Pajsij.Svetogorec.jpg
Човекот треба сѐ да прави заради Бог. Кога забораваме на Него во нас влегува помисла дека правиме нешто важно, а потоа доаѓа и желбата да им се допаднеме на луѓето. Но, ако работиме со мисла дека Бог нѐ гледа, дека сѐ надгледува, тогаш ќе делуваме со сигурност; инаку ако човекот нешто прави за да се покаже како добар во очите на другите луѓе, губи сѐ, сѐ губи смисла. За секое дело што го извршува човекот треба да се запраша: „Добро, ова што го правам ме успокојува, но дали тоа му е пријатно на Бог?“ Ако тоа го заборави, ќе Го заборави и Бога.

Зошто нашите претци често велеле: „Во Божјо име“, или „Ако даде Бог“? Го чувствувале Божјото присуство на секое место и при секоја работа Го имале пред себе, и затоа биле внимателни. Живееле онака како што се кажува во псалмот: „Секогаш Го гледам пред себе Господ, Тој е од мојата десна страна за да не се поместам“, и не се колебале.

Повеќето искушенија самите си ги предизвикуваме, кога себе се поставуваме како посредник во нашата комуникација со другите. Со други зборови, кога намерите ни се себични тогаш сакаме да се поставиме повисоко со тоа што ќе ги истакнеме личните способности. На небото не може да се искачиме со световно истакнување, туку со духовно снисходење. Оној што оди ниско оди сигурно и не е во опасност да падне. Затоа да се трудиме, колку што можеме, да ја искорениме желбата за истакнување во светот и желбата за успех во светот, што е духовен неуспех. Да го отфрлиме прикриеното и отворено самољубие и човекоугодништво за искрено да Го засакаме Христос. Нашата епоха не ја карактеризира скромноста, туку сетилната впечатливост и духовната празнина. А духовниот живот, повторно, се одвива неприметно. Добро е да го правиме она што според нашите мерила е правилно, без многу врева, без големи барања што ги надминуваат нашите способности. Во спротивно, сѐ што правиме ќе ни биде за штета на душата и телото, а со самото тоа и на Црквата.

Она што чисто го правиме за ближните, пријатно Му е и на Христос. Значи треба, да внимаваме чисто да им помагаме на ближните, во тоа да нема човекоугодништво, за на тој начин помошта  на луѓето да стигне до Христос.

Кога некој се обидува да ги поправи работите во Црквата, а всушност се бори за положба, значи се грижи за својот личен интерес, како да биде благословен од Бога?

Човекот треба, колку што може, својот живот да го направи да биде сроден на Бога, и секогаш да се разобличува себеси, секогаш да се грижи што повеќе да биде во согласност со Божјата волја. Кога човекот ја исполнува Божјата волја, тогаш е во сродство со Бог, и тогаш, не барајќи од Бога добива, постојано пиејќи вода од изворот.

 
Старец Паисиј Светогорец

Извор: МПЦ-ОА

 (05.04.2013)