ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ       

Тропар на светата
преподобна мајка
Марија Египетска
1 април / 14 април

Пустината се напои
со твоите топли солзи
песокта ја претвори
во молитви кон Бога непрестајни
ветрот ја пренесе
милоста Божја по твоите молитви
до оние кои ги почитуваат
твоите, о, мајко Марие свети подвизи.


 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светиот епископ
Мелитон Сардиски
1 април / 14 април

Духот Божји во тебе поле најде,
дом очистен за Бога припремен,
и те надари – простотата, совршеност твоја да постане,
за да разбереш што е долу, а што горе.
Радувајќи се во Господа и за сите молејќи се,
исповедник стана во одбрана на словото
и пофалба на Црквата преку сите времиња.

Aleksandar.N.sv.Haralampij

 



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

  Тропар на преподобниот отец
Макариј исповедник
игумен на Пелекит
1 април / 14 април

Послушанието твое свети Макарие, видот ти го избистри
и смиреномудрено со храна нетрулежна
Спасителот те нахрани.
Исповедник по ревност постана,
 кој за нас сега пред Бога се застапува,
 при Кого мирно премина носен
 на ангелска плаштаница.

Aleksandar.N.sv.Haralampij


 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Од Верскиот календар на МПЦ (14.04.2021)

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

 

ПреминПортал

2021 лето Господово

Од Верскиот календар:

  

Света Марија Египетска

Житието на оваа светителка го напиша ерусалимскиот патријарх Св. Софрониј. Еден свештеномонах, старецот Зосим, се оддалечи еднаш за време на Чесниот Пост во Задјорданската пустина на растојание од дванаесет дена одење. Одеднаш здогледа едно човечко суштество, суво, голо во телото, со коса бела како снег, кое веднаш почна да бега од погледот на Зосим. Старецот долго трчаше додека онаа човечка прилика не прилегна во потокот и не викна: „Авво Зосиме, прости ми заради Господ, не можам да ти се обратам, зашто сум гола жена!“ Тогаш Зосим ѝ ја дофрли својата горна наметка и таа му се јави. Старецот беше застрашен од звукот на своето име што го изговорија усните на таа непозната жена. На негово долго настојување жената му го раскажа своето житие. Таа била родена во Мисир и од својата дванаесетта година почнала да живее развратно во Александрија и во разврат поминала цели седумнаесет години. Гонета од блудниот телесен оган еден ден седнала на кораб што пловел за Ерусалим. Кога пристигнала во Светиот Град, посакала и таа да влезе в црква и да му се поклони на Чесниот Крст, но некоја невидлива сила ја задржувала и не ѝ допуштала да влезе. Во голем страв погледнала во иконата на Пресвета Богородица во припратата на црквата, молејќи се кон Пречистата да ѝ дозволи да влезе и да го целива Чесниот Крст, исповедајќи ја својата грешност и нечистотија, а ветувајќи дека по ова ќе појде таму каде што ќе ја упати Богородица. Тогаш ѝ било дозволено да влезе в црква. Откако го целивала Чесниот Крст повторно излегла во припратата пред иконата и Ѝ се заблагодарила на Пресвета Богородица, но во тој миг чула глас: „Ако го преминеш Јордан, ќе најдеш мир!“ Таа веднаш купила три леба и тргнала кон Јордан, каде што стигнала истата вечер. Утредента се причестила во манастирот на Св. Јован и ја преминала реката. Во пустината поживеала цели четириесет и осум години, во преголеми маки, во страв, во борба со страсните помисли како со диви ѕверови. Се хранела со зелје. Сега таа го замоли Свети Зосим идната година да дојде на брегот на Јордан и да ѝ донесе Причест, ветувајќи му дека ќе дојде да се причести. Следната година авва Зосим дојде на брегот носејќи ѝ Света Причест, а се чудеше како светителката ќе го премине Јордан. Во тој миг виде на блесокот од месечината дека таа дојде до реката, ја прекрсти и појде по водата како по суво. Кога ја причести, го замоли идната година да дојде кај истиот оној поток каде што се видоа првпат. Авва Зосим појде и на она место го најде нејзиното мртво тело, а над главата натпис: „Погребај го, авво Зосиме, на ова место телото на смирената Марија, предај му го правот на правот, се преставив на први април, во ноќта на спасоносното Христово страдање, по причестувањето со Божествените Тајни“. Од овој натпис авва Зосим го дозна прво нејзиното име, а второ страшното чудо дека таа претходната година, истата онаа ноќ кога се причести, стасала до овој поток до којшто тој мораше да патува дваесет дена. Вака Зосим го погреба телото на чудесната Светителка Марија Египетска. А кога се врати во манастирот, ја раскажа целата историја на нејзиниот живот и чудото коешто самиот го виде од неа. Така ја прослави Господ покајаната грешница. Света Марија се споменува и во петтата недела на Чесниот Пост. Во тие денови Црквата им ја предочува на верните како пример за покајание. Се упокои во Господ околу 530 година.

Свети Мелитон, епископ Сардиски

Прочуен пастир на Црквата од 2 век. Владееше со голема ученост и се трудеше сите книги на Светото Писмо да ги собере во еден кодекс. А според својата кротост и благочестие пак, се трудеше да внесе мир во Лаодикиската Црква, вознемирена од спорот околу датумот на празнувањето на Пасха. Освен ова, го бранеше христијанството пред незнабожците. Така околу 170 година патуваше во Рим и на царот Марко Аврелиј му поднесе една писмена одбрана (апологија) на верата и Црквата. Овој учен, благочестив и ревносен маж се упокои мирно во Господ во 177 година.