Тропар на Воскресението на Господ наш Исус Христос
04/05/2021

19 април / 2 мај

Христос воскресна од мртвите,

со смртта, смртта ја победи

и на оние во гробовите

живот им подари  

                             

Извор МПЦ - ОА 

 

Тропар на преподобномаченица Стефанида Скадарско Битолска
04/05/2021

21 април / 4 мај

Глас 1

Сенката твоја Светлината сончева ја спозна,

срце се озари од рака Христова невештествена,

о, Стефанидо мајко наша преподобна.

Те поведе Тивкиот по патот голготски,

те закрепна Вечниот во ревноста благодатна,

се до небесните дворови на славата Негова.

Оттаму сега за нас спомни си и застапи се,

о јагне Божјо со срце од Христа очистено.

 

 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 Тропар на светиот
Христов свештеномаченик
Јануариј епископ и другите со него
21 април / 4 мај

Со благодатта Христова го изгасна огнот на страстите,
о, Јануарие епископе, така подвигот твој пример стана
за твоите сострадалници: Фауст, Прокул, Сосиј, Дизидериј, Евтихиј и Акутион со кои низ оган помина.
Ти кој ѕверови скроти, мртви воскресна со
силата Христова, моли се за нас да добиеме спасение
по твоите свети молитви.

 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Од Верскиот календар на МПЦ (04.05.2021)
Hristos.adam.jpg

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2021 лето Господово

Од Верскиот календар:

 

Светиот свештеномаченик Јануариј и другите со него

Овој светител беше епископ во Кампанија Италијанска. За време на гонењето на Максимијан беше изведен на суд и мачен на разни начини, а тој поднесе сѐ трпеливо. Кога го фрлија во оган, огнот се разлади со невидлива роса и маченикот стоеше неповреден сред огнот и Му пееше пофалба на Бога. Тогаш му го стружеа телото со железни четки дури коските не му побелеа, но маченикот поднесуваше незлобливо и трпеливо. Неговиот ѓакон Фауст и чтецот Дисидериј, коишто ги гледаа неговите маки, плачеа по својот духовен отец, но и нив ги врзаа и заедно со епископот ги поведоа во градот Путеол и ги фрлија во затвор. Во истиот затвор беа затворени за Христа и путеолските ѓакони Прокул и Сосиј и двајца лаици христијани Евтихиј и Акутион. Сите седуммина ги фрлија пред ѕверови. Но ѕверовите не ги ни допреа. Тогаш ги убија со меч, а неаполските христијани тајно го пренесоа телото на Свети Јануариј во својот град и чесно го положија в црква. На гробот на овој светител до денешен ден се пројавуваат многубројни чуда. Меѓу бројните чуда запамтено е и тоа дека една бедна вдовица, на којашто ѝ беше умрел синот единец, ја зеде од црквата иконата на Свети Јануариј и ја положи на својот мртов син плачејќи и молејќи го светителот. И нејзиниот син оживе. Свети Јануариј пострада чесно во 305 година.

Светиот маченик Теодор и другите со него

За верата Христова пострада во Перга Памфилиска во времето на царот Антонин. Теодор беше млад и со убаво лице. Кога намесникот на таа област го избра заедно со други момчиња, за да ги испрати на служба во царскиот дворец, Теодор се спротивстави и изјави дека тој е христијанин. За ова беше мачен со разни маки, а потоа фрлен во оган. Но од земјата изби вода и го угаси огнот. Намесникот ова им го припишуваше на некои Теодорови магии. А маченикот му рече: „Ова не е дело на мојата сила, туку на мојот Бог Христос; а ако сакаш да ја познаеш силата на твоите богови запали друг оган, па фрли во него еден од твоите војници и се надевам ќе ја познаеш нивната сила и семоќта на мојот Бог.“ Намесникот сакаше навистина да фрли еден од војниците, но тие во страв го молеа да го фрли жрецот Диоскор наместо нив. Жрецот пак молеше да го фрлат самиот идол Ѕевс и останатите идоли, па ако се богови, тие лесно ќе се спасат самите себеси. Диоскор ова го рече бидејќи откако го виде чудото со Теодор веќе беше со срцето обратен кон Христа. Кога дозна за ова, намесникот го осуди Диоскор на смрт и го запали. Исто така го предаде на смрт и Теодор со двајца војници, Сократ и Дионисиј и мајката на Теодор, Филипа. Теодор го распнаа на крст, на којшто тој издивна дури третиот ден. Сократ и Дионисиј ги прободија со копје, а Филипа ја убија со меч. Сите стекнаа венци на слава во царството Христово