ALIM8860

Во четвртата Недела од Великиот Пост (14.04.2013 г.), неделата на свети Јован Лествичник, во манастирот на свети великомаченик Ѓорѓи во Куманово. Епископот Лешочки г. д-р Јосиф, отслужи Света Василиева Литургија. На Светата Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

 ALIM8878ALIM8919ALIM8928

 Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.

ALIM8948ALIM8962ALIM8968

Денес во четвртата седмица на Великиот пост го славиме споменот на свети Јован Лествичник. Тоа е личноста што остави длабок печат во Православната теологија со своето дело Лествица или Скала. За животот на свети Јован немаме многу податоци, од преданието знаеме дека е роден во 525 година, најверојатно во Цариград во побожно семејство на цариградски благородници Ксенофонт и Марија. Љубовта кон понепосредна заедница со Бога, го довела на синајската гора уште како шеснаесет годишно момче. Во синајскиот манастир тој останал како послушаник, а потоа подвигот на монаштвото го продолжил како пустињак. Покасно бил избран за синајски игумен, на која должност останал сѐ до својата осумдесет и трета година, кога и се упокоил во 608 година.

Драги браќа и сестри!
ALIM8972ALIM8974ALIM8979
Синајскиот манастир е посветен на света Катерина, а него го изградил царот Јустинијан во 527 година, во северното подножје на еден од главните синајски врвови на синајскиот полуостров. Набрзо тој манастир станал централно духовно седиште на монасите од Египет и Палестина, па тука дошол да живее и свети Јован, под раководство на светиот старец Мартириј, се до неговата смрт, полни деветнаесет години. Потоа свети Јован се повлекол во една пештера на синајските врвови, на местото наречено Тола, каде што живеел четириесет години во многу строг подвиг. На барање на останатите монаси од манастирот, тој се вратил да живее во манастирот како игумен во околу 600-та година. При крајот на неговиот земен живот, тој се повлекол повторно во пештерата каде што и се упокоил.
ALIM8991
Свети Јован бил образован човек, кој не само што ја познавал многу добро светоотечката литература, туку имал широко познавање и на класичната филозофија, па дури и на некои лаички науки како медицината и воените вештини. Тој исто така темелно ја познавал граматиката, поетиката, реториката, филозофијата, математиката и другите дисциплини. Уште за време на неговиот живот тој бил познат нашироко во културниот свет, што се гледа од неговата лична преписка со римскиот папа свети Григориј Велики, како и многубројните врски со разни подвижници и светители од Блискиот Исток.

Неговото дело Лествица, претставува основна духовна читанка за секој христијанин, што зачекорил на патот за очистување на срцето. Свети Јован како прв внатрешен подвиг го истакнува покајанието, поточно кажано покајанието, или скрушеноста заради гревовите, што претставува сама суштина на подвигот.

Покајанието значи човек да се предомисли, да го промени своето мислење и да започне да расудува поинаку. Тоа е возможно само ако се разбере суштината на животот, само ако се разбере смислата на постоењето. Свети Јован постојано истакнува дека покајанието е обнова на крштението, а солзите за гревовите ја заменуваат водата во крштението. Но, покајанието не е возможно без љубовта, а стекнувањето на љубовта е полнота на подвигот. Само ако ги љубиме другите, само тогаш и не ги осудуваме – туку се молиме за нив. Љубовта е таа што му дава смисла на животот на христијаните, бидејќи Бог се воплоти од љубов кон човекот.

ALIM8994

Возљубени во Господа, со покајанието човек се очистува од секој грев. Покајанието го воведе во рајот разбојникот што беше распнат со Христа; покајанието направи од Петра избран сад; покајанието го оправда Давида; покајанието го врати заблудениот син во татковските прегратки. Но, денес современата цивилизација е цивилизација на губење на срцето и внатрешниот живот на душата. Денес, современиот човек е оддалечен од Бога. Оддалечен е од љубовта распната и убавината Божја во него е помрачена. Човекот живее во сластољубиво време, кое е основано на логички системи. Во светот, методот на исцеление е сокриен во живото искуство на светото и чисто Православие – преку очистување на срцето, преку исцелување на страстите со покајание и исповед, преку подвиг.

Денес, кога се наоѓаме во втората половина од Великиот Пост, светата Црква ни говори за свети Јован Лествичник и не потсетува дека во светот сѐ може да се менува, науката може да напредува до бескрајни граници и да открива видици за кои човекот само до пред неколку години, не можел ни да помисли. Но, целта на човекот секогаш останува иста. Поуките на светиите од пред 2000 години остануваат исти, зашто и проблемите на човекот кој живее во светот, се исти како и тогаш.

Драги браќа и сести, учењето на Црквата секогаш е актуелно, секогаш е живо, зашто тоа потекнува од благодатните зборови на светото Евангелие и од поуките на светите отци, кои тоа го исполниле во животот. Да твориме дела кои ќе бидат плод на покајание, да го променуваме својот живот – да живееме во Црквата, само така ќе можеме да ја исполниме целта за која сме создадени.

Бог Света Троица, по молитвите на свети Јован Лествичник, да ја излие Својата благодат врз нас за достојно да го завршиме постот и радосно да влеземе во прославувањето на Христовото Воскресение. Амин.

 

Извор:  http://josif.mk/?p=787&lang=mk#more-787