ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ     

 Aleksandar.N.sv.Haralampij

Тропар на светиот пророк

Божји Јоил (Јоад)

 12/04/2021

Жртви сепаленици на Бога не се потребни,

како и приноси осквернети од неразумност

и верување во човечки богови: о Јоиле,

срце подигнато кон небесата,

а очи – рака продолжена Господова.

Радувај се сега при лоното на Господа

каде мир царува во векови.

Aleksandar.N.sv.Haralampij

 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Aleksandar.N.sv.Haralampij

Тропар на преподобниот Јован Лествичник
12/04/2021

Мудар подвижнику Христов Јоване,

смирение, трпение и молчание во тебе изгради

благодатта Господова,

послушанието во Христа ти беше ѕвезда водилка

кон Небесата. За нас Оттаму ти спушти скала до земјата,

поучувајќи да внимаваме на секое скалило,

и секое дете да го добие она што му е најмило –

прегратка во Царството Небесно.

Aleksandar.N.sv.Haralampij

 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропарна Христовиот монах кој

никого не осуди


12/04/2021



Велик си Ти Господи Кој раце спрема нас подаваш

и заповеди кои живот источуваат

и слабоста во сила спасителна ја преобразуваат:

не судете да не бидете осудени

и само едно е потребно,

а за другото – истресете ја прашината од нозете ваши:

и затоа несудењето е извор на простувањето.

Еден го достигна – сите можат, Господи слава Ти.

Aleksandar.N.sv.Haralampij

 


Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Од Верскиот календар на МПЦ (12.04.2022)

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

 

ПреминПортал

2022 лето Господово

Од Верскиот календар:

Преподобен Јован Лествичник

Писателот на прочуената Лествица. Однекаде дојде на Синајската Гора како шеснаесетгодишно момче и остана овде, прво како послушник, потоа како отшелник и на крајот како синајски игумен до осумдесеттата година од животот, кога се упокои (околу 563 година). Неговиот животописец, монахот Даниил, за него вели: „Со телото се вознесе на Синајската Гора, а со духот на Гората Небесна“. Кај својот духовен отец, Мартириј, Свети Јован помина во послушание деветнаесет години. Кога Анастасиј Синајски еднаш го виде младиот Јован, за него прорече дека ќе биде синајски игумен. По смртта на својот духовник Јован се повлече во една пештера, во која во тешки подвизи проживеа дваесет години. Неговиот ученик Мојсеј еден ден заспа под сенката на еден голем камен. Додека во тој миг стоеше на молитва, Св. Јован виде дека ученикот му е во опасност и почна за него да Му се моли на Бога. Подоцна кога дојде, Мојсеј падна на колена пред својот духовен отец и му заблагодари зашто го спаси од сигурна смрт. Му раскажа како во сон го слушнал гласот на Св. Јован кој го викнал, па скокнал од сонот. Во тој миг оној голем камен паднал, а ученикот се спасил неповреден. На навалување на браќата светителот прифати да им биде игумен и со љубов и ревност се трудеше за спасението на човечките души. Еднаш слушна прекор од некои дека е многуглаголлив. Не се разгневи ни малку, но по ова замолча и цела година не изговори ни збор додека браќата не го измолија да им зборува и да продолжи да ги поучува со неговата Божествена мудрост. Еднаш во Синајскиот манастир дојдоа шестотини поклоници. На трпезата сите видоа едно вешто момче во еврејска облека како им служеше, а и на останатите слуги им заповедаше и ги распоредуваше. Одеднаш момчето исчезна. И кога сите се обѕираа и се распрашуваа, Свети Јован рече: „Не го барајте, тоа беше Пророкот Мојсеј, кој ни послужи на своето место“. За време на своето молчалништво во пештерата Св. Јован напиша многу духополезни книги, од кои најславна и до ден денес многу читана е „Лествица“. Во неа се опишува методот на вознесувањето на душата кон Бога како постапна лествица. Пред смртта Свети Јован го одреди својот брат по тело Георгиј за наследник во игуменството на манстирот. Но тој многу тагуваше заради разделбата со неговиот Свет брат и игумен. Тогаш Јован му рече дека ако се удостои со близината Божја на оној свет ќе се моли и тој, Георгиј, да биде земен. Така и стана. По десет месеци се упокои и Георгиј и стана небесен сограѓанин на својот свет брат Св. Јован Лествичник.

Спомен на монахот којшто радосно умре
зашто никогаш во животот не осуди никого

Овој монах беше мрзлив, негрижлив, немолитвен, но во целиот свој живот не осуди ниеден човек. И кога умираше беше весел. Кога го прашаа браќата како при толку гревови умира весело, одговори: „Сега видов ангели што ми покажаа хартија со моите многубројни гревови. Јас им реков: „Господ рече: „Не судете за да не ви се суди““. Јас никогаш никого не осудив и се надевам на милоста Божја дека нема да ме осуди“. И ангелите ја искинаа онаа хартија. Кога монасите слушнаа за ова, се восхитија и се поучија.