САС, Ваши Преосвештенства, Ваши Преподобија и отци, професори, колеги и почитувани гости, матуранти,

По 45-ти, а оваа година и јубилеен пат, од историјата на нашата Македонска православна богословија „Св. Климент Охридски“, а воедно и на Македонска православна црква – Охридска архиепископија, дојде и овој ден кога свечено ќе го одбележиме завршувањето на петогодишно богословско образование оваа генерација, онаа прва етапа, од која што понатаму ќе продолжите „вие сами, како живи камења, да изградувате од себе духовен дом, свештенство свето, за да принесете духовни жртви, кои Му се на Бога пријатни преку Исуса Христа“ (1 Петр. 2, 5).  

Драги ученици, за нас беше голема радоста кога за прв пат пристигнавте во Богословијата, но уште поголема е кога на ден како овој ќе го дочекаме плодот од нашето петогодишно сотрудништво. Тешко е, а и невозможно со малку зборови да го искажеме сето она низ кое што поминавме во изминативе пет години од вашето растење во Христа во овој духовен светиклиментов дом, но верувам, дека помина период во кој, преку нашите заеднички усилби, успеавме доволно да ве наоружаме со сите оние средства, и со она знаење кое Бог Отец, преку Неговиот Син Христос во Светиот Дух ни го откри, секому од нас според талантите кои Бог ни ги даде и кои што верувам дека во иднина како верни Христови слуги ќе ги умножите и преумножите, но пред сé знам дека нашите заеднички сеќавања од овој наш духовен дом, секогаш ќе подбудуваат насмевка на вашето лице. Токму во тој момент ќе разбереме, дека сме имале и ќе имаме „љубов помеѓу себе“ (Јн. 13, 35), а по тоа пак останатите дека сме Христови ученици и вистински наследници на св. Климент Охридски, затоа што токму љубовта е таа која ќе направи од нас еден прекрасен духовен мозаик, во кој ќе се отслика образот на нашиот Бог Света Троица. Не напразно св. ап. Павле вели: „Да зборувам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски, штом љубов немам . . . ништо не сум“ (1. Кор. 13, 1-2). Но пред сé, поучени од неговите зборови, да не забораваме дека, „ниту оној, кој сади, е нешто, ниту, пак, оној, што полива, а сé е Бог, Кој прави да израсте“ (1Кор 3,6-7), па затоа во иднина, сеќавајте се на овие зборови дека секој ваш успех треба да го препишете најпрвин на Бога, а потoа на себе. „Бидете мудри како змии и незлобни како гулаби“ (Мт. 10, 16), и знајте дека „Ако е Бог со нас, кој ќе е против нас“ (Рим. 8, 31).

На крајот, како класен раководител од името на сите ученици сакам да ја искористам оваа прилика, овој пат лично, да ја изразам нашата благодарност кон Вас, членовите на САС и архипастири на МПЦ-ОА, за тоа што преку Вашата соработка со РПЦ, го овозможивте нашето прекрасно матурско патување во гр. Москва – Русија, благодарение на кое што патување можеме да кажеме, дека сé она, кое што беше предмет на нашето богословско образование и живот во Црквата да стане реалност. Во тие седум дена, успеавме да се поклониме и да ги целиваме моштите на сите оние светители, кои што се столбови на нашата Црква, правило на верата, образ на кротоста и учители на воздржанието, и на кои што до тој момент можевме да им се восхитувавме само преку читањето на нивните житија, а сега можеме да благовестиме и за Божјата благодат со која што се исполнивме, преку нивните прославени од Бога свети мошти.   

Почитувани ученици, нека ви е честит уште еднаш овој успех, и Христос секогаш нека биде помеѓу нас. Амин!

 


Со почит:

проф. м-р Дарко Милев