ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ 

 Тропар на светата
Христова маченица
Фотина и другите со неа
20 март / 2 април

Торжествува небесата денес о Фотино славна великомаченице,
Христос Спасителот во Своите раце те имаше поттикнувајќи те
на подвиг кој разумот го надминува,
која ти исполнета со благодат храбро го издржа,
и пример стана за останатите маченици,
за да се велича и прославува Името Господово во вселената,
за наше спасение и милост пред Него по твоите свети молитви.

Кондак

О Самарјанко која смелост имаше
вода да побараш од Изворот на Животот,
о залутана кошуто која Патот
го пронајде до Царството Небесно,
добра земја за Христовата вера постана
и патоказ со крвта твоја осветен
се постави во домостројот на нашето спасение.
Фотино – истоименито светило Христово!



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 Тропар на светите
Христови Амисиски маченички
Александра, Калвдија, Ефрасија, Матрона,
Јулијанија, Ефимија и Теодора
20 март / 2 април

Темнината како магла се развеа кога светлината
на спознанието го осветли вашиот ум, срце и душа,
свети маченички Александро, Клавдио, Ефрасио,
Матроно, Јулијанио, Ефимио и Теодоро.
Пред мачителот стоејќи како жив штит
на верата Христа го исповедавте,
и венци на слава добивајќи за нас молете се
да се простат многуте прегрешенија.

 

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 Тропар на светите
Христови маченички
Анатолија, Фота, Фотида,
Параскева и Киријакија
20 март / 2 април

О небесни жители Анатолија, Фота,
Фотида, Параскева и Киријакија,
радостите ваши ги надминаа маките на мачеништвото,
една за друга молејќи се,
света Фотина ја украсивте, Бога Го прославивте
и од нас сега поклони и молби добивате:
пред Господа да нѐ застапите.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 Тропар на светите
Христови маченици
Фотин и Јосија
20 март / 2 април

Горостасен војнику,
кој од врховен војсководител на земни војски,
витез на знамето Христово стана,
свети Фотине, тебе Христос и име ти даде,
заедно со Јосија главата на лагата да ја згазите,
и победата Христова да ја восфалите
во векови молејќи се и за нашите души.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 

Тропар на светите
Христови преподобномаченици
Јован, Сергиј, Патрикиј,
и др. преподобни во обителта
на свети Сава
20 март / 2 април

Свети отци подвижници на кои по
Божјо благоволение Сава свети е учител,
покров и заштита,
молете се за нас о, свети маченици кои го
празнуваме вашиот свет спомен,
Оној на кого вие се надевавте по вашите
молитви во животов земен да нѐ запази
и во Царството Небесно да нѐ приведи.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 

Тропар на светиот
новомаченик Христов
Мирон Критски
20 март / 2 април

Мирно со мир животот твој земен
свети Мироне течеше, облагодатен од
верата жива непосрамлива,
лагата се разголи пред луѓето и ангелите
и тебе венец маченички ти принесе.
О светол девствениче за нас моли се
да истраеме до крај по твоите свети молитви.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 Тропар на светиот
Христов маченик
Севастијан кнез
20 март / 2 април

Блажен си ти Севастијане,
кого Спасителот го укрепуваше до крај
да се бори и обрезание по срце да добие
газејќи по телесното плотско мудрување.
Радувај се и за нас моли се
сотруднику на восфалените маченици.


 

 .  

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Од Верскиот календар на МПЦ (02.04.2024)

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2024 лето Господово

Од Верскиот календар:

Преподобниот маченик Јован и другите со него

Тие се од обителта на Св. Сава Осветен кај Ерусалим. Овој славен манастир постои и денес. Повеќепати е напаѓан од дивите Арапи, но по Божја Промисла секогаш е обновуван и зачуван до денеска. Во времето на царувањето на Константин и Ирина Арапите го нападнаа и го ограбија. Монасите не сакаа да бегаат, а откако се посоветуваа со својот игумен Тома рекоа: „Ние побегнавме од светот во оваа пустина заради љубовта Христова. Срамота е да бегаме од пустината заради страв од луѓето. Ако нѐ убијат овде, ќе бидеме убиени заради нашата љубов кон Христа, заради Кого и дојдовме да живееме овде.“ И откако вака одлучија невооружени ги дочекаа Арапите, како јагниња волци. Некои од нив Арапите ги убија со стрели, некои ги затворија во пештерата на Св. Сава, па наложија на влезот оган и ги загушија со чад. И така многумина од нив завршија како Христови маченици и се преселија во Царството на Оној Кого Го љубеа. Чесно пострадаа пред Велигден 796 година во времето на царувањето на Константин и Ирина, кога ерусалимски патријарх беше Илија. Дивите напаѓачи наскоро ги постигна праведна казна. На враќање кон своите шатори се испокараа и изгинаа борејќи се меѓу себе. Ова се случи 796 година.

Светата маченичка Фотина

Таа е жената Самарјанка која ја имаше ретката среќа да позборува со Самиот Господ Христос, на Јакововиот извор кај Сихем (Јован 4). Откако поверува во Исус Христос, таа тргна да го проповеда Евангелието заедно со своите двајца синови Виктор и Јосија и со петте сестри, коишто се викаа: Анатолија, Фота, Фотида, Параскева и Киријакија. Тие дојдоа во Картагена во Африка. Но во времето на царот Нерон ги осудија и ги доведоа во Рим, па ги фрлија во затвор. По Божја Промисла Домнина, ќерката на Нерон, дојде во допир со Света Фотина и ја прими Христовата вера. После затворот сите пострадаа за Христа. Фотина ја фрлија во бунар и таму го заврши земниот живот влегувајќи во бесмртното царство на Господ Христос.