ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ  

Тропар на светиот
преподобен отец наш
Агатон Египетски
2 март / 15 март

Светило Господово на земјата,
смирение со глас до Небесата,
преподобен учителу наш Агатоне,
суд Божји пред себе имајќи,
подвиг постави никого да не судиш,
со тоа достојно пред Христа претстоиш.
Моли се носителу на Божјата благодат,
списоците на нашите падови,
пред судот Божји да се искинат.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светиот
Христов свештеномаченик
Теодот Киринејски
2 март / 15 март

Пастиру на стадото Христово, епископе свети Теодоте,
мноштво народ приведе кон Бога твојот свет омофор,
и безброј пофалби доби од вселената за подвигот маченички,
кој и семе и призив стана, за оние кои Бога не го познаваа.
Усто благоглаголива: маките од ова време се ништо
во споредба со славата која ќе се јави –
за нас моли се пред Оној Кого ти го прослави.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар
на светите Христови
четиристотини и четириесет
маченици
2 март / 15 март

Вистината о свети маченици Христови,
кога умот го допре, благодатта срцето го запали,
и гласот на душата побрза, на Бога да се поклони.
Радувајте се вие кои храна небесна одбравте,
и милост од Христа молете за душите наши обременети.


 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче 

 

Тропар на светиот
 oтец Арсениј
епископ Тверски
2 март / 15 март

Благословен си ти Арсение пастиру на Бога Вишниот,
Кој преку тебе оче свети се грижи за народот
кој спасение бара по твоите свети молитви.
Душата твоја полагајќи ја за овците словесни,
на Бога му угоди, а Он жив те остави
помеѓу нас премрените кои и денес
припаѓаме пред тебе и Господа го славиме.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 Тропар на светиот
Христов маченик
Исихиј сенатор
2 март / 15 март

Порфирата твоја Исихие мачениче распаѓање виде
и царската земна круна – заборавеност во времето,
а душата светол исповедниче низ оган помината,
заблеска на небесата во Христа нашиот Спасител.
Радувај се небесни жителе и за нас
моли се пред Бога Седржителот.


 Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Православен календар за 15/03/2023

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2023 лето Господово

Од Верскиот календар:

 

Светиот свештеномаченик Теодот

Епископ Кириниски на островот Кипар. За неговата мудрост и добродетел го избраа за епископ и со љубов и ревност управуваше со Црквата Божја. Кога настана гонење на христијаните во времето на нечестивиот цар Ликиниј, овој Божји човек беше изведен на суд и подложен на маки. Кога мачителот Савин го советуваше да се одрече од Христа и да им се поклони на незнабожечките идоли, Теодот му одговори: „Да би ја знаел ти добрината на мојот Бог на Кого се надевам дека заради овие краткотрајни маки ќе ме удостои со вечен живот и самиот би посакал да пострадаш за Него вака како јас“. Му удираа клинци во телото, а тој Му се молеше на Бога со благодарност; па мислејќи дека крајот му е близу, ги советуваше и ги поучуваше христијаните што беа околу него. Но по Божја Промисла царот Константин во тоа време објави слобода за христијаните и нареди да бидат пуштени сите што се под суд заради Христа. Тогаш го ослободија и овој светител и така изнамачен се врати на епископската столица во Киринија и поживеа уште две години. Потоа се упокои во Господ Кому верно Му служеше и за Кого многу пострада. Земниот живот го заврши и замина во дворците Господови во 302 година.

 

Четиристотини и четириесет маченици

Убиени од Лонгобардите во Италија околу 579 година. За нив пишува Св. Григориј Двоеслов. На едно место беа убиени четиресетмина, а на друго другите четиристотини, сите затоа што не сакаа да јадат од идолските жртви, а освен тоа овие четиристотини не сакаа да играат околу козјата глава според тогашниот обичај на незнабожните Лонгобарди принесувана на жртва на демоните.

 

Преподобен Агатон

Голем мисирски подвижник од 5 век. Современик на Св. Макариј и на неговиот ученик Св. Лот. Се грижеше да ги исполнува сите Божји заповеди. Некој од браќата му го пофали ноженцето со кое сечеше прачки за плетење кошници. Кога го слушна, светителот со радост му го подари ноженцето на братот. Говореше Св. Агатон: „За мене би било задоволство да можам на себе да го земам телото на некој лепрозен, а нему да му го дадам моето“. Ете за совршената љубов...