Денес рано наутро во 5 часот и 15 минути Грчката Православна Црква и сите верни поднесоа тешка загуба – на 69-годишна возраст се упокои Архиепископот на Атина и на цела Грција г. Христодул.

Два часа потоа телото на поглаварот на Грчката Црква беше донесено во болницата „Лаико“ заради утврдување на причините на смртта. По завршувањето на неопходните процедури телото на упокоениот Архиепископ беше пренесено во параклисот на катедралниот храм на улица „Митрополеос“, каде што веќе е извршена и трисагија од страна на Митрополитот на Каристија г. Серафим. Телото ќе остане во истиот храм за тридневно поклонение. Архиепископот ќе биде погребан во центарот на првото атинско гробиште со сите државни почести. Во Република Грција е прогласена тридневна жалост.

Неговата 10-годишна служба како Архиепископ ја одбележија неколку настани: прво, судирот со Владата на г. Симитис заради издавањето на новите лични карти во Грција за кои Грчката Црква сметаше дека ги нарушуваат личната слобода и приватноста на граѓаните; второ, посетата на Римскиот папа Јован Павле Втори на Атина која дотогаш беше незамислива; и трето, судирот со Цариградската Патријаршија околу т.н. Нови земји, односно делот од Македонија под грчка контрола и Тракија, во кои Епископите се бираа со дозвола од Цариградскиот Патријарх.

Летото 2001 година, Архиепископот Христодул се сретна и со делегација на Македонската Православна Црква во хотелот „Македонија“ во Солун.

 Нека му е вечен споменот. Господ да го прости!

 

Извор: Православие.бг, Romfea.gr

Преземено од официјалниот сајт на Македонската Православна Црква


Биографија на Архиепископот Христодул (28.01.2008)


Неговото Блаженство Архиепископот на Атина и на цела Грција г. Христодул е роден во градот Ксанти во 1939 година. Тој беше доктор по теологија, а дипломираше на правниот и на теолошкиот факултет. Се збоди со научен степен по француски и англиски јазик, а се користеше со италијански и германски јазик. Ракоположен е за ѓакон во 1961 година, а за свештеник во 1965 година. Како проповедник и како главен старешина служеше во парохијата на храмот на Успение на Пресвета Богородица во Палео Фалиро, Атина, во текот на девет години. Седум години служеше како главен секретар на Светиот Синод. Избран е за Митрополит на Димитриада (Волос) во 1974 година. Архиепископот Христодул учествуваше на неколку црковни мисии во странство. Во 1998 година беше избран за Архиепископ на Атина и цела Грција.

Автор е на мноштво научни и творечки статии и текстови. Исто така пишуваше за црковниот печат и за различни весници. Меѓу последните негови публикации се истакнуваат книгите: „Покрстениот елинизам – премин од античноста кон христијанството“, во која се опишува како Христијанската Црква успеала да обрати во верата како Грци, така и Римјани, а во книгата „Европска душа“ е разработена улогата на христијанството во создавањето на европскиот свет и перспективите на Европјаните поради искоренувањето на нивниот идентитет.

Неговата интронизација за поглавар на Грчката Црква значеше пораст на улогата на Црквата во современото општество. За време на неговото служење беа преустроени синодските комисии и беа создадени нови, кои ѝ овозможија на Грчката Црква да контролира и да се меша кога и каде што ќе процени за неопходно.

Под негово раководство социјалното дело на Црквата исто така доживеа подем. Постоечките организации беа засилени, а исто така беа создадени и нови, кои згрижуваат наркомани, имигранти, жени - жртви на насилство, самохрани мајки и жртви на трговија со луѓе. Беше создадена исто така мрежа од целодневни детски установи со цел да се помогне на мајките што работат, на сиромашни семејство и многудетни семејства.

Отворањето на „Солидарност“, невладина организација на Грчката Црква, овозможи на Црквата да укажува хуманитарна помош во Грција и надвор од неа – на Блискиот исток, Африка, Азија и Источна Европа.

Под негово раководство настапи ново време за комуникациите на Црквата. Архиепископот Христодул ја воведе Грчката Црква во дигитална епоха, вклучувајќи го оформувањето на интернет услугите, основањето на културниот центар онлајн кој вклучува дигитална библиотека, уметничка и музичка галерија и портал за вести од културата на грчки и англиски јазик.

Интересот и придонесот на архиепископот Христодул на прашања поврзани со Европа, беа исто така од централно значење. Додека беше на чело на Грчката Црква тој раководеше со специјална синодска комисија, го основа претставништвото на Црквата во ЕУ во Брисел и основа интернет сајт за цел на спојување на елементите коишто го сочинуваат европскиот дух.

 

Извор: Православие.бг

 

Погреб и избор


Опелото на блаженопочинатиот Архиепископ Христодул ќе се изрвши на 31 јануари 2008 година во 10 часот во митрополитската црква на свето Благовештение во Атина.

Митрополитот на Солун Антим изјави дека изборот за нов Архиепископ на Грчката Православна Црква ќе се одржи на 7 февруари 2008 година во истата црква.

 

 

 

Извор: Romfea.gr


 
{moshits}