Тропар на светиот
Христов маченик
Маврикиј и со него 70 војници
22 февруари / 6 март

Господ, нашиот благ Спасител те постави
тебе Маврикие свет водач да бидеш
на Неговите свети исповедници,
кои сведоци бивајќи на благодатта Христова,
покажаа на многуте напади демонски,
кои како оси и стршлени човека го напаѓаат,
а тие со вера исполнети низ оган поминаа,
и прекалени молитвеници станаа,
за оние кои Бога го возљубија,
и на нив во своите искушенија си спомнаа.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на светите
Христови маченици во
Евгенија
22 февруари / 6 март

Сведоци на Божјата благодат,
исповедници на верата која спасува,
маченици свети во Евгенија,
вас на кои сите коски ви се изброени,
имињата во книгата на животот запишани.
Денес Црквата Христова ве прославува,
по вашите свети молитви да бидеме спасени
од Оној Кој вас во подвигот ве укрепи.

 

Извор МПЦ – ОА
Манастир Свети Јован Претеча Слепче



Тропар на преподобните отци
Таласиј и Лимниј
22 февруари / 6 март

Подвижници Христови,
Спасителот умот ваш го просветли,
Духот Свети покров стана по сите
патишта на вашиот живот.
Радувајте се отци преподобни,
милоста во име Господово,
рајските порти ви ги отвори,
и сега за нас по вашите свети молитви,
Троичниот покажува милост голема.


 

 Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Од Верскиот календар на МПЦ (06.03.2021)

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2021 лето Господово

Од Верскиот календар:Св. мч-ци во Евгенија; св. Папиј Ераполски (Акатист)

 

Светиот маченик Маврикиј и седумдесетмина војници

Во времето на царот Максимијан имаше големо гонење на христијаните. Маврикиј беше старешина на војската во градот Апамија Сирска. Незнабожците го обвинија кај царот како христијанин и како сеач на христијанската вера меѓу војниците. Самиот цар дојде и поведе истрага. Заедно со Маврикиј пред царот беа изведени и седумдесетмина војници христијани, меѓу кои и Маврикиевиот син Фотин. Овие јунаци не можеа да ги поколебаат ниту ласкањата ниту заканите на царот. На заканите му одговорија: „О цару, нема страв во доброумната и моќна душа на оние што Го љубат Господа!“ Кога царот нареди и им ги соблекоа војничките појаси и облеката, тие рекоа: „Нашиот Бог ќе нѐ облече во облеки и појаси нераспадливи и со вечна слава!“ Кога царот ги укоруваше затоа што ги презреа војничките почести што им ги беше дал, одговорија: „Твоите почести се бесчестење, зашто заборави на Бога Кој ти ја даде царската власт! Тогаш царот нареди, па пред очите на Маврикиј го убија син му Фотин за со ова да го исплашат таткото и останатите. Но Маврикиј рече: „Ни ја исполни желбата наш мачителу и го испрати пред нас Христовиот војник Фотин“. Тогаш царот ги осуди на најнечовечна смрт - ги одведоа во една кал, ги разголеа, ги врзаа за дрвјата, ги намачкаа со мед за да ги испокасаат комарци, стршени и оси. Дури десеттиот ден во страшни маки Му ги предадоа своите души на Бога, за вечно да се радуваат со светите ангели на небото. Христијаните тајно ги зедоа нивните тела и чесно ги погребаа. Овие храбри Христови војници пострадаа околу 305 година.

Многубројните маченици во Евгенија близу Цариград

Во времето на царот Аркадиј беа откопани мошти на многумина Христови маченици, а меѓу нив ги пронајдоа и моштите на Светиот апостол Андроник и оние на неговата помошничка Јунија (Рим. 16, 7). Тие мошти беа пронајдени според откровението од Бога што му се даде на еден клирик, Никола Калиграф. Нивните имиња ги знае само Господ, Којшто ги запиша во Книгата на Живите на небесата. Над моштите на Св. апостол Андроник во 12 век царот Андроник I изгради прекрасен храм.

Преподобните Таласиј и Лимниј

Сириски пустиници. Еден од нивните извонредни подвизи беше молчењето. По смртта на Св. Таласиј во 440 година Лимниј премина кај Св. Марон (14 февруари) и таму се подвизуваше на врвот од планината под отворено небо.