ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ 

Тропар на светиот Христов
великомаченик Јаков
Персијанец
27 ноември /10 декември

Глас 4
Сите се восхитија на доблесното трпение,
кое ти многустрадален го покажа
во неискажливите страдања:
прекрасни благодарствени молитви вознесуваше кон Господа,
за секој дел кој од тебе беше отсечен.
Во страдањето твое венец примајќи,
се вознесе кон Престолот на Небесниот Цар Христос Господ,
о Јакове: Него моли го да ги спаси нашите души.

 

Извор МПЦ-ОА     


Православен календар за 10/12/2023

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2023 лето Господово

 Од Верскиот календар:

 Светиот маченик Јаков Персијанец

Роден е во персискиот град Елапа или Вилат, од христијански родители, воспитан во христијанската вера и оженет со христијанка. Персискиот цар Издигерд го засака Јаков заради неговата надареност и спретност и го направи прв благородник на својот дворец. Поласкан од царот, Јаков се опрелести и им принесе жртва на идолите на коишто царот им се поклонуваше. Кога слушнаа за ова, мајка му и жена му му напишаа прекорно писмо во коешто го оплакуваа како богоотпадник и душевен мртовец, молејќи го сепак при крајот на писмото да се покае и да Му се врати на Христа. Трогнат од ова писмо Јаков горко се покаја и одважно ја исповеда пред царот својата вера во Господ Христос. Разгневен царот го осуди на смрт, но со тоа што деловите на телото да му ги сечат еден по еден с ѐ додека не издивне. Џелатите буквално ја исполнија оваа заповед на нечестивиот цар и му ги отсекоа на Јаков најпрво прстите на рацете, па прстите на нозете, па нозете, па рацете, рамената и најпосле главата. При секое сечење маченикот најпрво Му оддаваше благодарност на Бога. Од неговите рани излегуваше благоухан мирис како од кипарис. Така овој прекрасен маж го покаја својот грев и се престави со душата пред својот Бог Христос, во Царството небесно. Пострада околу 400 година. Главата му се наоѓа во Рим, а дел од моштите во Португалија, каде што се празнува на 22 мај.