Тропар на светите Христови
12 маченици – Памфил,
Порфириј, Валент, Павле и др.
16 февруари / 1 март

Дванаесет ѕвезди пред престолот Божји,
Памфил мудриот кој Порфирија преку пустина
кон Небеса го приведе,
Валент од чија уста Писмото Свето непрестано течеше,
Павле ревнител кој планина поместуваше,
Илија, Исаија, Еремија, Самоил и Данило,
браќа пет кои пред мачителот
опстоија мажествено, Селевкие и Теодул
кои Крст искусија, а Јулијан – тела нераспадливи
љубовно целиваше,
молете се вие кои пример сте за нас
на патот на спасението.


 

Извор МПЦ – ОА
Манастир Свети Јован Претеча Слепче



Тропар на
светиот Христов
преподобномаченик Роман
16 февруари / 1 март

Немоста за писмото човеково,
не ја спречи благодатта да го исполни срцето твое,
о свети мачениче Романе,
преподобието над смртта земна те возвиси,
каде ти од Христа Бога венец маченички доби,
чија светлина и денес нашите души ги милува,
тебе те чествува, и Господа го прославува.


 Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Православен календар за 29/01/03/2024/

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2024 лето Господово

Од Верскиот календар:

 

Светите Дванаесет маченици
што пострадаа во времето на Диоклецијан

Првиот од нив, Памфил, презвитер на Црквата во Кесарија Палестинска, човек учен и благочестив, го исправи текстот на Новиот Завет од грешки на различни препишувачи; самиот ја препишуваше оваа спасоносна книга и им ја даваше на оние што сакаа. Вториот беше ѓаконот Валент, стар според годините и белокос според мудроста. Беше одличен познавач на Светото Писмо и го знаеше речиси наизуст. Третиот беше Павле, маж чесен и угледен, кој еднаш порано беше фрлен во оган за Христа. Освен нив уште петмина браќа по тело и дух, родум од Мисир, се враќаа од осуда од рудникот Киликиски во својата татковина, но на портата од градот Кесарија изјавија дека се христијани, заради што ги изведоа на суд. На прашањето како се викаат, рекоа: „Незнабожечките имиња што ни ги даде мајка ни ги отфрливме и се нарековме Илија, Исаија, Еремија, Самуил и Даниил“. На прашањето од каде се, рекоа: „Од Горниот Ерусалим“. Сите беа убиени, а со нив пострада и момчето Порфириј, кое ги побара нивните тела за да ги погреба. Тие беа убиени со меч, а него го изгореа во оган. Уште и Селевкиј, кој пријде и ги бакна мачениците пред мечот да падне врз нивните глави. Пред ова Селевкиј беше офицер. И старецот Теодул, слуга на римскиот судија, бидејќи при погребната поворка бакна еден од мачениците. Најпосле и Јулијан, кој ги целиваше мртвите тела на мачениците и ги фалеше. И така дадоа мало за големо и евтино за скапоцено и смртно за бесмртно и се преселија кај Господ во 308 година.

 

Преподобниот маченик Роман

Прост и неписмен селанец од Карпенис. Кога дозна за славата и јунаштвото на Христовите маченици, а беше млад - и самиот посака мачеништво. Отиде во Солун и почна да Го фали Христа по улиците, а Мухамед да го нарекува празнословец. Турците жестоко го изнамачија, па му го продадоа на некој капетан на една галија. Христијаните го откупија од капетанот и го испратија на Света Гора, каде што Роман стана монах кај прочуениот Старец Акакиј. Но тој и понатаму беше желен за мачеништво за Христа. Со благослов на Старецот отиде во Цариград, се направи луд и почна да води куче по турските улици. На прашањето што прави, одговори дека го храни кучето како што христијаните ги хранат Турците. Турците го фрлија во сув бунар и таму помина четириесет дена без леб. Потоа го извадија и го заклаа. Од неговото тело три дена избиваше светлина. Еден Англичанец го зеде телото и го однесе во Англија. А еден монах натопи една крпа со крвта на маченикот. Па таа крпа и денес се чува во манастирот Дохијар. Овој славен Христов војник пострада во 1694 година.