Ikona.Korenokurska.jpg
 

 Ете ја Мајката која никогаш не не оставила, ниту ќе не остави!

 

       Ikona.Korenokurska.jpg
 

"Радувај се, Царице небесна, Која како пурпурен зрак блескаш, како јасна и полна месечина се осветлуваш; Те молам, дај ми мене грешниот секогаш да Ти вознесувам благодарствени молитви, и ништо друго да не сакам, само Твоите мајчински очи никогаш да не ги тргнеш од мене, зашто се појасни и почисти и од очите на светите ангели, о, Најсвета Приснодево Марие!" 11 катизма од Богородичниот Псалтир.
Колку е убаво кога децата седат околу својата мајка, а таа од длабочината на своето срце ги милува и им ја дава својата мајчинска чиста љубов. Кога една мајка прави сè за  своите деца, колку пак Преблагословената Мајка на сите родови не милува? Кога очајуваме, Таа ни вели "не тагувај, радост моја", во искушенија не покрива со Својот омофор и не заштитува од стрелите кои слугите на кнезот земски ги фрлаат кон нас. Мајка! Ете ја Мајката која никогаш не не оставила, ниту пак ќе не остави.

       Ikona.Korenokurska.jpg
 


Пред една недела, во нашиот Светотроитски манастир во Џорданвил, ни дојде чудотворната Коренокурска икона на Мајката Божја, Знамение. Истата ќе остане уште неколку дена.
Навистина е радост, благодат и утеха за нас да се наситуваме со радости покрај оваа чудотворна икона. Таа патува насекаде во светот за луѓето да и се поклонат и испросат милост од Неа. Кога чувствуваш и се соочуваш со многу искушенија, знаеш дека оваа голема светиња е овде, и веднаш со солзи пристапуваш и ја молиш Царицата Небесна да те утеши.

       Ikona.Korenokurska.jpg
 


Неколку пати имам објавувано новости за пристигањето на оваа чудотворна икона во нашиот Џорданвилски манастир. Овој пат радоста беше уште поголема. Во последно време забележано е, односно од чудотворната икона почесто почна да се чувствува силно благоухание на миро. Истата икона не е мироточива, како онаа во Хаваи, но на моменти почна да се чувствува силно благоухание.
Тоа и ние го почувствувавме во Џорданвил. Кога јас за време на вечернта ја целивав иконата, силно благоухание се чувствуваше од Неа. Утредента го прашав игуменот на нашиот манастир дали ставаат некакво миро на иконата, тој ми одговори дека ништо не ставаат. И самиот тој го прашал хранителот на иконата дали тој става миро, но и тој одговори дека не става ништо, туку во последно време многу често почна да се чувствува овој мирис.
Мајката Божја ни покажува голема милост. Таа ни кажува дека не не остава, се грижи за нас, се моли пред Христа за нас, нејзините чеда!
Мајка! Ете ја Мајката која никогаш не не оставила, ниту пак ќе не остави.
        Радувајте се!
                                                   Стојан Серафим Андов
                                                   Светотроитски манастир,
                                                   Џорданвил, Њујорк